72/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 мај 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 31 став 1 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95).

2. Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определува наставата во основното образование да се остварува 180 денови (а точно толку работни денови има во периодот од 1 септември до 10 јуни наредната година, односно во една учебна година), што значело ограничување на уставно загарантираното право на штрајк во оваа дејност, поради што наведената законска одредба не била во согласност со член 38 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека оспорената законска одредба предвидува наставата во основното образование да се остварува во траење од 180, а за учениците од ВИИИ одделение 175 наставни денови. Притоа, одредбата е систематизирана во делот од Законот посветен на содржината и организацијата на воспитно-образовната дејност.

Оттука, произлегува дека оспорената одредба од Законот го определува времето потребно за остварување на наставата како форма на воспитание и образование на децата и дека не се однесува на прашања кои се во врска со правото на штрајк на вработените во основното образование.

4. Со оглед на тоа што иницијативата се однесува на законската норма од аспект од кој таа ништо не уредува, произлегува дека нема процесни претпоставки за оценување на член 31 став 1 од Законот од оспорениот аспект, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Доколку, пак, со иницијативата се бара оценување на законската одредба од аспект на нејзината примена при остварувањето на штрајк, и од тој аспект следува отфрлање бидејќи Уставниот суд нема надлежност во врска со примената на законските норми.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.72/98)