Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 8 април 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА барањето Уставниот суд на Република Македонија да обезбеди правилна примена на Одлуката за определување на повисок износ на пензија на корисниците-просветни работници кои воспитно-образовната дејност ја вршеле во 1944 и 1945 година односно 1946 година и кои во таа дејност оствариле право на пензија, донесена од Собранието на СР Македонија на 25 март 1986 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива во која се наведува дека недослдно се применува одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што на дел од лицата наведени во неа им се исплатува повисок износ на пензија иако не го исполнувале условот воспитно-образовната дејност да ја вршеле во 1944, 1945 или 1946 година и во таа дејност да оствариле право на пензија.
3. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да ја оценува правилната примена на општите акти на Собранието, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.