6/2007-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста во целина и посебно на член 9 став 2 и член 14 од Колективниот договор дел за плати, други права по основ на плата и надоместоци на плата на ниво на работодавец (ЈЗУ УКЦС), склучен помеѓу Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија (заедно со Синдикалната здравствена установа Универзитетски клинички центар Скопје) и Управниот одбор на Јавната здравствена установа – Универзитетски клинички центар Скопје, број 0101-78 и број 0101-5283/1 од 26 јуни 2006 година.

2. Стамен Филипов, од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијати­вата, во оспорениот колективен договор немало одредби за висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надоместокот на трошоци поврзани со работата, со што се повредувал членот 113 став 3 од Законот за работните односи; немало одредби со кои би било предвидено кои лица ги обврзува овој договор, со што се повредувал членот 208 од Законот за работните односи; не биле назначени лицата и подрачјето на кое тој ќе се применува, со што бил повреден членот 224 од Законот за работните односи; немало одредби за отказниот рок и постапка за откажување, изменување и дополнување на истиот, со што се повредувал членот 229 став 1 од Законот за работните односи.

Понатаму се наведува дека учесниците во склучувањето на овој договор не преговарале, со што се повредувал членот 210 став 2 од Законот за работните односи. Исто така, не бил образуван одбор за преговори, што било обврска согласно член 219 став 2 од Законот за работните односи, со оглед дека во склучувањето на оспорениот колективен договор учествувале повеќе синдикати – Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија и Синдикалната здравствена установа Универзитетски клинички центар Скопје. Освен тоа, Колективниот договор, согласно член 220 од Законот за работните односи можел да го склучи само репрезентативниот синдикат кај работодавачот, а не и двата синдиката кои биле потписници на овој договор.

Исто така, се наведува дека претставниците на наведените синдикати и претседателот на Управниот одбор на Јавната здравствена установа – Универзитетски клинички центар Скопје немале ниту потребни овластувања од своите органи за склучување на Колективниот договор, со што се повредувал членот 222 од Законот за работните односи.

Освен тоа, се наведува дека претседателот на Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија неовластено го потпишал овој колективен договор, затоа што според член 58 алинеја 2 од Статутот на Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија, советот на овој синдикат утврдувал колективни договори и се грижел за нивна реализација, а не претседателот на синдикатот, како што било случај со овој колективен договор. Исто така, се наведува дека наведениот Самостоен синдикат и неговиот претседател го потпишале Колективниот договор во време кога немале легитимитет, бидејќи мандатот од четири години им изминал на 17/18. 03. 2006 година

Поради напред наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот колективен договор во целина се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3, како и член 32 став 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија и член 1 став 2 и напред наведените одредби од Законот за работните односи.

Понатаму во иницијативата се наведува дека одредбата од член 9 став 2 од оспорениот колективен договор не била во согласност со членот 32 став 3 и 5 од Уставот и член 107 од Законот за работните односи, затоа што наместо со закон и колективен договор, предвидувала најниската плата да се утврдува со посебна спогодба склучена помеѓу министерот за здравство и Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија.

Одредбата од членот 14 на Колективниот договор се оспорува затоа што при нормирањето на коефициентите за платите извршено со оваа одредба, не биле почитувани условите и критериумите утврдени со Законот за работните односи и Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија. Имено, коефициентите биле нормирани без критериум, при што се одело да се обезбедат само докторите и професорите, а на штета на сите други вработени. Така, на професорите им била утврдена најголема квота на пари, а кај другите било дадено само минимален процент, дури навредлив, а на некои групи пак не им било дадено ништо.

Согласно наведеното, со оспорениот член 14 се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 3 и 5 и член 51 од Уставот, член 6 и 7 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, член 4 од Европската социјална повелба и членовите 105 став 3, 106, 107 и 108 од Законот за работните односи.

Врз основа на напред наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот колективен договор во целина и посебно на член 9 став 2 и член 14.

3. Судот на седницата утврди дека на 26 јуни 2006 година е склучен поединечен колективен договор на ниво на работодавач (ЈЗУ УКЦС), помеѓу Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија (заедно со Синдикалната организација при Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје) и Јавната здравствена установа – Универзитетски клинички центар Скопје, со кој се одредуваат платите, другите примања по основ на плата и надоместоците на плата на работниците во Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар-Скопје.

Колективниот договор има 51 член, распоредени во пет тематски целини, и тоа: Основни одредби; Плати; Надоместоци на плата; Други примања и Преодни и завршни одредби.

Во делот на Основните одредби (член 1 до член 5) се определува содржината на договорот и дека истиот се однесува на работниците во Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје ( во натамошниот текст: ЈЗУ УКЦС), се определуваат компонентите кои ја определуваат платата, се дефинираат поимите „работодавач“ и „ работник“ во смисла на овој договор, како и одделни изрази употребени во овој договор („работен однос“, „повозрасни работници“, „работник-инвалид“, „помал работодавач“).

Во делот на Плати (член 6 до член 26) се утврдува правото на работникот на плата обезбедена од средствата на работодавачот сразмерно на извршената работа, според бројот и видовите на извршените здравствени услуги и остварените средства од извршените услуги, како и од придонесот на работникот во создавањето на добивката, во согласност со условите и критериумите утврдени со закон и овој колективен договор; се определува платата за извршена работа, која не може да биде пониска од најниската плата утврдена за одделни степени на сложеност, во која смисла се определува како се утврдува најниската плата за најнизок степен на сложеност и се утврдуваат коефициентите за одделни степени на сложеност; се определува платата по основ на услови за работа; се определуваат додатоците и надоместоците на плата; се определува платата по основ на раководење и одговорност и се утврдуваат други права по основ на плката ( во случаи на времено распоредување, преквалификација, доквалификација, намалена работна способност осд старост и истоштеност, иновации, приправнички стаж).

Во делот на Надоместоци на плата (член 27 до 29) се утврдуваат надоместоците на плата за време на: годишен одмор, празници, отсуство од работа, стручно оспособување и усовршување, чекање на работа и други случаи утврдени со општ акт на организацијата.

Во делот на Други примања (член 30 до член 41) се утврдуваат другите примања на работникот ( регрес за исхрана, регрес за годишен одмор, отпремнина при заминување во пензија, дневници за службени патувања, надоместок за одвоен живот, надоместок на трошоци за превоз, испратнина во случај на отказ на договорот за вработување од деловни причини, парична помош во случај на смрт, трошоци за селење за службени потреби).

Во делот на Преодни и завршни одредби (член 42 до член 51) се утврдува времето на важење на овој договор, начинот на решавање на спорните прашања меѓу учесниците, постапка за изменување и дополнување на договорот, се определува органот надлежен за толкување на одредбите од договорот, се определува најниската плата според која ќе биде пресметувана платата согласно договорот, како и се утврдува дека договорот влегува во сила со денот на неговото потпишување, односно објавување на огласна табла кај потписниците.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од истиот член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5, оставрувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005), со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Согласно член 105 став 1 од овој закон, работникот има право на заработувачка-плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување. Според ставот 3 на истиот член, платата е составена од основна плата, дел од платата за работна успешност и додатоци, ако со друг закон поинаку не е определено.

Основната плата, согласно член 106 став 1 од Законот, се определува земајќи ги предвид барањата на работното место за кое работникот го склучил договорот за вработување. Работната успешност на работникот, согласно став 2 на истиот член, се определува земајќи ги предвид домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата, за којашто работникот го склучил договорот за вработување, а додатоците се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, продолжена работа, работа во недела, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж.

Според член 107 од овој закон, платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од најниската плата утврдена според закон и колективен договор.

Согласно член 203 од истиот закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка и поединечен на ниво на работодавач.

Општиот колективен договор, согласно член 205 од овој закон, се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението. Колективниот договор на ниво на гранка се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението.

Според член 206 од истиот закон, со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи. Правните норми содржани во колективниот договор се применуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во согласност со одредбите на овој договор, се применува колективниот договор.

Согласно член 207 од истиот закон, лицата кои според овој закон можат да бидат страна на колективниот договор, се должни со добра волја да преговараат за склучување на колективен договор во врска со прашањата кои според овој закон можат да бидат предмет на колективниот договор.

Според член 210 од Законот, колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Согласно член 212 став 1 од Законот за работните односи, како репрезентативен синдикат за склучување колективен договор кај работодавачот се смета синдикатот во кој се зачленети најмалку 33% од работниците кај работодавачот или синдикатот кој е член на репрезентативниот синдикат на повисоко ниво на организирање.

Според член 220 од истиот закон, поединечен колективен договор за јавните претпријатија и јавните установи склучуваат основачот или органот кој тој ќе го овласти и репрезентативниот синдикат кај работодавачот.

5. Видно од доставената документација за постапката водена при склучување на наведениот колективен договор, произлегува дека Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија го сочинуваат четири синдикални организации, и тоа: синдикалните организации на ЈЗО Клинички центар Скопје, ЈЗО Стоматолошки клинички центар Скопје, ЈЗО Клиника за максилофацијална хирургија и ЈЗО Институт за белодробни заболувања и туберкулоза Скопје.

Од увид во доставениот колективен договор и заверката на истиот (договорот е заверен со штембил на Јавната здравствена организација Универзитетски клинички центар и со штембил на Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија) , произлегува дека Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија е репрезентативниот синдикат кој го склучил колективниот договор за платите, другите примања по основ на плата и надоместоци на плата на работниците во ЈЗУ Универзитетски клинички центар, а Синдикалната организација при ЈЗУ УКЦ Скопје, учествувала во водењето на преговорите, но не како репрезентативен синдикат, туку како дел од Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија.

Оттука, според Судот, наводите во иницијативата дека во склучувањето на Колективниот договор учествувале два репрезентативни синдиката и дека истите, согласно член 219 став 2 од Законот за работните односи, биле должни да образуваат одбор за преговори, а тоа не го сториле, се неосновани.

Понатаму, од увидот во доставената документација кон Колективниот договор, произлегува дека Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија и Синдикалната организација Клинички центар Скопје формирале трочлена комисија за преговори и издале писмени полномошна на три лица да преговараат при изготвувањето и склучувањето на колективниот договор и на ниво на гранка и на ниво на работодавец, односно на ниво на ЈЗО Клинички центар Скопје. Оттука, Судот оцени дека наводите во иницијативата за тоа дека учесниците во склучувањето на Колективниот договор немале полномошна за колективно преговарање, односно не преговарале, со што се повредувале одредбите на член 210 став 2 и член 222 од Законот за работните односи, се неосновани

Во името на Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија, како договорна страна при склучувањето на Колективниот договор, договорот е потпишан од претседателотна овој синдикат, кој имал полномошно за преговарање и склучување на Колективниот договор, поради што Судот оцени дека наводите во иницијативата дека тој го потпишал договорот неовластено, се неосновани.

Договорот е потпишан и од претседателот на Синдикалната организација при ЈЗУ УКЦ Скопје. Меѓутоа, имајќи предвид дека оваа синдикална организација учествувала во водењето на преговорите како дел од Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија, а не како репрезентативен синдикат, Судот оцени дека е ирелевантно за валидноста на договорот дали претседателот на оваа синдикална организација имал мислење – согласност за потпишување на договорот, како што се наведува во иницијативата.

6. Од увидот во содржината на Колективниот договор, Судот констатира дека во Колективниот договор постојат одредби со кои недвосмислено се определуваат лицата и подрачјето на кое ќе се применува колективниот договор (дел Основни одредби), дека се утврдени другите примања на работникот (дел Други примања) и дека постојат одредби со кои се утврдува времето на важење на овој договор, начинот на решавање на спорните прашања меѓу учесниците, постапка за изменување и дополнување на договорот (дел Преодни и завршни одредби).

Поради тоа, Судот оцени дека наводите во иницијативата дека Колективниот договор немал одредби со кои се предвидувало кои лица ги обврзувал овој договор, дека не содржел одредби за висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надоместокот на трошоци поврзани со работата, како и дека не содржел одредби за отказниот рок и постапката за откажување, изменување и дополнување на истиот, како прашања кои треба да бидат уредени со колективен договор на ниво на работодавач, се неосновани, поради што не изрази сомневање за согласноста на Колективниот договор со одредбите на член член 113 став 3, член 208, член 224 и член 229 став 1 од Законот за работните односи.

7. Од увидот во документацијата за донесување на Колективниот договор, Судот констатира дека во иницијативата погрешно се коментира членот 9 став 2 од Колективниот договор, без притоа да се има предвид дека со Одлука на Управниот одбор на ЈЗУ УКЦС, донесена по повод писмен предлог доставен од Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар, бр. 0201-922/1 од 26.01.2007 година, направена е исправка во ставот 2 на овој член, така што зборовите: „на Универзитетски клинички центар и други здравствени организации на Република Македонија“ се заменети со зборовите: „за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија“.

При вака утврдена фактичка состојба, произлегува дека во членот 9 став 1 од Колективниот договор се регулира дека најниската плата за најнизок степен на сложеност месечно ја утврдуваат и објавуваат учесниците на овој колективен договор, најмалку еднаш квартално. Согласно ставот 2 на истиот член, најниската плата се утврдува со посебна Спогодба склучена помеѓу министерот за здравство и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија.

Од анализата на наведената регулатива произлегува дека најниската плата за најнизок степен на сложеност ја утврдуваат и објавуваат учесниците на овој колективен договор, а најниската плата во дејноста здравство се утврдува со посебна Спогодба склучена помеѓу министерот за здравство и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија. Во оваа смисла, со членот 50 став 2 од Колективниот договор (кој се наоѓа во делот на Преодни и завршни одредби) се утврдува дека најниската цена на трудот-најниската плата според член 9 став 2 од овој договор, ќе биде пресметувана според одредбите од потпишаната Спогодба за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ број 69/2006 година.

Врз основа на наведеното, според Судот, оспорената одредба во ставот 2 на членот 9 од Колективниот договор е упатна норма за потписниците на овој Колективен договор при месечното пресметување на најниската плата за најнизок степен на сложеност, во смисла дека најниската плата што тие ја определуваат не може да биде пониска од најниската плата во дејноста здравство. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се изрази сомневање за согласноста на оспорената одредба од Колективниот договор со член 32 став 3 и 5 од Уставот на Република Македонија и со член 107 од Законот за работните односи.

8. Со оспорениот член 14 од овој колективен договор, се утврдува дека најниската плата за одделни степени на сложеност се утврдува така што најниската плата за најнизок степен на сложеност се множи со коефициентите за одделни степени на сложеност. Како степен на сложеност утврден според степенот на образование во смисла на овој колективен договор се вреднува степенот на образование утврден како услов во актот за организација и систематизација на работните места кај работодавачот. Притоа, во овој член се утврдуваат поединечните работи, односно занимања во ЈЗУ Универзитетски клинички центар и се класифицираат во пет групи на сложеност.

Определувањето на конкретниот коефициент на сложеност за секое работно место, според Судот, претставува право и обврска на страните надлежни за склучување на Колективниот договор, кои имаат законска обврска за меѓусебно преговарање заради уредување на правата и обврските на договорните страни. Преку коефициентите на сложеност се изразуваат потребите, барањата и карактерот на Јавната здравствената установа Универзитетски клинички центар.

Оттука, наводите во иницијативата дека во сите гранки на сложеност требало да има одредено покачување на платата во однос на претходно важечките одредби на гранковиот колективен договор кој се применувал во Клиничкиот центар, а дека наместо тоа со Колективниот договор биле обезбедени само докторите и професорите, на штета на сите други вработени, не може да претставуваат основ за изразување на сомневање во уставноста и законитоста на оспорените одредби. Ова од причина што правото на плата на работникот се уредува со закон и со колективни договори, а видно од содржината на овој колективен договор, платата на вработените во ЈЗУ Универзитетски клинички центар се пресметува во согласност со одредбите на членовите 105 и 106 од Законот за работните односи. Определувањето пак на коефициентите на сложеност од кои зависи висината на платата на вработените, е фактичко прашање кое го утврдуваат договорните страни при колективното преговарање и за кое Судот не е надлежен да одлучува.

Поради наведеното Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 14 од Колективниот договор со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 3 и 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија, како и член 105 став 3, член 106, член 107 и член 108 од Законот за работните односи.

Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Поради тоа, Судот не се впушти во оцена на согласноста на оспорениот член 14 од Колективниот договор со член 6 и 7 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и член 4 од Европската социјална повелба, на што се повикува иницијативата.

9. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.6/2007
11 април 2007 година

С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи