64/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на

а. Одлуката за основање на Јавно претпријатие за комунален развој и патишта КРИП Инженеринг Делчево, бр.07-645 од 10 мај 2001 година, и

б. Одлуката за именување вршител на должноста директор на јавното претпријатие КРИП Инженеринг Делчево, бр. 07-1360 од 09 ноември 2001 година, двете донесени од Советот на Општина Делчево.

2. Илчо Илиев, градоначалник на Општина Делчево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение, затоа што истите не биле во согласност со Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 38/1996, 40/2003), Законот за локалната самоуправа (” Службен весник на Република Македонија” бр.52/1995) и Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/1993; 46/2000; 11/2001; 93/2001; 46/2002; 24/2003).

Според подносителот на иницијативата, Одлуката за основање на јавното претпријатие не била во согласност со членот 10 од Законот за јавните претпријатија поради тоа што истата не ги содржела сите елементи предвидени со оваа одредба, меѓу кои: дејноста; фирмата и седиштето, износот на средства за основање и начинот на нивното обезбедување, организацијата на јавното претпријатие, начинот на спроведување на одлуките на органите на јавното претпријатие, одговорноста на јавното претпријатие за обврските во јавниот промет со трети лица и рокот за донесување на статутот и именувањето на органите на јавното претпријатие. Освен тоа, именувањето вршител на должноста директор на јавното претпријатие и неговото овластување како потписник и застапник на ЈП не било во согласност со членот 43 алинеја 8 од Законот за локалната самоуправа. Според оваа одредба, градоначалникот управува со имотот на општината во согласност со статутот на единицата на локалната самоуправа. Во конкретниот случај, со именувањето на в.д. директорот на јавното претпријатие и неговото овластување за потписник и застапник на ЈП се ограничувало ова законско овластување на градоначалникот. Ова оттаму што приходите остварени од уредувањето на градежното земјиште, изградбата, реконструкција и одржувањето на локалните патишта и улици се приходи на општината, а градоначалникот немал можност да управува со приходите остварени на овој начин. Ваквото уредување било исто така и во несогласност со членовите 17, 18 и 19 од Законот за буџетите.

Одлуката за именување в.д. директор на Јавното претпријатие КРИП Инженеринг не била во согласност со членот 29 точка 7 од Законот за локалната самоуправа. Имено, Советот на општина Делчево го именувал в.д. директорот на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, а согласно оваа одредба правото на предлог го уживал само градоначалникот. Оваа одлука, исто така, иако била со временски ограничено важење, односно го овластувала именуваното лице да ја врши должноста директор на ЈП само шест месеци, сепак таа се уште произведувала правно дејство.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката означена во точката 1.а. од ова решение, содржи 7 члена во кои се утврдува седиштето на јавното претпријатие, целта поради која се основа (со цел да извршува работи од инфраструктурен и комунален карактер, кои се однесуваат на уредувањето и искористувањето на градежното земјиште во општина Делчево, јавното градско осветлување, изградбата, одржувањето и реконструкцијата на локалните патишта и улици во општина Делчево) и се именува лицето кое се овластува како вршител на должноста директор на претпријатието. Покрај тоа, се определува дека тој ќе треба да ги преземе сите неопходни дејствија за правилно основање и упис на јавното претпријатие во трговскиот регистар на Судот во Штип. Со членот 6 се предвидува дека со уписот на јавното претпријатие во трговскиот регистар, престанува да важи Одлуката за основање Фонд за комунален развој и патишта. Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на општина Делчево”.

Со Одлуката за именување на вршител на должноста директор во ЈП Крип Инженеринг, означена во точката 1.б. од ова решение, се именува лицето Миле Сугарев за вршител на должноста директор на ова јавно претпријатие за период од 6 месеци. Исто како и претходната одлука, и за оваа е предвидено да влезе во сила со денот на донесувањето, а да се објави во “Службен гласник на општина Делчево”.

4.Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на оспорените одлуки, Судот оцени дека се исполнети процесните претпоставки да ја отфрли иницијативата и во однос на двете оспорени одлуки. Имено, во однос на првооспорената Одлука, според мислењето на Судот се работи за акт на основање на јавното претпријатие КРИП Инженеринг. Како конститутивен акт на овој правен субјект, истиот не ги поседува елементите на општ акт, односно пропис кој би уредувал односи помеѓу неопределен број субјекти на општ начин.

Во вториот случај, Судот исто така оцени дека се работи за конкретен, поединечен акт со кој се врши именување на едно индивидуално лице за вршител на должноста директор на јавното претпријатие. Мислење на Судот е дека и во овој случај нема уставноправна основа да се впушти во мериторна оценка на законитоста на оспорениот акт на Советот на општина Делчево од причина што се работи за поединечен акт за кој Судот не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.64/2003
3 декември 2003 година
С к о п ј е
с.п/л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова
1