74/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи склучен на 30 декември 1997 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1998, 11/1998-исправка, 12/2000), продолжен со Спогодба за продолжување на важноста на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2003) и Спогодба за измени и дополнувања на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/2004).

2. Ангелина Јошевска од Битола и Македонскиот полициски синдикат застапуван од адвокатот Дељо Кадиев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 71 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во прво поднесената иницијатива со оспорениот член од Колективниот договор, на работниците во Министерството за внатрешни работи кои работеле на работи и работни задачи од членот 70 од Колективниот договор им се ограничувало, односно ускратувало правото на зголемена плата за работа подолга од полното работно време утврдено во членот 74 од Законот за работните односи, членот 72 од овој колективен договор и членот 35 од Општиот колективен договор. Поради тоа, со оспорената одредба овие работници се доведувале во нерамноправна положба во однос на работниците на кои тоа право им се исплатувало, што не било во согласност со уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Во тој контекст се наведува дека согласно Законот за работните односи, колективниот договор не смее да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права и понеповолни услови утврдени со закон, а со оспорениот член се вршело токму тоа со оглед на тоа што на одделни работници им се ускратувале правата утврдени со Уставот и Законот за работните односи.

Поради наведените причини подносителот на оваа иницијатива смета дека оспорениот член од означениот колективен договор е спротивен на Уставот и Законот за работните односи и предлага Судот да поведе постапка за оценување на неговата уставност и законитост во однос на членот 9 и членот 32 од Уставот и членот 74 од Законот за работните односи.

Скоро од истите причини членот 171 од Колективниот договор се оспорува и со второподнесената иницијатива, со тоа што со неа се оспорува само неговата законитост во однос на членовите 74 и 86 став 1 од Законот за работните односи и се предлага Судот да го поништи овој член од Колективниот договор заради отстранување на штетните последици од неговата примена.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 171 од Колективниот договор, одредбите од членот 72 на овој договор за работниците од членот 70 ќе се спроведуваат по обезбедување на дополнителни средства во Буџетот на Република Македонија.

Судот на седницата, исто така, утврди дека членот 171 од Колективниот договор, што сега се оспорува со овие иницијативи, веќе бил предмет на уставносудска оцена.

Имено, Судот со Решение У.бр.4/1998 од 8 април 1998 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, кој што со тогаш поднесената иницијатива бил оспорен во однос на членот 9 став 2 од Уставот и членовите 5 и 74 од Законот за работните односи.

Судот во тоа решение изразил став дека со оспорената одредба не се одземаат, ниту се ограничуваат правата на вработените, туку само се упатува, односно уредува дека за остварување на одредени права се потребни дополнителни средства и дека по обезбедувањето на тие средства нема да има пречка за остварување на правата во однос на зголемување на утврдената плата за работа подолга од полното работно време.

Еднаков став Судот изразил и во Решението У.бр.34/2002 од 24 април 2002 година со кое не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 171 од Колективниот договор во однос на членот 32 став 3 од Уставот и член 72 од Законот за внатрешни работи.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот дека оспорената одредба од Колективниот договор веќе била предмет на оцена на уставноста и законитоста пред Уставниот суд на Република Македонија, а со оглед дека при нејзината повторна оцена нема основ за поинакво одлучување, Судот одлучи иницијативите да ги отфрли согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.74/2004
У.бр.104/2004
29 септември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова