63/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 април 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за комунални такси (член 3 став 1 точка 11) и Законот за данокот на додадена вредност (член 33) како и уставноста и законитоста на Тарифниот систем за измена и дополнување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија, Упатството на ЈП “Електростопанство на Македонија” за спроведување на унифицирано работење на комерцијалните служби во дистрибутивните подружници на ЈП “Електростопанство на Македонија”- Скопје.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на прописите – општи акти на ЈП “Електростопанство на Македонија” според кои со сметките за потрошена електрична енергија се плаќа 33,33% за ангажирана моќност; за манипулативен трошок; пресметан данок 5% и комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување. Иницијаторот смета дека оспорените давачки не спаѓале во рамките на електродистрибутивните услуги и дека не биле во согласност со Уставот и со Законот за енергетика, Законот за облигациони односи и Законот за комунални такси.

3. Судот на седницата утврди дека 33,33% од потроше-ната електрична енергија на име пресметковна моќ, се наплатува согласно член 1 од Тарифниот систем за измена и дополнување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 47/89).

Наплатата за манипулативни трошоци од 6 денари кои се додаваат како посебна ставка во сметките и фактурите за потрошена електрична енергија се врши согласно Упатството на ЈП “Електростопанство на Македонија” за спроведување на унифицирано работење на комерцијалните служби во дистрибутивните подружници на ЈП “Електростопанство на Македонија” – Скопје.

Комуналната такса за користење и одржување на јавното осветлување е воведена со Законот за комунални такси и истата се наплатува согласно Тарифата за комунални такси.

Данокот од 5% е воведен со Законот за данокот на додадена вредност. Согласно членот 30 став 1 точка 5 од овој закон, повластената даночна стапка од 5% се применува врз прометот и увозот на електрична енергија, мрк јаглен, камен и дрвен јаглен, брикети од јаглен, огревно дрво, брикети од дрво, мазут, гас, разладување и греење.

Според изнесеното акт на ЈП “Електростопанство на Македонија” е само Упатството врз основа на кое се наплатуваат манипулативните трошоци, додека другите оспорени давачки имаат свој основ во соодветните закони.

4. Судот, исто така, утврди дека Уставниот суд со решение У.бр. 118 / 86 од 8 јули 1986 г. го укина член 30 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија затоа што основот придонес за пресметковна моќ на електрична енергија се плаќа независно од стварно потрошената енергија. Откако е изменет овој член Судот со решение У.бр.12/90 од 23 Мај 1990 година не поведе постапка за оценување на неговата законитост, затоа што утврди дека со начинот на кој со изменетиот член се утврдува основниот придонес за пресметковната моќ на енергијата се обезбедува тој да се плаќа сразмерно на потрошената енергија (Квтч) што не е во несогласност со Законот за облигационите односи и со Законот за енергетика. Врз основа на оваа состојба, Судот подоцна со решение У.бр.109/99 од 16.06.99 год. отфрли иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на оспорениот акт како пресудена работа.

Судот со решение У.бр.150/2000 од 17 јануари 2001 година не поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Упатството за спроведување на унифицирано работење на комерцијалните служби во дистрибутивните подружници на ЈП “Електростопанство на Македонија”. Според Судот, наплатата на одреден износ денари како манипулативен трошок на претпријатието што дистрибуира електрична енергија е исклучиво во функција за покривање на трошоците за работа на претпријатието при изготвувањето на сметките на граѓаните за наплата на потрошената електрична енергија. Оттука наплатувањето на стварните трошоци за работа на претпријатието и тоа во фиксен износ за сите сметки и фактури не е во несогласност со Законот за облигационите односи, ниту пак со тоа се доведуваат граѓаните во нееднаква положба.

Со истото решение У.бр. 150/2000 од 17 јануари 2001 година, Уставниот суд на Република Македонија ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот на ЈП “Електростопанство на Македонија” со кој е воведена наплата за користење и одржување на јавното осветлување. При тоа Судот утврди дека ЈП “Електростопанство на Македонија” нема донесено посебен акт туку наплатата за користење и одржување на јавното осветлување ја врши согласно Законот за комуналните такси, каде што е утврдена обврската на граѓаните да ја плаќаат оваа јавна давачка. Оттука, имајќи предвид дека тарифата за користење и одржување на јавното осветлување е воведена со закон како јавна давачка, а Јавното претпријатие нема донесено посебен акт за воведување ваква давачка, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за постапување на Судот по иницијативата во делот што се однесува на актот на Јавното претпријатие со кој е воведена наплатата за користење и одржување на јавното осветлување.

5. Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста и законитоста на актите според кои се наплатува 33,33% од потрошената електрична енергија на име пресметковна моќ; манипулативните трошоци како посебна ставка во сметките и фактурите за потрошена електрична енергија; како и комуналната такса за користење и одржување на јавното осветлување, Судот одлучи дека иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Во врска со исплатата на данок од 5%, ЈП “Електро-стопанство на Македонија” нема донесено посебен акт туку исплатата ја врши согласно Законот за данокот на додадена вредност. Уставен основ за овој закон е членот 33 според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Имајќи предвид дека данокот од 5% е воведен со закон, како јавна давачка, а Јавното претпријатие нема донесено посебен акт Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за постапување на Судот и во овој дел од иницијативата поради што иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 63/2001
25 април 2001 година
Скопје
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов