70/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 февруари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 6 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр. 53/2001 и 97/2001).

2. Михаил Георгиев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба била нецелосна затоа што како сопственици на градежното земјиште не биле предвидени и странските државјани под услов на реципроцитет.

3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот член 6 од Законот, градежно земјиште може да биде во сопственост на Република Македонија и на домашни физички и правни лица, под услови утврдени со овој и со друг закон.

4. Согласно член 29 став 1 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени во закон и меѓународни договори.

Согласно член 31 од Уставот, странско лице во Република Македонија може да стекнува право на сопственост под услови утврдени со закон.

Значи, уставотворецот упатува со закон да се определат условите под кои странско лице во Република Македонија ќе стекнува право на сопственост.

Со други зборови, на законодавецот му се дава полна слобода во определувањето на овој вид услови.

Така, во членот 2 од Законот за сопственост и други стварни права, право на сопственост, меѓу другите, можат да стекнуваат сите домашни и странски лица, под услови и на начин предвидени со овој и друг закон.

Значи, оваа одредба од Законот зборува за стекнување на сопственост на домашни и странски лица употребувајќи генусен поим домашни и странски лица (без да определи дали станува збор за физички или правни лица).

За определувањето, пак, на условите под кои овие странски лица ќе стекнуваат сопственост законот упатува на сопствените одредби и на одредби утврдени со друг закон.

Таква одредба е членот 240 од овој закон според кој одредбите од овој закон се применуваат и на странски физички и правни лица, освен ако со закон или меѓународен договор поинаку не е определено.

Одредбата е поконкретна бидејќи не зборува само за лица, туку за странски физички и правни лица.

Следната одредба од членот 241 од овој закон појаснува дека како странско физичко лице се смета она лице кое нема државјанство на Република Македонија, освен ако со закон не е поинаку определено.

Како странско правно лице, согласно ставот 2 на овој член од Законот се смета она правно лице кое има регистрирано седиште надвор од територијата на Република Македонија, освен ако со закон не е поинаку определено.

Значи, Уставот генерално му дава право на странското лице да стекнува сопственост со тоа што предвидува условите да се утврдат со закон.

Формулацијата, условите да се утврдат “со закон”, наведува на заклучок дека тоа може да се стори со еден, но и со повеќе закони.

Во тој контекст, Законот за сопственосно правни односи предвидел странските физички и правни лица да стекнуваат право на сопственост под истите услови како и домашните правни и физички лица, условувајќи го тоа со закон или со меѓународен договор да не биде поинаку определено.

Можноста за поинакво определување е содржана во Законот за наследување. Овој закон во членот 5 предвидува странските државјани во Република Македонија, да ги имаат истите наследни права како и државјаните на Република Македонија под услови на примена на начелото на реципроцитет.

Имено, во овој закон правото на наследување на странските државјани е условено со застапување на принципот на реципроцитет.

Имајќи ги предвид означените уставни и законски одредби, Судот оцени дека содржината на оспорената одредба од членот 6 од Законот за градежното земјиште, според која градежното земјиште може да биде во сопственост на Република Македонија и на домашни физички и правни лица, под услови утврдени со овој и друг закон, е согласна со Уставот на Република Македонија.

Според Судот, оваа одредба со предвидувањето можност условите за стекнување на сопственост да бидат утврдени и со друг закон, всушност укажува дека Законот за градежно земјиште не става точка за можноста за наследување од страна на странските државјани, туку упатува и на други закони кои го решаваат ова прашање.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека отсуството на одредбата за можноста за стекнување право на сопственост на странските физички и правни лица под услов да се примени начелото на реципроцитет во оспорениот член 6 од Законот за градежното земјиште, не го прави истиот несогласен со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Ст ојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.70/2002
19 февруари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов