75/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на
а) Одлука за донесување и усвојување на завршната сметка на Буџетот на општина Ново Село за 2002 година, донесена од Советот на општина Ново Село на 28 март 2003 година, и
б) Одлука за донесување и усвојување на завршната сметка на Буџетот на Фонодот за комунални дејности на општина Ново Село, донесена од Советот на општина Ново Село на 28 март 2003 година.
2. Кирил Чавков од Ново Село на Уставниот суд на Репу-блика Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата, оспорените акти биле донесени на незаконито закажана и одржана седница на Советот на општината Ново Село.
Бидејќи во постапката за донесување на оспорените акти биле сторени повреди на членовите 39 став 2 и 4 од Законот за локалната самоуправа, членот 42 од Статутот на Советот на општината Ново Село и членовите: 39, 46, 47, 48, 49 и 51 од Деловникот за работа на Советот на општината Ново Село, подносителот на иницијативата предлага поведување постапка за оценување на законитоста на оспорените акти.
Инаку, подносителот на иницијативата Кирил Чавков, ја поднесува иницијативата во својство на градоначалник на општината Ново Село.
3. Судот на седницата утврди дека според содржината на членот 1 од првооспорената Одлука, Советот на општината Ново Село ја донесува и усвојува завршната сметка на Буџетот на општината Ново Село за 2002 година.
Според содржината на членот 2 од истата Одлука, градоначалникот на Општината е задолжен да даде дополнителен извештај за потрошените средства на Буџетот.
Според содржината на членот 1 од второоспорената Одлука се донесува и усвојува завршната сметка на Буџетот на Фондот за комунални дејности на општината Ново Село за 2002 година.
Во двете оспорени одлуки е определено дека влегуваат во сила со денот на донесувањето, а ќе се објават во Службениот гласник на општината Ново Село.
Одлуките се донесени на седница на Советот на општината Ново Село одржана на 28 март 2003 година, немаат деловоден број и се потпишани од страна на Ванчо Златанов во својство на претседавач на седницата.
Судот, врз основа на обемната документација приложена кон иницијативата и документацијата доставена од страна на Советот на општината Ново Село, исто така, утврди дека во Советот на Општината постојат две спротиставени групи на членови на Советот, кои преземале паралелни дејстија насочени кон донесување на сега оспорените акти.
4. Според содржината на член 2 став 1 точка 2 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), ” прописи” се општи акти со кои советот го уредува вршењето на надлежностите пропишани со закон.
Во член 97 од истиот закон е предвидено дека до донесување на закон со кој ќе се уредат прашањата за финансирање на општините, финансирањето на општините ќе продолжи да се врши согласно со одредбите од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/1995) и Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/1993, 3/1994, 71/1996, 46/2000, 11/2001, 35/2001, 93/2001 и 46/2002).
Во член 65 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/1995) е предвидено дека приходите и трошоците на единицата на локалната самоуправа се утврдуваат со буџет. Изработката, донесувањето, измените и извршувањето на буџет се уредува со статут на единицата на локалната самоуправа во согласност со закон.
Во членот 29 од наведениот закон советот на единицата на локалната самоуправа, покрај другото, донесува буџет на единицата на локалната самоуправа и завршна сметка на буџетот.
Од наведените о дредби од Законот за локална самоуправа произлегува дека советот на единицата на локалната самоуправа донесува сопствен буџет кој претставува годишен план за финансирање на функциите на единицата на локалната самоуправа, а донесува и завршна сметка во која е даден преглед на наплатените приходи и извршените трошоци.
Според член 46 од Законот за буџетите, правата на корисниците на буџет за трошење на буџетот престануваат на 31 декември. Сите неплатени обврски на корисниците на буџетот од фискалната година ќе бидат повторно одобрени и предвидени во позиции во буџетот за следната фискална година. Одобраниот буџет за корисниците на буџетот важи до крајот на фискалната година. Неискористениот буџет на крајот на годината не се пренесува во наредната фискална година. Приходите наплатени по 31 декември на сметка на Буџетот се евидентираат како приходи на буџетот за следната фискална година.
Во членот 53 од Законот е предвидено дека завршните сметки на буџетот на единицата на локалната самоуправа се изготвуваат согласно со постапката пропишана за изготвување и извршување на Буџет на Републиката и фондовите. Завршните сметки на единицата на локалната самоуправа се приложуваат кон завршната сметка на Буџетот на Републиката. Завршната сметка на буџетот на единицата на локалната самоуправа ја донесува советот најдоцна до 15 март и истата се доставува до Министерството за финансии до 31 март.
Во член 54 од Законот е предвидено дека Министерството за финансии завршната сметка на Буџетот на Републиката по нејзиното утврдување од страна на Владата, ја доставува до Собранието на Република Македонија за донесување, заедно со завршните сметки на буџетите на единиците на локалната самоуправа и фондовите.
Во контекст на содржината на цитираните законски одредби, се утврди дека оспорените акти претставуваат прописи согласно член 2 став 1 точка 2 од Законот за локалната самоуправа, што сега е во сила, меѓутоа Судот не може да се впушти во оценување на законитоста на оспорените акти од причина што истите имаат времен карактер и престанале да важат со истекот на 2002 година, односно годината за која биле донесени.
Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уста вот и со законите.
По однос на наводите на подносителот на иницијативата дека оспорените акти не се во согласност со Статутот и Деловникот на Општината, Судот тргна од фактот дека оспорените одлуки, Статутот на Советот на општината Ново Село и Деловнико т за работа на Советот на општината Ново Село, се акти од ист правен ранг или подзаконски акти, а согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на актите од ист правен ранг.
5. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата, па врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Иго р Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.75/2003
17 март 2004 год.
С к о п ј е
мл/ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова