59/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21.10.1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 став 2, член 10 и член 11 од Законот за исплата на платите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/94, 62/95 и 33/97).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на целината на Законот и посебно за членовите 1, 2, 3, 4, 7 и 9 од Законот за исплата на платите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/94, 62/95 и 33/97).

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 и 2 од ова решение и посебно за членовите 1, 2, 3, 4, 5, 7, 9, 10 и 11. Според наводите во иницијативата со оспорениот закон се одземале односно ограничувале платите и другите надоместоци од работен однос кои се стекнуваат според прописите за работните односи, што не било во согласност со член 32 и член 54 од Уставот на Република Македонија, а во иницијативата тоа се наведува и како основ за оспорување на член 1 став 1, член 3, 4, 7 и 9 од Законот. Членот 1 став 2 од Законот се оспорува од аспект на положбата на правните лица според критериумот на учество на приватниот капитал, што создавало дискриминација помеѓу нив, а член 2 од Законот се оспорува поради тоа што го проширувале кругот на актите со кои може да се регулираат правата од работниот однос. Понатаму, членовите 3 и 4 се оспоруваат затоа што се повикуваат на примена на статистички големини утврдени според поранешни закони, со што овој закон имал повратно дејство. Конечно, член 5 став 2, член 10 и член 11 се оспоруваат затоа што со нив се давало овластување на органите на управата да донесуваат подзаконски прописи, што не било во согласност со член 91 алинеја 5 од Уставот.

4. На седницата Судот утврди дека во член 5 став 2 од Законот е предвидено дека Министерството за труд и социјална политика до 25 во тековниот месец ја утврдува основицата од став 1 (платата по работник како основица за даноци и придонеси од плата) и истата ја објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

Во член 10 е пропишано дека стапките на пораст од членовите 3 и 4 (стапки на пораст на трошоците за живот) ги утврдува и објавува Министерството за труд и социјална политика.

Според член 11 став 1 Министерот за труд и социјална политика пропишува начин на утврдување на износот на средствата за плати, составување на пресметките и доставување во Заводот за платен промет.

5. Според член 91 алинеја 1 од Уставот Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а според алинеја 5 од истиот член Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Согласно алинеја 6 на член 91 од Уставот, Владата утврдува начела за внатрешна организација и работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа.

Според член 96 од Уставот органите на управата работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа одговараат пред Владата.

Тргнувајќи од изнесените уставни одредби, а имајќи ги предвид системските решенија од Законот за органите на управата во кој се утврдени генерални овластувања за функционерите и органите на управата да донесуваат подзаконски прописи, Судот оценува дека овластувањата на министерот односно Министерството за труд и социјална политика во оспорените одредби од Законот не се во несогласност со Уставот. Имено, Судот смета дека органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, особено ако се пропишуваат стручно технички или, како во случајот, статистички постапки, при што законот на чие извршување се однесуваат мора да ги содржи основите за уредување на прашањата што се предмет на подзаконско регулирање, како и рамките на овластувањето. Со оглед на тоа што оспорените членови 5 став 2, 10 и 11 од Законот ги содржат и двата елементи, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. На седницата Судот утврди дека останатите одредби од Законот, како и целината на Законот, веќе биле предмет на оценување и дека Судот, со повеќе решенија, не повел постапка за оценување на нивната односно неговата уставност (Решенија У.бр.127/95, У.бр.38/96, У.бр.148/97) и дека не наоѓа причини за поинакво одлучување, поради што за тој дел од иницијативата одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.59/98)