88/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 февруари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 84 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005).

2. Бранко Мушкарски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 84 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била спротивна на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот. Имено, работниот однос, согласно Законот за работните односи бил договорен однос помеѓу работодавачот и работникот и не можело една од страните во договорот со закон да биде овластен да ја казнува другата договорна страна и тоа со парична казна, поради неизвршување или несоодветно изввршување на договорните обврски, а сето тоа работодавачот го правел без било каква постапка за утврдување на вина и одговорност и без законски определен орган кој во име на работодавачот ја изрекувал казната.

Оспорената одредба била спротивна и на членовите 14 и 15 од Уставот од причини што казнивото дело требало да биде утврдено со закон и требало да се гарантира правото на жалба. Од оспорената одредба од законот не произлегувало дека работникот има право на жалба.

Поради изнесеното се бара Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 84 од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 84 од Законот, во зависност од степенот на одговорноста на работникот, условите под кои е направена повредата на работните обврски и на работниот ред и дисциплина, поранешната работа и однесување на работникот, тежината на повредата и нејзините последици, работодавачот може на работникот, наместо откажување на договорот за вработување да му изрече парична казна, која не може да биде поголема од 15% од последната исплатена месечна плата на работникот, во траење од еден до шест месеци.

4. Уставот на Република Македонија во делот на одредбите кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот ги утврдил економските, социјалните и културни права.

Во овој дел од Уставот, со членот 32 став 1 е определено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Според ставот 2 и ставот 3 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место и секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Во ставот 4 е определено дека секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор и од овие права вработените не можат да се откажат.

Со ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Во делот на одредбите на Уставот кои се однесуваат на гаранциите на основните слободи и права, со членот 51 е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 55 став 1 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото е една од основите на економските односи во Републиката.

Со одредбите од членот 57 и членот 58 од Уставот е определено дека Републиката го поттикнува економскиот напредок а сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Поаѓајќи од изнесените уставни определби за пазарното стопанство и положбата на сопственоста во организирањето на трудот и капиталот, произлегува дека во општествено-економскиот систем на Републиката работниот однос ги изгубил елементите од поранешниот систем на доброволен однос меѓу работникот и организацијата односно работодавачот заради вршење на работи и задачи со средствата во општествена сопственост и претставува договорен однос меѓу работникот и работодавачот заради вршење на определени работи и врз основа на договорниот – облигационен однос меѓу работникот и работодавачот настануваат права и обврски од моментот на склучувањето на договорот.

Законот за работните односи определил дека работните односи меѓу работниците и работодавачите се воспоставуваат со склучување на договор за вработување и дека работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Согласно членот 3, овој закон ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено.

Работниот однос може да престане само на начин и под услови утврдени со закон и колективен договор.

Во работниот однос секоја од страните е должна да ги исполнува пропишаните и договорените права, обврски и одговорности.

Во членот 12 став 1 од Законот е определено дека при склучувањето и престанувањето на договорот за вработување и во времетраењето на работниот однос работодавачот и работникот се должни да ги почитуваат одредбите на овој и други закони, меѓународните договори што ја обврзуваат Република Македонија и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот.

Според ставот 2 на овој член од Законот, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон.

Во ставот 3 е определено дека со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

Според ставот 4 на овој член од Законот, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или органичат со акти и дејствија на работодавачот.

Законот за работни односи во членот 13 го определил (дефинирал) договорот за вработување дека со него се заснива работен однос.

Според ставот 2 на овој член од Законот правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос и вклучување во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос, започнуваат да се остваруваат со денот на стапувањето на работникот на работа, договорени во договорот за вработување.

Според Судот, од анализата на изнесените законски одредби произлегува дека предмет на уредување на Законот се права и обврски од работен однос. Договорот кој се склучува помеѓу работодавачот и работникот за работниот однос, има карактер на правна работа помеѓу страните на договорот кој врз основа на Законот е лимитиран во однос на тоа дека нема помали права и обврски од оние утврдени со законот, но се допушта договорно зголемување на правата на работниците од работниот однос.

Оттука, со законот се пропишуваат а со договорот конкретно се уредуваат во согласност со законот, правата од работен однос.

Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби произлегува дека во основа концептот на Законот за работните односи ги поставил во овие рамки елементите на работниот однос, како во однос на правата и обврските кои се утврдуваат со закон така и во однос на нивното остварување кое се уредува со закон и со колективен договор.

Во членот 81 од Законот се утврдени случаите кога работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договор за вработување со отказен рок.

Законот за работни односи во Главата VII со наслов: „Откажување на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот“ во поднасловот „Откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски со отказен рок“ е поместена и оспорената одредба од членот 84 од Законот според која, во зависност од степенот на одговорноста на работникот, условите под кои е направена повредата на работните обврски и на работниот ред и дисциплина, поранешната работа и однесување на работникот, тежината на повредата и нејзините последици, работодавачот може на работникот наместо откажување на договорот за вработување да му изрече парична казна, која не може да биде поголема од 15% од последната исплатена месечна плата на работникот, во траење од еден до шест месеца.

Поаѓајќи од наводите во иницијативата, анализата на оспорената законска одредба како и членот 81 од Законот произлегува дека во однос на членот 81 посебно е уредено прашањето кога работодавачот може да го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување со отказен рок, особено ако не ги почитува работите набројани во овој член од Законот.

Во овој контекст со оспорената одредба од член 84 од Законот е предвидена можност за изрекување на парична казана, но само како замена на отказот од страна на работодавачот.

До ваква замена може да дојде зависно од степенот на одговорност на работникот, условите под кои е направена повредата на работните обврски, поранешната работа и однесувањето на работникот, како и тежината на повредата и нејзините последици. Сите овие елементи се земаат како олеснителни околности, кои ја овозможуваат замената на отказот со парична казна.

Со други зборови, согласно Законот за работните односи, работодавачот во случај на кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор и договор за работа, најпрво треба да донесе одлука за откажување на договорот за вработување, па дури тогаш така донесената одлука да ја замени со парична казна. Значи, паричната казна во конкретниот случај не се изрекува како самостојна мерка туку претставува една олеснителна околност за работникот, наместо да му престане работниот однос да може и понатаму да работи, но за кршењето на работниот ред и дисциплина … сепак се казнува согласно член 84 од Законот.

Според членот 85 од Законот, одлуката за откажување на договорот за вработување, односно одлуката за изрекување на парична казна задолжително се дава во писмена форма, со образложение на основот и причината за откажување на договорот за вработување, односно причината за изрекување на паричната казна со правна поука.

Надлежниот орган за изрекување на отказ на договорот за вработување и на паричната казна Законот за работните односи во членот 86 го предвидува работодавачот и од него овластен работник.

Од наведените законски одредби произлегува дека законодавецот во овие одредби ја пропишал постапката за изрекување на парична казна и правото на работникот да се жали во случај кога не се согласува со одлуката на работодавачот.

Оттука, Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата дека во законот не било определено кој орган ја води постапката за изрекување на парична казна и дека работникот нема право на приговор (жалба како што се наведува во иницијативата).

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 84 од Законот за работните односи со членовите 14 и 15 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.88/2007
13 февруари 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски