77/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 септември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работите и задачите при Централното основно училиште “Санде Штерјоски” во Кичево, донесен од Советот на 16 ноември 1993 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Манев Драги од Кичево му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што таа не била во согласност со член 24 став 1 точка 3 од Законот за енергетика.

3. На седницата Судот утврди дека во Правилникот за организација и систематизација член 26 точка 10 за работното место ложач е предвиден ВКВ ложач на течни горива, а во член 27 точка 8 е предвидено работно искуство од 2 години. Со измените извршени со оспорената одлука е предвидено за работното место ложач-квалификуван монтер за централно греење или котлар со работно искуство до 2 години и пробна работа од еден месец.

4. Според член 7 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93) работникот заснова работен однос ако ги исполнува посебните услови утврдени со закон, колективен договор и акт на работодавецот.

Според член 24 став 1 точка 3 од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/87, 42/88, 13/93 и 15/93) работите на ракување со енергетски објекти, уреди и постројки можат да ги вршат работници и тоа: “работник на ракување со котелски постројки кои рачно се ложат, котелски постројки за централно греење инсталирана мокност од 0,2 МВВ до 1 МВВ, 0,5 бари и температура на водата 110оС, клима постројки, уреди и техмиска подготовка на напојна коктелска и разладна вода преку 15м3 на час, уреди за полнење и со технички гасови, садови под притисок од прва и втора класа и уреди за сушење со моќност до 500 КЊ – може да ги врши работник кој има најмалку II степен стручна подготовка од енергетика, машинска, електро или техмиска струка, со работно искуство од најмалку 6 месеци на соодветно работно место и положен стручен испит.

Од изнесените одредби произлегува дека посебните услови за засновање на работен однос се утврдуваат со закон, колективен договор и акт на работодавецот во зависност од природата и карактерот на работата.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај во Правилникот за работно место ложач е предвидено КВ квалификација која се стекнува со III степен на образование, а законот предвидел II степен на образование, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со законот.

Врз основа на изенесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.