64/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 декември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 50 став (1) точка 2 од Законот за локалната самоуправа ( “ Службен весник на Република Македонија ” бр.5/2002 година).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означени во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, градоначалникот на општината не можел да ја контролира законитоста на прописите на советот на општината, какво што овластување му е утврдено во оспорената точка на член 50 од Законот, бидејќи за тоа постоеле други надлежни органи како што се Уставниот суд и министрството надлежно за вршење на работит е на локалната самоуправа, кое според членовите 70 и 71 од Законот го врши надзорот над законитоста на прописите на општината. Поради тоа подносителот смета дека оваа одредба од Законот не била во согласност со членовите 8 алинеја 3, 51,108 и 115 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 50 од Законот, покрај другите надлежности на градоначалникот, во оспорената точка 2 на ставот (1) на овој член е утврдено дека тој ја контролира законитоста на прописите на советот.
4. Во членот 8 алинејат а 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е утврден принципот на владеењето на правото.
Според членот 51 од Уставот, кој е поместен во делот за гаранциите на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во членот 108 од Уставот е утврдено дека Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.
И на крај во членот 115 став 2 од Уставот е утврдено дека општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.
При оценување на согласноста на оспорената законска одредба со наведените уставни одредби, Судот ги имаше предвид и следните одредби од Законот за локалната самоуправа, кои се тесно поврзани со оваа одредба и се од значење за разбирање на суштината на самата одредба.
Во таа смисла, по редослед, а не и по значење, прво би бил членот 2 став (1) точката 2 од Законот во кој се определува значењето на изразот “ прописи ” употребен во овој закон. Изразот “ прописи ” ги означува сите општи акти со кои советот го уредува вршењето на надлежностите на општината.
Според член 3 став (3) од Законот, прописите на општината се објавуваат пред да влезат во сила, а начинот на нивното објавување според ставот (4) на овој член се уредува со статутот.
Во членот 48 точката 3 од Законот е утврдено дека претседателот на советот ги потпишува прописите што ги донел советот и во рок од три дена на нивното донесување ги доставува на градоначалникот заради објавување.
Во членот 50 од Закон от една од таксативно утврдените надлежности на градоначалникот е тој да ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината. Исто така, помеѓу другите надлежности, во овој член е утврдено градоначалникот да иницира и да предлага донесување на прописи од надлежност на општината.
Понатаму, во ченот 51 од Законот кој се однесува на контролата на законитоста на прописите на советот на општината пред нивното објавување е утврдено следното:
Ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето (став1). Советот е должен во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот (1) на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него (став 2).
Ако советот го потврди прописот градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија (став 3 на член 51).
За иницијативата од ставот (3) на овој член градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа (став 4 на член 51).
Надзорот над законитоста на прописите на општината, според член 70 став 1 од Законот го врши министерството надлежно за вршење на работите на локалната самоуправа на начин и постапка утврдени во членот 71 од Законот.
Имено, според член 71 од Законот, градоначалникот е должен во рок од 10 дена од денот на нивното објавување, да ги достави прописите на општината до министерството надлежно за вршење на работите на локалната самоуправа. Доколку ова министерство смета дека прописот не е во согласност со Уставот и со закон, во рок од 45 дена од денот на доставувањето на прописот донесува решение за запирање на примената на прописот, со кое ги образложува и причините за запирање. Ова решение се објавува во “ Службен весник на Република Македонија ”.
Министерството, во рок од 30 дена од денот на објавувањето на решението, до Уставниот суд на Република Македонија поднесува иницијатива за оценување уставноста и законитоста на оспорениот пропис, а ако во овој рок не покрене постапка пред Уставниот суд престанува важноста на решението за запирање на примената на прописот и запрениот пропис станува извршен.
Од наведените законски одредби произлегува дека контролата на законитоста и надзорот над законитоста на прописите на советот на општината според Законот за локалната самоуправа меѓусебно битно се разликуваат, како во поглед на органот кој што е надлежен за нивно вршење, така и во поглед на содржината на овластувањата и начинот на нивното остварување.
Понатаму, од содржината на членот 51 од Законот, со кој всушност се врши операционализација, односно разработка на оспорената одредба од Законот, произлегува дека надлежноста на градоначалникот утврдена во оваа одредба првенствено се однесува на контролата на законитоста на прописите на советот пред нивното објавување, што не е слу?ај кај надзорот над законитоста над прописите што го врши министерството надлежно за работите на локалната самоуправа и кај заштитата на уставноста и законитоста на прописите на советот што ја врши Уставниот суд на Република Македонија.
Исто така, и одлуките, односно мерките што градоначалникот согласно член 51 од Законот може да ги донесе, односно преземе во рамките на остварувањето на оваа негова функција го немаат истотото значење и правно дејство како одлуките на ресорното министерство што тоа ги донесува при вршење на надзорот над законитоста, а најмалку како одлуките на Уставниот суд. Имено, решението за запирање на објавувањето на прописот за кој градоначалникот смета де ка не е во согласност со Уставот и законите од аспект на заштитата на уставноста и закнитоста има само превентивно значење, а иницијативата што градоначалникот може да ја поднесе до Уставниот суд, откако тој ќе го објави прописот, на што е должен доколку с оветот по разгледување на неговото решение го потврди прописот, е само иницијален акт за поведување постапка пред Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на прописот на советот на општината, за чија уставност и законитост единствено и во краен случај е надлежен да одлучува тој суд.
Врз основа на изнесеното Судот утврди дека контролата на законитоста на прописите на советот на општината која според член 50 став (1) точка 2 од Законот ја врши градоначалникот на општината во обем, содржина и постапка утврдена во членот 51 од Законот, е сосема различен институт од надзорот над законитоста на работата на општината од членот 115 од Уставот и заштитата на уставноста и законитоста, за која според член 108 од Уставот е надлежен Уставниот суд на Република Македонија, поради што оцени дека со оспорената одредба од Законот не се повредуваат наведените одредби од Уставот, односно дека нема колизија меѓу овластувањата на градоначалникот и овластувањата на ресорното министерство и Уставниот суд.
Од друга страна, надлежноста на градоначалникот да ја контролира законитоста на прописите на советот на општината, на начин и постапка утврдени во ?ленот 51 од Законот, е тесно поврзана со другите негови надлежности, односно функции утврдени во членот 50 од Законот, а пред сй со надлежностите на градоначалникот да иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на советот, да ги објавува прописите во службеното гласило на општината, да го обезбедува извршувањето на прописите и неговата одговорност за нивното извршување.
Во констелација на вакви односи сосема е логично и оправдано градоначалникот да е заинтересиран дали прописите што ги носи советот на општината се во согласност или не со законите и во тој поглед да има и активна улога, односно м ожност на соодветен на?ин да допринесува за почитување на начелото на уставноста и законитоста во работењето на советот, а со тоа истовремено и за остварување на владеењето на правото.
5. Од сите напред наведени причини, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 8 алинеја 3, член 51, член 108 и член 115 од Уставот, во однос на кои членови се оспорува нејзината уставност, поради што и одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р ЈосифТалевски.
У. бр. 64/2002
11 декември 2002 год.
Скопје
д.б.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов