69/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 85-а став 2 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 52/2002-пречистен текст, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005 и 35/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 85-а став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба според која висината на надоместокот на трошоците од ставот 1 на овој член и начинот на распределбата на надоместокот, ги пропишува министерот, не била во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членовите 33, 68 став 1 алинеја 3, 91 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Од содржината на оспорената законска одредба произлегувало дека законодавецот предвидел овластување на министерот да ја пропише висината на надоместокот на трошоците во постапката за нострификација врз основа на направените реални трошоци и начинот на распределбата на тој надоместок.

Меѓутоа, според подносителот на иницијативата во целината на Законот, како и во оспорената законска одредба недостасувале критериуми врз основа на кои надлежниот министер би ја определувал висината на надоместокот на трошоците во постапката за нострификација, ниту, пак, имало критериуми, што се подразбирало под „направени реални трошоци“.

Според тоа, оспорената законска одредба оставила можност за арбитрерност и мешање на извршената власт во законодавната власт, кои пак, во системот на поделбата на власта биле јасно разграничени.

Оттука, според иницијативата, овластувањето што произлегувало од оспорената одредба од законот немало уставна основа, со оглед на тоа што Законот за средното образование, не содржел параметри за утврдување на висината на надоместокот на трошоците во постапката за нострификација врз основа на направените реални трошоци, поради што оспорената законска одредба не била во согласност со наведените уставни одредби.

Врз основа на изнесеното се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 85-а став 2 од Законот за средното образование.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 85-а став 1 од Законот, надоместокот на трошоците во постапката за нострификација се утврдува врз основа на направените реални трошкови.

Според оспорениот став 2 на овој член од Законот, висината на надоместокот на трошоците од ставот 1 на овој член и начинот на распределбата на надоместокот, ги пропишува министерот.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за средното образование се уредува организација, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието (член 1).

Според членот 2 од Законот, во средното образование се остваруваат планови и програми за гимназиско и стручно образование. Средното образование се остварува во средни училишта кои се организираат како јавни училишта (државни и општински, односно училишта на Град Скопје) и приватни училишта.

Дејноста што се остварува во средното училиште е од јавен интерес и се врши како јавна служба.

Средното училиште има својство на правно лице и се запишува во Централниот регистар на Република Македонија.

Во Глава VIII „Нострификација и еквиваленција на свидетелства стекнати во странство“ е уредена и постапката за нострификација и признавање на еквиваленција на диплома или свидетелство стекнато во странство.

Така, согласно членот 78 став 1 од Законот, државјанин на Република Македонија кој во странство завршил средно образование или завршил одделна година од средното образование, има право да бара нострификација или признавање на еквиваленција во согласнот со овој закон, доколку со меѓународните договори не е поинаку определено.

Според ставот 2 на овој член од Законот, странски државјанин и лице без државјанство има право да бара нострификација или признавање на еквиваленција на свидетелство стекнато во странство.

Членот 79 од Законот утврдува дека под нострификација се подразбира признавање на свидетелство стекнато во странство, а под еквиваленција се подразбира изедначување на свидетелството стекнато во странство со свидетелство стекнато во Република Македонија.

Според ставот 2 од овој член од Законот нострификацијата, односно признавање на еквиваленција на свидетелство стекнато во странство врши Министерството.

Според членот 80 од Законот свидетелството стекнато во странство со извршената нострификација и со признавање на еквиваленција се изедначува со соодветно свидетелство изададно во Република Македонија.

Во членот 85 став 1 од Законот е утврдено дека решение за нострификација и решение за признавањето еквиваленција на свидетелството стекнато во странство донесува комисија составена од истакнати стручњаци што ја формира министерот, а во ставот 2 од овој член е утврдено дека против решението за одбивање на нострификација, односно еквиваленција, може да се поднесе жалба до надлежната комисија на Владата на Република Македонија.

Според членот 85-а став 1 од Законот, надоместокот на трошоците во постапката за нострификација се утврдува врз основа на направените реални трошоци.

Според оспорениот став 2 од овој член од Законот висината на надоместокот на трошоците од ставот 1 на овој член и начинот на распределбата на надоместокот, ги пропишува министерот.

Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека со Уставот точно и прецизно се дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.

Разгледувајќи го оспорениот став 2 на членот 85-а од Законот, во контекст на ставот 1 од овој член, произлегува дека законодавецот во ставот 1 на овој член од Законот веќе утврдил рамка за определување на висината на надоместокот на трошоците во постапката за нострификација, а тоа е дека наведената висина треба да е во рамките на направените реални трошоци. Тоа значи дека министерот за образование и наука при определување на висината на надоместокот на трошоците во постапката за нострификација задолжително треба да води сметка висината на овој надоместок да биде разумна и соодветна во рамките на тоа што значи реални трошоци.

Оттука, имајќи предвид дека за наведеното законско овластување на министерот за образование и наука со свој пропис да ја пропише висината на надоместокот на трошоците во постапката за нострификација, во Законот се пропишани критериуми, односно рамка, според Судот ова законско овластување на министерот утврдено во оспорениот член 85-а став 2 од Законот не може да се подведе под сомнение по однос на неговата согласност со Уставот.

Според тоа, Судот утврди дека оспорениот член 85-а став 2 од Законот за средното образование е во согласност со Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.69/2006
13 септември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи