У.бр.61/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 февруари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на поднасловот “в) Претседател на Република Македонија и врховен командант на Армијата”, член 18 став 1 точка 4, 5, 6, 7, 8 и 10 и членот 18 став 2, сите во делот “на Армијата” од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001 и 5/2003).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оцену- вање на уставноста на членот 28 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова реше- ние.

3. Светскиот македонски конгрес, со седиште во Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата вооружените сили на Република Македонија како уставна категорија биле дефинирани во член 122 став 1 од Уставот на Република Македонија и биле нешто повеќе од само Армија на Република Македонија. Имено, со оспорениот дел од поднасловот и членот 18 од Законот за одбрана функцијата врховниот командант на вооружените сили се дерогирала во функција на врховен командант само на Армијата на Република Македонија, а вооружените сили не ја претставувале само Армијата, туку и сите лица под оружје, каде спаѓале и припадниците на вооружениот состав на полицијата. Со ваквата определба се повредувал членот 79 став 2 од Уставот. Понатаму, изнесените наводи се поткрепуваат со констатација на подносителот на иницијативата за “покажани катастрофални резултати во единството и координацијата на системот на командувањето” во досегашната примена на одредбата.

По однос на оспорениот член 28 став 2 од Законот се наведува дека ја суспендирал уставната позиција на претседателот на Републиката утврдена во член 122 став 1 од Уставот, која одредба пак го определува како врховен командант на вооружените сили. Имено, командната позиција била директна, непосредна, единствена, едностратешка и субординирана во употребата на силите и средствата на сите вооружени сили и во Уставот немало одредба која определува спроведување на командувањето да се врши преку министерот за одбрана. Оттаму, оспорената одредба не била во согласност со член 79 став 2 од Уставот.

Врз основа на наведеното се предлага поништување или укинување на оспорените одредби.

4. Судот на седницата утврди дека главата III од Законот за одбрана, во насловот: “Надлежности на органите на државната власт” го содржи поднасловот: “в) Претседател на Република Македонија и врховен командант на Армијата”.

Според член 18 став 1 од Законот, во остварувањето на одбраната, претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата:
1) донесува стратегија за одбрана на Републиката;
2) донесува план за одбрана на Републиката;
3) ги пропишува мерките на приправност и наредува нивно спроведување;
4) пропишува организација и формација на Армијата;
5) донесува документи за употреба на Армијата и наредува нејзина употреба; 6) дава согласност на документите за развој на Армијата;
7) ги определува мерките за зголемување на борбената готовност на Армијата и наредува нивно спроведување;
8) наредува мобилизација на Армијата;
9) го пропишува командувањето во Армијата;
10) донесува прописи што се однесуваат на борбената готовност, вооружената борба и мобилизација на Армијата;
11) поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали и
12) поставува и отповикува воени преставници на Републиката во странство.

Според став 2 од истата одредба, во остварувањето на функциите од областа на одбраната, претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата донесува подзаконски акти.

Наведениот поднаслов и членот 18 од Законот се оспоруваат само по однос деловите каде е употребен терминот “на Армијата”. Бидејќи точките 1, 2, 3, 9, 11 и 12 не го содржат наведениот термин, Судот не ја ценеше согласноста на овие точки со уставните одредби.

Во член 28 став 2 од Законот, кој во меѓувреме престана да важи, беше предвидено командувањето со Армијата, претседателот на Републиката да го спрове- дува преку министерот за одбрана, во согласност со Уставот и овој закон.

5. Според член 79 став 2 од Уставот на Република Македонија, претседате- лот на Република Македонија е врховен командант на вооружените сили на Македонија.

Според член 122 став 1 од Уставот, вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од целината на Законот за одбрана произлегува дека во сферата на одбраната не треба да се поистоветуваат поимите систем на одбрана и вооружени сили, затоа што одбраната е широк поим кој зафаќа поголема сфера, а Армијата е строго дефинирана вооружена сила во одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија со која командува претседателот на Републиката како врховен командант.

Ваквото становиште произлегува и од содржината на одредбата од член 19 точка 11 од Законот за одбрана, според која Владата на Република Македонија во остварувањето на одбраната, меѓу другото, има надлежност да нареди употреба на полицијата во воена состојба како подршка на Армијата. Накратко за време на воена состојба, покрај Армијата, во одбрана на Републиката се ангажира и полицијата.

Имено, предвиденото законско решение Владата да нареди употреба на полицијата во воена состојба како поддршка на Армијата се должи на фактот што секоја држава во случај на потреба го ангажира целокупниот вооружен потенцијал со кој располага.

Од друга страна, поблиското пропишување на надлежностите на претседа- телот на Републиката по однос на Армијата на Република Македонија, како дел од вооружените сили, во членот 18 од Законот за одбрана не значи дека не постојат негови надлежности по однос на останатите воооружени сили различни од Армијата, кои можат да бидат предмет на уредување во други закони.

Така, согласно член 22 став 1 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/1995, 55/1997, 88/2002 и 33/2003), во услови на воена состојба, работниците на Министерството се мобилизираат и ангажираат за извршување на борбени задачи или за други работи во врска со одбраната и безбедноста на Република Македонија. Оттаму, полицијата го претставува униформи- раниот дел кој е соодветно опремен и вооружен и може соодветно да биде употребен во извршување на борбените задачи како составен дел на Армијата.

Оттаму, терминолошката разлика во законската и уставната одредба се должи на фактот што Законот за одбрана содржи регулатива исклучиво по однос на прашањето за надлежноста на претседателот на Република Македонија само по однос на раководењето и командувањето со Армијата на Република Македонија, но не и по однос на надлежностите за другите делови од вооружените сили, што не ја прави законската одредба спротивна на Уставот.

Врз основа на изнесеното, според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот дел од поднасловот и одредбата ја дерогирааат устав- ната позиција на претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија и да се доведе под сомнение нивната согласност со член 79 став 2 од Уставот.

6. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд со Одлуката У.бр. 135/2001 и У.бр.155/ 2001 од 18 септември 2002 година, меѓу другото, го укина член 28 став 2 од Законот за одбрана. Одредбата била оспорена од еднаков аспект како и во иницијативата по овој предмет. Одлуката е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 78/2002.

Во постапката по наведениот предмет, Судот прифати становиште дека врховниот командат е посебен и индивидуален орган во сферата на одбраната со строго дефинирани надлежности и со право на одлучување во сферата на командувањето и употребата на Армијата.

Притоа, интенцијата на членот 79 став 2 од Уставот очигледно е да го обезбеди начелото на единство во командувањето при употреба на сили и средства на вооружените сили. Со доследно спроведување на ова начело се обезбедува највисок степен на ефикасност во вооружените сили при извршување на задачите пропишани со Уставот и Законот за одбрана.

За постигнување на таква ефикасност нужна е концентрација на командните овластувања во еден орган, а тоа е претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили. Според тоа, со предвидувањето командувањето со Армијата да се спроведува преку министерот за одбрана доаѓа до деконцентрација на командните овластувања и внесување орган во вертикалниот линиски систем на командување како посредник меѓу претседателот на Републиката и Генералштабот. На овој начин се разводнува функцијата на командување, а со самото тоа доаѓа и до слабеење на одговорноста во системот на одбраната кој се заснова врз принципите на едностарешинство и субординација кои принципи треба да овозможат пократок и побрз прием на наредбите и брзо функционирање н а командувањето. Тоа значи дека системот на командувањето е строго хиерархиски уреден со еден наредбодавец и еден извршител.
Судот, исто така, оценил дека со спроведувањето на команду-вањето со Армијата преку министерот за одбрана се врши поделба на функцијата меѓу претседа- телот на Републиката, како Врховен командант на вооружените сили и министерот за одбрана како старешина на орган на управа, а со самото тоа и до ограничување на ингеренциите на Врховниот командант. Воедно, ваквиот начин на командување со Армијата значи мешање на командните и извршните функции на министерот, што во Армијата не е допуштено, односно министерот за одбрана како член на Владата не може да врши командни функции во Армијата.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби и предвидениот начин на командување со Армијата преку министерот за одбрана утврден во член 28 став 2 од Законот, Судот утврдил дека со тоа се отвора можност за повреда на принципот на едностарешинство, принципот на субординација и принципот на единство во команду- вањето при употребата на силите и средствата и командувањето со Армијата, поради што оценил дека оспорениот член не е во согласност со член 79 став 2 од Уставот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот заклучи дека нема основа за поинакво одлучување.

Исто така, постои и процесна пречка за одлучување по иницијативата од причина што оспорениот член 28 став 2 од Законот не се наоѓа во правниот поредок сметано од 4 октомври 2002 година, кога наведената интервентна Одлука на Судот е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 78/2002.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 61/2004
23 февруари 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова