88/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 218 став 2 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Владимир Борнаров од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 218 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се повредувало начелото на двостепеност во постапката, што не било во согласност со член 15 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со ставот 1 на член 218 од Законот е предвидено работникот да има право на приговор против секое решение со кое се одлучува за неговите права и должности во врска со работниот однос во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, доколку со овој закон не е поинаку определено. Според став 2 на овој член од Законот, органте што го донел решението против кое е поднесен приговор е должен да ги разгледа наводите во приговорот и да донесе решение. Исто така, Судот утврди дека согласно ставот 3 на овој член од Законот решението што се донесува по повод поднесениот приговор е конечно.

4. Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања. Со член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Од наведените уставни одредби произлегува дека граѓаните имаат право на судска заштита на поединечните правни акти донесени, меѓу другите, и од управните органи.

Со оглед на тоа што оспорената одредба спаѓа во групата на одредбите со кои се регулираат прашањата за заштита на правата на работниците кои произлегуваат од нивниот работен однос во органот на управата и што овие права не се подведуваат под општите прописи кои се однесуваат на работниците во претпријатијата и другите правни лица, Судот оцени дека законодавецот предвидел посебен начин на нивно уредување. Со тоа што предвидел и императивна норма со која се задолжува органот што го донел решението, кое се однесува на некое право или обврска на работникот од работниот однос во органите на управата, да ги разгледа приговорите и да донесе ново решение по нив, Судот оцени дека и по овој вид на спорови е застапено начелото на двостепеноста во одлучувањето.

При заземањето на ваков став Судот имаше предвид дека решенијата со кои се одлучува за правата и должностите на работниците во врска со работниот однос во органите на управата се поединечни и конечни правни акти, и дека против тие решенија судската заштита е гарантирана во смисла на член 50 став 2 од Уставот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со член 15 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.