6/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 34 став 2, 35, 36, 196 и 197 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членовите 17, 33 став 1, 50, 105 и 147 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Републичкиот одбор на Сојузот на пензионерите на Македонија и Републичкиот одбор на сојузот на борците на Македонија, Дочка Меновиќ од Скопје и Џајкоски Ѓорѓи од Битола му поднесоа иницијативи за оценување уставноста на одредбите од: членовите 34 став 2 и 35 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што го овластувале Фондот на пензиското и инвалидско осигурување да го определува најнискиот износ на старосната пензија со што му пренесувале дел од законодавната власт, што не било во согласност со Уставот, членот 36 затоа што го ограничувал највисокиот износ на пензија за разлика од Законот за исплата на платите кој не предвидувал ограничување на нивната висина, со што се повреднувало уставното начело на еднаквоста; членовите 196 и 197 затоа што од нивната содржина произлегувало дека Законот има поврано дејство со што се задирало во стекнатите права и борците учесници во НОВ, ЕЛАС и НОДЕМ и на воените осигуреници, што не било во согласност со Уставот; членот 147 став 1 затоа што предвидувал пензијата и другите парични надоместоци да се исплатуваат наназад, што не било во согласност со Уставот и членовите 17, 33 став 1, 50 и 105 затоа што текстот во нив не бил рационализиран.

4. На седницата Судот утврди дека согласно членот 34 став 2 од Законот најнискиот износ на старосната пензија го определува Фондот со општ акт, од просечната плата остварена во Републиката во претходната година и дека согласно член 35 од овој закон реализирањето на правото на осигуреникот кој остварува дел од пензијата според меѓународен договор се поврзува со најнискиот износ на старосната пензија што ја определува Фондот со општ акт.

Согласно член 34 став 1 од Уставот на Република Македонија, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор. Според член 35 од Уставот Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност.

Од наведените одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија не ги утврдува ниту видовите права што се стекнуваат со социјалното осигурување, ниту принципите врз кои се заснова нивното стекнување и користење, односно дека Законот има широк простор во уредувањето на сите релевантни односи поврзани со стекнувањето и користењето на правата од социјалното осигурување.

Исто така, од наведените одредби произлегува дека со Уставот на Република Македонија не се определуваат поблиску принципите на кои се заснова социјалното осигурување како начин на обезбедуање на социјалната сигурност на граѓаните, поради што условите за стекнување и користење на правата што произлегуваат од социјалното осигурување, меѓу кои и правото на пензија, е оставено да се уредат со закон.

Имајќи го предвид изнесеното, пред Судот како спорно се постави прашањето дали утврдувањето на износот на пензијата треба да се врши само со закон или, пак, може да се врши и со општ акт на Фондот.

Притоа, Судот утврди дека општиот акт на Фондот со кој се определува најниската граница на старосната пензија изворно не ги уредува условите што осигуреникот треба да ги исполнува за здобивање со правото на старосна пензија, туку ја регулира само техниката на пресметувањето на овој вид пензија врз основа на критериумите предвидени во законот, поради што оцени дека општиот акт на Фондот нема нормативен карактер односно дека членот 34 став 2 кој го овластува Фондот со општ акт да ја утврди најниската граница на старосната пензија е согласен со Уставот на Република Македонија.

5. Исто така, Судот на седницата утврди дека согласно член 196 од Законот пензиите на борците од НОВ, на учесниците во Народноослободителното движење во Грција, на учесниците во Народноослободителното движење во Егејскиот дел од Македонија и на членовите на нивните семејства, остварени пред денот на почетокот на примената на овој закон според Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување, Законот за носителите на “Партизанска споменица од 1941” и Законот за пензиско и инвалидско осигурување им се обезбедуваат и по денот на почетокот на примената на овој закон во обем и висина определени со тие прописи, со тоа што овие пензии можат да се исплатуваат најмногу до износот на највисоката пензија утврдена со овој закон и дека согласно член 197 од овој закон пензиите на воените осигуреници остварени пред денот на почетокот на примената на овој закон, според Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници, им се обезбедуваат и по денот на почетокот на примената на овој закон во обем и во висина определени со тие прописи, со тоа што овие пензии можат да се исплатуваат најмногу до износот на највисоката пензија утврдена со овој закон.

Согласно член 36 став 1 од Уставот, Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од националноослободителни војни на Македонија, на војните инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција.

Согласно ставот 2 на овој член од Уставот посебните права се уредуваат со закон.

Од наведените одредби произлегува дека на борците од Антифашистичката војна … прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност … Републиката им гарантира посебни социјални права, но едновремено Уставот упатува овие посебни права да се уредат со закон.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека на овие осигуреници Законот им ги уредил посебните социјални права во обем и висина како што веќе биле определени со прописите според кои го стекнале правото на пензија, а тоа што предвидел овие пензии да можат да се исплатуваат најмногу до износот на највисоката пензија утврдена со овој закон, според мислењето на Судот не претставува повреда на нивното стекнато право на пензија, туку само лимитирање на овој вид пензии што е условено од можноста на Фондот за нивна исплата, затоа што средствата за овие намени се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

6. Судот на седницата исто така, утврди дека согласно членот 147 став 1 од Законот пензијата и другите парични надоместоци се утврдуваат во месечен износ и се исплатуваат наназад.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот со Решение У.бр.7/93 од 29 септември 1993 година не повел постапка за оценување уставноста на одредбата од член 84 став 3 од Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување која беше со иста содржина односно предвидуваше пензија и другите надоместоци да се утврдуваат во месечен износ и да се уплатуваат наназад, согласно погорен наведената одредба од Деловникот, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување, па одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Судот на седницата, понатаму, утврди дека членовите 17, 33 став 1, 50 и 105 од Законот се оспоруваат затоа што не бил запазен континуитетот со постарите – претходните закони, не бил почитуван поимот “граѓанин”, текстот во нив не бил рационализиран односно членовите содржеле повеќе ставови отколку што требало, не можело со посебни одредби да се регулира статусот на пензионираните работници од казнено-поправните домови, во Законкот требало да се внесат табели и показатели за висината на пензиите и за борците и за офицерите, а не со општи одредби да се регулираат нивните права како што било сторено со Законот.

Поточно, Судот оцени дека подносителот на иницијативата не бара оценување уставноста на посочените членови од Законот, туку предлага Судот да му укаже на Собранието на Република Македонија овие членови да ги прилагоди односно усогласи со неговите забелешки, а посебно бара во Законот да се внесе одредба со која на невработените ќе им тече пензискиот стаж за времето додека чекаат вработување за што, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.