60/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1, 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 368 став 2 и 3 и 390 став 1 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1998 и 44/2002), како и на член 403 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1997 и 44/2002 и 74/2004).

2. Јелена Митева и Никола Митев од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законските одредби означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се на-ведува дека оспорениот закон (Законот за парничната постапка) бил донесен во 1998 година и со Указ бр.02-2736/1 од 1 јули 1998 година бил прогласен и објавен во Службен весник на Република Македонија бр.33 од 11 јули 1998 година. Основниот суд Штип решавајќи по Ревизијата изјавена од тужениот Никола Митев од Штип против пресудата на овој суд П.бр.505/99 од 17 јуни 2002 година, истата ја отфрлил како недозволена, согласно член 368 од Законот за парничната постапка.

Подносителите на иницијативата сметаат дека правната работа за надомест на нематеријална штета настанала на 10 мај 1998 година пред да влезе во сила Законот за парничната постапка и со тоа бил повреден Уставот, бидејќи законите согласно Уставот не можат да имаат повратно дејство. И покрај ова Основниот суд во Штип применувајќи го оспорениот член 368 став 2 од Законот за парничната постапка ја отфрлил ревизијата како недозволена, од причини што согласно овој член од Законот ревизијата не била дозволена во имотно правниот спор во кој побарувањето се однесува на побарување во пари, на предавање на предмети или извршување на некое друго чинење, ако вредноста на предметот на спорот од побиваниот дел на правосилноста на пресудата не преминал 1.000.000 денари. Значи, Судот со своја пресуда П.бр.505/99 од 17 јуни 2002 година утврдил дека штетата настапила на ден 10 септември 1998 година и го применил законот кој во тој момент не бил во сила.

Од содржината на иницијативата произлегува дека подносителите најпрво ги оспоруваат судските одлуки на Основниот и Апелациониот суд во Штип, зашто според нив примениле закон ретроактивно. Во натамошниот дел од иницијати-вата членот 368 став 2 ги оспоруваат затоа што со тој член е пред-видено дека ревизијата не е дозволена во имотно-правните спорови во кои туженото барање се однесува на побарување во пари, на предавање предмети или извршување на некое друго чинење, ако вредноста на предметот на спорот од побиваниот дел на правосил-ната пресуда не преминал 1.000.000 денари, па требало да се проши-рат условите за вложување на ревизија, затоа што овој износ бил превисок за стандардите на граѓаните во Република Македонија што дал можност за субјективно одлучување по побарувањата.

Со примената на оспорениот член од Законот првостепе-ниот суд, не допуштил Врховниот суд на Република Македонија да одлучува по ревизијата. Со тоа се појаву-вало субјективно судење за сите предмети што биле помали од 1.000.000 денари со што странките во споровите кои се помали од 1.000.000 денари биле ставени во нерамноправна положба. Понатаму подносителите на иницијативата ги оспоруваат и членот 403 од Законот за кривичната постапка и членот 390 став 1 од Законот за парничната постапка, од причини што бараат покрај јавниот обвинител, барање за заштита на законитоста, да можат да подигнат и другите странки кои учествуваат во кривичната, односно парничната постапка.

Согласно изнесеното се бара Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 368 став 2 и 3 од Законот за парничната постапка така што да износот на нематеријалната штета се намали до 30.000 денари.

Со иницијативата исто така се бара членот 403 од Законот за кривичната постапка и 390 од Законот за парничната постапка да се изменат така што ќе се даде можност за подигање на барање за заштита на законитоста и на другите странки кои учествуваат во кривичната, односно парничната постапка.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 368 став 2 ревизија не е дозволена во имотно – правните спорови во кои тужбеното барање се однесува на поба-рување во пари, на предавање предмети или извршување на некое друго чинење, ако вредноста на предметот на спорот од побиваниот дел на правосилната пресуда не преминал 1.000.000 денари.

Според став 3 на овој член од Законот ревизија не е дозволена во имотно-правните спорови во кои тужбеното барање не се однесува на побарување во пари, на предавање предмети или извршување на некое друго чинење, ако вредноста на предметот на спорот што тужителот ја навел во тужбата не преминува 1.000.000 денари.

Според член 390 став 1 од Законот јавниот обвинител може да подигне барање за заштита на законитоста:

1) поради суштествени повреди на одредбите на парнич-ната постапка од членот 340 ставовите 1 и 2 на овој закон, освен ако повредата се однесува на месната надлежност (член 340 став 2 точка 4), ако првостепениот суд донел пресуда без главна расправа, а бил должен да одржи главна расправа (член 340 став 2 точка 11), или ако спротивно на законот била исклучена јавноста на главната расправа (член 340 став 2 точка 12) и

2) поради погрешна примена на материјалното право.

Јавниот обвинител не може да подигне барање за зашти-та на законитоста поради пречекорување на тужбеното барање, ниту поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба.

Согласно член 403 од Законот за кривичната постапка против правосилни судски одлуки и против судската пос-тапка што им претходела на тие правосилни одлуки, јавниот обвини-тел на Република Македонија може да подигне барање за заштита на законитоста ако е повреден законот.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уста-вот.

Согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата:

– ако не е надлежен да одлучува за барањето;
– ако за истата работа веќе одлучувал а нема основи за поинакво одлучување; и
– ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во иницијативата изречно се наведува дека примената на оспорениот член од Законот во конкретниот случај предизвикала повратно дејство, а не дека одредбата од Законот има такво дејство. По однос на овие наводи Судот утврди дека членот 368 од Законот за парничната постапка не го уредува прашањето за повратното дејство на законот, во кои случаи може да биде применет а во кои не, односно според кои правила ќе се спроведе постапката, туку точно ги определува случаите за кои може да се изјави ревизија како вонреден правен лек. Оттука, прашањето поставено со иницијативата е дали судовите правилно ја примениле законската одредба, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Во однос на наводите во иницијативата дека ревизијата не е дозволена во имотно-правните спорови чија вредност не преми-нала 1.000.000 денари, дека тоа било превисока за стандардите на граѓаните на Република Македонија и дека овој износ треба да се намали на 30.000 денари, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува дали висината на вредноста на спорот како критериум за допуштеноста на ревизијата треба да биде во една или друга висина, што е прашање на законодавната политика, а не прашање на уставноста.

Подносителите на иницијативата, исто така, ги оспоруваат членот 403 од Законот за кривичната постапка и членот 390 став 1 од Законот за парничната постапка, поради тоа што биле во спротивност со Уставот затоа што им го ускратувале правото на граѓаните и тие да можат да поднесат барање за заштита на законитоста.

Со оглед на тоа што подносителите на иницијативата ги оспоруваат законите затоа што не содржат одредби какви што тие сметаат дека треба да содржат, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за уставноста на оспорените одредби од законот затоа што не ги регулирале прашањата на тој начин како што сметаат подносителите на иницијативата, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по овие наводи во иницијативата.

По однос на членот 403 од Законот за кривичната постапка, Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.11/2003 од 9 јули 2003 година одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 403 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1997 и 44/2002), што, покрај претходно наведените причини, е уште еден основ за отфрлање на иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на овој член од Законот за кривичната постапка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

7. Ова решение во делот што се однесува на членот 390 став 1 од Законот за парничната постапка Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.60/2004
6 април 2005 година
С к о п ј е
лк