59/1997-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 мај 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на

а) член 60 став 5 од Колективниот договор за јавните претпријатија од дејноста сообраќај и врски (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/95) и

б) член 69 став 3 од Колективниот договор за јавните претпријатија од гранката енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/96).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на член 76 став 3 од Колективниот договор за дејноста хемиска индустрија (“Службен весник на Република Македонија” бр.60/94).

3. На Уставниот суд на Република Македонија Владимир Вешоски од Струга му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбите од колективните договори означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со нив се предвидувало приговорот против решението за упатување на привремен принуден одмор да не го задржува неговото извршување, што не било во согласност со член 135 став 3 од Законот за работните односи.

4. На седницата Судот утврди дека сите оспорени одредби од означените колективни договори се со идентична содржина и во нив е предвидено дека приговорот поднесен против решението за упатување на привремен принуден одмор не го задржува извршувањето на решението.

5. Во член 135 став 1 и 2 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95) е предвидено правото на работникот да поднесува барање за остварување на своите права и правото на приговор против одлуки донесени во врска со неговите права од работниот однос, пред органи утврдени со колективен договор и во определен рок. Според став 3 на овој член од Законот поднесувањето на барањето го задржува извршувањето на одлуката до донесувањето конечна одлука, освен во случаите утврдени со закон.

Со оглед на тоа што исклучок од правилото дека приговорот го задржува извршувањето на актот против кој е поднесен може да се предвиди само со закон, пред Судот се постави прашањето дали со оспорените одредби од означените колективни договори се уредуваат прашања што не можат да се уредуваат со колективен договор и тоа на начин со кој се ограничуваат законските права на работниците на користење правни средства и нивните правни последици што се пропишани во член 135 од Законот за работните односи, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. На седницата Судот утврди дека со одлука У.бр.306/92 и 64/96 од 29 мај 1996 година го укинал член 76 став 3 од Колективниот договор за дејноста хемиска индустрија, што има за последица негово елиминирање од правниот поредок. Со оглед на тоа што оваа околност претставува апсолутна пречка за постапување по иницијативата за оценување неговата законитост, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.59/97)