76/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на устав-носта на член 3 став 1 точка 4 и на член 14 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 3 став 1 точка 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата правните после-дици од осудата не можеле да настапуваат автоматски по сила на закон како што било пропишано во оспорената точка 4 на членот 3 од Законот, туку тоа можело да се прави само со правосилна судска одлука (член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија), односно казненоправниот однос се исцрпувал на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за неговиот сторител и натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на човекот и граѓанинот не биле допуштени, освен ако тоа не било изречно утврдено во Уставот (член 54 став 1). Освен тоа, правните последици од осудата не можеле да бидат трајни, како што било предвидено во оспорената точка. Така, според член 102 став 2 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се состоеле во забрана на стекнување на определени права траеле најдолго 10 години од денот на издржаната, простената или застарената казна, а согласно став 3 од овој член, со бришење на осудата престанувале правните последици од осудата.

Со тоа, оспорената точка не била во согласност со члено-вите 8 став 1 алинеја 3 и 4, 9, 13 став 1, 14 став 1, 51, 54 став 1 и 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, како и со член 6 точка 2 и член 7 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, како и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.210/2001 од 6 февруари 2002 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/2002) со која бил укинат членот 101 став 2 во делот “и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени” од Кривичниот законик.

Од исти причини подносителот на иницијативата смета дека била противуставна и точката 5 на член 3 како и оспорениот дел на членот 14 од Законот. Имено, ако согласно членот 13 став 1 од Уставот и членот 6 точка 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, лицето обвинето за казниво дело ќе се сметало за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, никако не можело да се условува приемот во државјанство на Република Македонија со водење на кривична постапка во Република Македонија и во државата чиј државјанин е.

При ова, требало да се има предвид дека во нашиот Кривичен законик немало кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија, па затоа оспорената точка 5 на член 3 и оспорениот дел на член 14 од Законот, во практиката не можеле да се применуваат.

Врз основа на изнесеното, предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на устав-носта на член 3 став 1 точка 4 и 5 и во делот на член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 3 став 1 од Законот, државјанство на Република Македонија со природување може да стекне странец кој лично поднел барање за прием во државјанство на Република Македонија, ако ги исполнува условите утврдени со Законот, меѓу другите, и тие од точките 4 и 5, според кои: во Република Македонија и во државата чиј државјанин е да не бил казнуван со казна затвор во траење од најмалку една година, за дела за кои се гони по службена должност и кои се казниви според прописите во Република Македонија (точка 4) и против него да не се води кривична постапка во Република Македонија и во државата чиј државјанин е (точка 5).

Согласно оспорениот член 14 од Законот, државјаните на другите републики на поранешната СФРЈ кои на 8 септември 1991 година имале пријавено живеалиште, до поднесувањето на барањето постојано живеат на територијата на Република Македонија и имаат вистинска и ефективна врска со Република Македонија можат да стекнат државјанство на Република Македонија ако во рок од 2 години по влегувањето во сила на овој закон поднесат барање, доколку против нив не се води кривична постапка во Република Македонија, за кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија и ги исполнуваат условите од член 7 став 1 точки 1 и 6 на овој закон.

5. Според член 29 став 1 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договор.

Согласно членот 4 од Уставот, е донесен Законот за државјанството на Република Македонија со кој според членот 1 став 1 се уредуваат начинот и условите за стекнување и престанување на државјанството на Република Македонија, утврдување на државјанството, надлежниот државен орган за решавање во овие случаи, докажување на државјанството и водење на евиденција на државјаните на Република Македонија.

Според членот 3 на овој закон, државјанството на Република Македонија се стекнува со потекло, раѓање на територијата на Република Македонија, природување и меѓународни договори.

Според член 7 став 1 од Законот (кој е изменет со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, државјанство на Република Македонија со природување може да стекне странец кој лично поднел барање за прием во државјанство на Република Македонија, ако ги исполнува условите утврдени со Законот.

Од напред наведените одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија дава можност законодавецот прашањата сврзани со државјанството да ги уреди со закон и дека странците ги имаат оние слободи и права кои државата еднострано ги определила за нив со закон или ги прифатила од двостран или повеќестран меѓународен правен акт, а не сите слободи и права што се предвидени за граѓаните на Република Македонија.

Оттука, определувањето во Законот за државјанство на одделни услови кои странец треба да ги исполни за да стане државјанин односно граѓанин на Република Македонија, како што е во конкретниов случај со оспорените одредби, според мислењето на Судот, не можат да се сметаат за несогласни со Уставот на Република Македонија.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 3 став 1 точка 4 и на оспорениот дел од членот 14 од Законот со одредбите од Уставот.

При одлучувањето по предметната иницијатива Судот ги имаше предвид и решенијата од Европската конвенција за државјанство (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2002).

Така, Европската конвенција за државјанство ратификувана од Собранието на Република Македонија на 18 февруари 2002 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2002), ги утврдува начелата и правилата во врска со државјанството на физич-ките лица и правилата во врска со регулирањето на воената обврска во случаите на повеќедржавјанство, со кои треба да се усогласи внатрешното законодавство на земјите потписнички.

Во членот 7 од Европската конвенција за државјанство е уредено губењето на државјанството еџ леге или на иницијатива на државата пристапничка.

Согласно точката 1 од овој член државата пристапничка во своето внатрешно законодавство не може да предвиди губење на нејзиното државјанство еџ леге или на иницијатива на земјата пристапничка освен во таксативно наброени случаеви, а меѓу другото како што е предвидено во потточката б) од точката 1 од членот 7 од Конвенцијата дека стекнување на државјанство на државата пристапничка по пат на измама, лажни податоци или прикривање на кој било релевантен факт што може да му се препише на барателот.

Значи, членот 7 се состои од листа на случаи во кои државјанството може да се изгуби автоматски со спроведувањето на законот (еџ леге) или по иницијатива на државата пристапничка која може да го одземе своето државјанство.

Одредбата е формулирана на негативен начин со цел да се нагалси дека до автоматско губење на државјанството или до губење на државјанството по иницијатива на државата – пристапничка не може да дојде освен ако се однесува на еден од случаите предвидени со овој член.

Од анализата на член 7 точката 1 потточка б од Конвенцијата произлегува дека измамите, лажните податоци или прикривањето на кој било релевантен факт мора да биде резултат на намерен акт или пропуст од страна на барателот кој претставувал битен фактор во стекнувањето на државјанство.

Во овој контекст, релевантен факт би бил на пример прикривање на друго државјанство, или во контекст на конкретниот случај “прикривање на осуда за сериозен престап”, кои доколку биле познати пред да се додели државјанството би довеле до одлука да се одбие доделување на државјанството.

Оттука, кога доделувањето на државјанство е резултат на несоодветното однесување според потточката б) државите се слободни да го поништат државјанството (губење) или да сметаат дека лицето никогаш не се стекнало со нивно државјанство (да го прогласат за ништавно – воид аб инитио).

Со тоа што државата за стекнување државјанство на странец го утврдила и условот утврден во точката 4 од член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, се постигнува тоа што уште на почетокот на постапката, а тоа е моментот на примањето на барањето, кога државата се запознава со релевантните факти кои се утврдени како услови за стекнување со државјанство, со што се обезбедува законско и ефикасно водење на постапката и е во функција на заштита на интересите на државата во смисла со македонско државјанство да не се стекнуваат лица со криминално досие.

Подносителот на иницијативата овие оспорени одредби од Законот ги спротивставува и на член 102 став 2 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996 и 80/1999), според кој правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго 10 години од денот на издржаната, простената или застарената казна, а согласно ставот 3 со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата.

Притоа, иако Уставниот суд не ја оценува меѓусебната согласност на законите, сепак имајќи го предвид изнесеното, а во контекст на наводите во иницијативата што се однесуваат на членот 3 точка 4 и делот од член 14 од Законот, утврди дека подносителот на иницијативата погрешно ја толкува оваа одредба од причини што во случајов не се работи за правни последици од осудата кои не можат да настапат по сила на закон, туку се работи за услови кои треба да ги исполнува странецот, како што погоре е образложено, за стекнување државјанство на Република Македонија со природување кои согласно Уставот на Република Македонија и Европската конвенција за државјанство ги утврдила државата со закон.

Според мислењето на Судот, од исти причини се неосно-вани и наводите во иницијати-вата дека оспорените одредби од Законот биле спротивни на: членот 6 став 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи со кој е утврдено дека секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин се додека неговата вина не се докаже по законски пат, член 7 од истата Конвенција според кој никој не може да биде осуден за дело сторено со сторување или пропуштање кое, според внатрешното или меѓународното право, во моментот на извршувањето не претставувало кривично дело, како и на ставот 2 од овој член според кој е утврдено дека овој член не влијае на пресудата или казната за лице кое е виновно за сторување или пропуштање, ако тоа дело во моментот на извршувањето претставувало кривично дело според општите правни начела признати од цивилизираните народи.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот, со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 4, 9, 13 став 1, 14 став 1, 51, 54 став 1 и 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

6. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорените одредби од член 3 став 1 точка 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, биле предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија, кој со Решение У.бр.18/2001 од 24 октомври 2001 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 7 став 1 точка 5 од Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.67/1992). Притоа, Судот утврди дека членот 7 став 1 точка 5 е всушност членот 3 став 1 точка 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за држав-јанството на Република Македонија. При донесување на ова решение, Судот утврдил дека странците ги имаат оние уставни слободи и права кои државата еднострано ги определила за нив со закон или ги прифатила со двостран или повеќестран меѓународен правен акт, а не сите слободи и права предвидени за граѓаните на Република Македонија.

Оттука, определувањето во Законот за државјанство услови кои странец треба да ги исполни за да стане државјанин односно граѓанин на Република Македонија, па и условот да не е во тек кривична постапка против него во одредени држави, не е во несогласност со уставните одредби.

Тргнувајќи од фактот дека за истата работа Судот веќе одлучил и не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи иницијативата во овој дел ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.76/2004
29 септември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова