62/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 3 јуни 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА предлогот за преиспитување на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.128/91 од 6 ноември 1991 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.57/91).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесен предлог за преиспитување на одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што при донесувањето на Одлуката на Уставниот суд не била позната Одлуката за воведување самопридонес на подрачјето на град Титов Велес и Месната заедница “Трпезица” и утврдување обврска на ОЗТ и другите организации и заедници од стопанството и нестопанските дејности од Општината Титов Велес за издвојување на дел од доходот на организациите и заедниците за решавање на водоснабдувањето преку изградба на објекти предвидени со програмата за изградба на хидросистемот “Лисиче” за водоснабдување, зачувување, заштита и унапредување на човековата животна и работна средина и околина, донесена од Собранието на Општина Титов Велес на 30 декември 1987 година (“Службен гласник на Општина Титов Велес” бр.3/88). Се смета дека доколку Судот ја имал предвид оваа одлука можел да одлучи поинаку, затоа што Собранието на Општина Титов Велес со оспорената одлука, всушност, сакало да изврши измени на таа одлука, а не на одлуката донесена на референдум на 4, 5 и 6 декември 1987 година (“Службен гласник на Општина Титов Велес” бр.7/87).
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука У.бр.128/91 од 6 ноември 1991 година, го укина член 1 став 6 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за воведување самопридонес во месните заедници во Титов Велес, за решавање на водоснабдувањето преку изградба на објекти предвидени со програмата за изградба на хидросистемот “Лисиче” за водоснабдување, зачувување, заштита и унапредување на човековата животна и работна средина и околина, донесена од Собранието на Општина Титов Велес на 11 јули 1991 година (“Службен гласник на Општина Титов Велес” бр.7/91), затоа што Собранието на Општина Титов Велес извршило измена на член 17 од Одлуката за воведување на самопридонес во Титов Велес, која била донесена од граѓаните на референдум во 1987 година (“Службен гласник на Општина Титов Велес” бр.7/87), со што спротивно на член 12 од Законот за основните начела на референдумот и другите облици на лично изјаснување (“Службен весник на СРМ” бр.19/79( ја повредило волјата на граѓаните изразена на референдумот.
При донесувањето на Одлуката Уставниот суд на Република Македонија со непосреден увид во текстовите на одлуките и на јавната расправа, како непосредна фактичка состојба утврди дека со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за воведување на самопридонес во Титов Велес, донесена од Собранието на Општината на 11 јуни 1991 година, чии делови Судот ги укина, се извршени измени токму на Одлуката за воведување на самопридонесот (“Службен гласник на Општина Титов Велес” бр.7/87), што е донесена на референдум одржан во декември 1987 година, а не на одлуката донесена од Собранието на Општината на 30 декември 1987 година.
4. Разгледувајќи ја Одлуката за воведување на самопридонес во Титов Велес, што Собранието на Општината ја истакнува како основ за преиспитување на Одлуката на Уставниот суд,Судот утврди дека таа нема влијание врз фактичката состојба што Судот ја утврди, иако во поголемиот дел содржи истоветни одредби како и одлуката за воведување на самопридонес, што била донесена на референдум. Судот не го прифати наводот во предлогот на Собранието на Општината дека предмет на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за воведување на самопридонесот била Одлуката на Собранието од 30 декември 1987 година (“Службен гласник на Општина Титов Велес” бр.3/88), а не одлуката донесена со референдум (“Службен гласник на Општина Титов Велес” бр.7/87), затоа што во неа изрично е предвидено дека се изменува и дополнува Одлуката за воведување на самопридонес, донесена со референдум во 1987 година.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.