56/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2004).

2. М-р Тони Дескоски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата Законот за изменување и дополну-вање на Законот за државјанството на Република Македонија бил донесен од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 22 јануари 2004 година, Указот за прогласување на овој Закон бил издаден од претседателот на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија на 22 јануари 2004 година, меѓутоа Законот бил објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр. 8 на 23 февруари 2004 година.

Со оглед на тоа што објавувањето во “Службен весник на Република Македонија” било по протекот на 31 ден од денот на донесувањето на Законот, односно тој не бил објавен најдоцна во рок од седум дена од денот на неговото донесување, подносителот на иницијативата го оспорува Законот како спротивен на одредбите од членот 51 и членот 52 став 2 од Уставот и предлага Судот да поведе постапка за оцена на уставноста. Воедно со иницијативата се бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединеч-ните акти и дејствија врз основа на оспорениот Закон.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 75 став 1 и 2 од Уставот на Република Македо-нија, претседателот на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија издале Указ под бр.07-297/1 од 22 јануари 2004 година за прогласува-ње на Законот за изменување и дополнување на Законот за државјан-ството на Република Македонија, што Собранието на Република Маке-донија го донело на седницата одржана на 22 јануари 2004 година.

Указот бр.07-297/1 од 22 јануари 2004 година и Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија се објавени во “Службен весник на Република Македонија” бр.8 од 23 февруари 2004 година.

Според податоците прибавени во текот на постапката, Судот ја утврди следнава фактичка сотојба:

Собранието на Република Македонија на седница на 22 јануари 2004 година го донело Законот, а претседателот на Собранието на Република Македонија го доставил текстот на Законот и Указот за прогласување на Законот, за потпис до Претседателот на Република Македонија.

На 18 февруари 2004 година од страна на Претседа-телот на Република Македонија бил пратен потпишаниот Указ до Претседателот на Собранието на Република Македонија.

Указот и Законот на 19 февруари 2004 година биле доставени до “Службен весник на Република Македонија” за нивно објавување, и врз основа на тоа, тие биле објавени во “Службен весник на Република Македонија” бр. 8 од 23 февруари 2004 година.

Неспорно, од изнесеново произлегува дека потпишаниот Указ за прогласување на Законот, Претседателот на Република Македонија го доставил на 18 февруари 2004 година до Претсе-дателот на Собранието на Република Македонија, по што веднаш продолжиле и се исполниле активностите за објавување во “Службениот весник на Република Македонија”.

4. Една од основните цели на Уста-вот на Република Македонија е воспоставувањето на владеењето на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со членот 8 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според ставот 2, законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Согласно ставот 3 од овој член од Уставот, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби произлегува дека објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слобо-дите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за прав-ната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.

Самото објавување на законите и другите прописи прет-ставува чин на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста.

Како еден од основните елементи на правната сигурност на граѓаните, иако самото објавување на законите и другите прописи не претставува правен акт, тоа предизвикува други бројни правни последици од донесениот акт. Имено, законот односно прописот, со неговото донесување, промулгирање (потпишување) и со објавување, станува применлив (перфектен) акт.

Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавува-њето на законите и другите прописи Уставот на Република Македонија утврдил обврска тие да се објавуваат во “Службен весник на Репуб-лика Македонија” како службено гласило на Републиката.

Одредбата за објавувањето на законите и другите прописи во Уставот е предвидена во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа во делот за гаранциите на основните слободи и права. Самиот овој факт укажува дека Уставот на објаву-вањето на законите и другите прописи не приоѓа како на техничко прашање, туку на прашање кое длабоко навлегува во уставните гаран-ции на основните слободи и права.

Уставот, освен јасната определба во членот 52 за објаву-вање на законите и другите прописи во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, не нормира никакви рестриктивни последици предиз-викани од моментот на исполнувањето на принципот на објавува-њето, односно за извршеното пролонгирано објавување на прописите како услов за нивната правна сила и примена.

Оттука, според Судот уставната определба дека објавувањето треба да се врши најдоцна во рок од седум дена од денот на донесувањето на законите и другите прописи, која не нормира престанок на правното дејство на донесените прописи објавени по истекот на тој рок, има за цел исклучиво уставна определба да се постигне примерена брзина во одвивањето на постапката за објавување.

Уставната гаранција за објавувањето на законите и другите прописи, всушност се афирмира токму во одредувањето на време заради интензиви-рање на самата постапка на објавувањето. Меѓутоа оваа уставна гаранција не се повредува доколку донесените и објавени закони и други прописи влезени во правниот поредок го исполниле принципот на објавувањето со пролонгирање на времето определено за тоа од денот на нивното донесување, бидејќи чинот на објавувањето како суштина на наведената уставна норма сепак е исполнет.

Поаѓајќи од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија и тоа основните слободи и права на човекот и граѓанинот и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, произлегува дека уставотворецот со определбата праша-њето на објавувањето на законите и другите прописи да биде уставен принцип содржан токму во делот на Уставот за гаранциите на основ-ните слободи и права, суштински го определил неговиот карактер кој имплицира добивање, а не ограничување или намалување на правата на граѓаните.

Имено, според Судот остварувањето на правата и слободите на граѓа-ните и правната сигурност како елемент на владеењето на правото во уставниот поредок на Република Македонија, е детерминирано од прописите кои се влезени во сила во правниот поредок.

Тие уставни вредности би биле доведени во прашање доколку се прекине текот на правното ефектуирање на прописите кои се донесени, објавени и влезени во сила во правниот поредок, исклучиво заради настанатите фактички пролонгирања на рокот за нивно објавување.

Уставно определениот рок за објавувањето не може да се прифати дека е уставна норма со ограничувачка цел во однос на примената на прописите кои се објавени со пролонгирање на рокот и влезени во правниот поредок, бидејќи таа норма е дел од целината на уставните норми за гаранциите на слободите и правата на граѓаните на кои и во ваков случај неспорно им е обезбедено и исполнето гарантираното право на објавување, заради запознавање со законите и другите прописи во правниот поредок.

Со оглед на изнесеното, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, Судот утврди дека во однос на оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за државјанство на Република Македониија не може основано да се постави прашањето за несогласност со членот 51 и членот 52 став 2 од Уставот на Република Македонија. Ова особено поради тоа што оспорениот Закон со неговото донесување од Собранието на Република Македонија, прогласување со Указот потпишан од претседателот на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија и објавувањето во “Службен весник на Република Македонија” бр. 8/2004, ги содржи елементите на применлив пропис со правна важност во правниот поредок на Република Македонија согласно со определ-бите на Уставот.

Притоа Судот не ја релативизира уставната должност на надлежните органи да ги објават законите и други прописи во рокот утврден со Уставот ниту одговорноста за евентуалните последици кои би можеле да настанат поради нивното ненавремено објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

Поаѓајќи од изнесеното правно мислење дека нема основ за поведување на постапка за оценка на уставноста на оспоре-ниот Закон, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд и по однос на барањето во иниција-тивата за донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија врз основа на Законот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.56/2004
29 септември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова