86/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на конкретните акти на Основниот суд во Гевгелија К.бр.56/2004, К.бр.129/2004 и К.бр.21/2005.

2. Невладината организација – Хуманитарно здружение “Правоверие” од Гевгелија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата, односно во нејзиното дополнително прецизирање се наведува дека со оспорените акти биле повредени човековите права и слободи загарантирани со Уставот на Република Македонија, законите на Република Македонија и Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Според подносителот на иницијативата, со оспорените акти исто така биле нарушени угледот и честа на невладината организација Хуманитарно здружение “Правоверие”, бидејќи биле донесени врз основа на “монтиран случај” и со овие акти биле сторени суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка, неправилно и нецелосно била утврдена фактичката состојба, повреден бил Кривичниот законик, како и одлуката за казната. Според подносителот на иницијативата, оспорените акти не биле во согласност со членовите 8, 9, 11, 12, 13, 20, 25 и 118 од Уставот на Република Македонија и членовите 2 став 1 и 3, член 5 став 2, член 6 став 1, член 14, член 15 став 1 и 2, член 20, член 25, член 30 од Законот за здруженија на граѓани и фондациии (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/1998) и членовите 11, 14, 13, 8, 6 и 41 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Подносителите на иницијативата исто така истакнуваат и оштетно побарување со барање да им го исплати Република Македонија, како и барање за разрешување на поименично наведени лица вработени во одредени институции кои се децидно наведени во иницијативата.

3. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според алинеја 3 на овој член, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со оглед на тоа, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на надлежните судови и органи, ниту пак, овој Суд има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапката и одлуките на судовите и другите органи по конкретни предмети на граѓаните.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Со оглед на тоа што подносителот на иницијативата бара Судот да ја оценува уставноста и законитоста на конкретните акти, Судот не е надлежен да одлучува по иницијативата.

4. Врз основа на изнесеното се одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.86/2005
22 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова