6/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1998 и 44/2002).

2. Миливој Мицевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 141 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот за парнична постапка не била во согласност со Уставот, Законот за судовите, Законот за судските такси и со одредби од самиот Закон за парничната постапка. Имено, со оспорената законска одредба било предвидено дека судот нема да постапува по тужба, ниту да преземе друго дејствие за кои не е платена судска такса, меѓутоа со тоа се ограничувале слободите и правата на човекот и граѓанинот кои можеле да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и ограничувањето нее можело да биде дискриминаторско по основ на имотната положба, согласно членот 54 став 1 и 3 од Уставот. Потоа, со законите било определено дека секој имал право на законито, непристрасно, чесно и во разумен рок судење и никому не можело да му биде ограничен пристапот пред судовите поради недостиг на материјални средства, а недоволно платената или неплатена такса не го задржувала текот на судската постапка. Исто така, со членот 1 од Законот за парничната постапка како предмет на уредување со овој закон биле определени само правилата на постапката врз основа на кои судот расправал и одлучувал во споровите, а не било предвидено уредување на прашање за плаќање на судските такси, кое е уредено со друг закон, па оттука оспорената одредба била во спротивност со наведените закони и со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 141 став 2 од Законот за парничната постапка е предвидено дека судот нема да постапува по тужба, ниту да преземе друго дејствие за кои не е платена судска такса.

4. Судот, исто така утврди дека ја оценувал уставноста на оспорената одредба и со Решение У.бр.221/1998 и У.бр.10/1999 од 24 февруари 1999 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка, а по предметите У.бр.52/1999, У.бр.110/1999, У.бр.118/2001, У.бр.63/2003 и У.бр.20/2004, ги отфрлил иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот член со образложение дека Судот ја оценувал неговата уставност и притоа не нашол основ за поинакво одлучување.

Со решението за неповедување на постапка Судот изразил став дека со оглед на фактот што обврската за плаќање на судски такси е востановена со Законот за судски такси, со оспорената одредба не се создавала нееднаквост на граѓаните по основ на нивната имотна состојба при остварувањето и заштитата на со Устав утврдените слободи и права пред судовите, затоа што оваа одредба според својата формулација и нормативна содржина е единствена за сите граѓани како и односот на судот кон сите граѓани кои не ја платиле судската такса за тужба или друго дејствие што треба да го презема судот, без оглед на нивната имотна положба.

Судот, исто така ги имал предвид и условите и начинот на ослободување од плаќање на судски такси во случај кога странката не е во состојба да ги плати, со што се обезбедувала достапноста на судската заштита независно од материјалната состојба на граѓаните, поради што оценил дека членот 141 став 2 од Законот за парничната постапка не е во несогласност со Уставот.

5. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

6. Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста на оспорениот член, а по повод поднесената иницијатива не наоѓа основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.6/2005
6 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова