55/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 38 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Демократската партија за оценување уставноста и законитоста на “Одлуката” на Републичката изборна комисија за толкување на член 44 од Законот за избори и отповикување на пратеници и одборници, односно за поништување на противуставната практика на спроведување на изборите во изборната единица 103 од 20 март 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Демократската партија од Скопје, му поднесе иницијатива со барање да ја оцени уставноста и законитоста на наведената одлука и за поништување на наведената практика, затоа што во текот на спроведувањето на изборите за испразнетото пратеничко место во Собранието на Република Македонија во изборната единца бр.103 на Општина Кисела Вода, Републичката изборна комисија, со своето толкување на член 44 од Законот за избор и отповикување на пратеници и одборници тешко ја извртела смислата на уставната регулатива за избирачкотио право од член 22 од Уставот на Република Македонија и на законската одредба од член 37 од наведениот закон, со тоа што дозволила граѓаните да можат да гласаат без утврдување на нивниот идентитет: со ова толкување, вршењето на избирачкото право е обезличено и направено погодно за најтешки злоупотреби од страна на моментните носители на власта во земјата. Со тоа било овозможено да гласаат и граѓани кои не биле запишани во избирачките списоци, па дури и граѓани што не се државјани на Република Македонија, што не било во согласност со член 22 од Уставот и со членот 44 од наведениот закон.

Со иницијативата се побара и донесување привремени мерки со кои би се наложило изборите во вториот круг во изборната единица 103 да се извршат со најстриктно почитување на обврската за легитимирање на избирачите.

3. Врз основа на писменото известување на Републичката изборна комисија, Судот на седницата утврди дека не постои акт со кој таа дала толкување на член 44 од Законот за избор и отповикување на пратеници и одборници, туку дека е само дадено објаснување за начинот на примена на наведената законска одредба во практиката.

4. Судот утврди дека, согласно член 15 од Законот за избор и отповикување на пратеници и одборници (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/90), Републичката изборна комисија, во постојан состав, меѓу другото, има овластување да дава објаснување за примената на одредбите од Законот и за спроведување на изборите.

Судот смета дека објаснувањата на Републичката изборна комисија во врска со спроведувањето на изборите немаат карактер на пропис за извршување на законот или друг вид на општ акт со кој би се доуредувале некои односи во врска со изборите или со кој би се давало автентично толкување на одредбите од законот, за што, согласно член 68 од Уставот, е надлежно единствено Собранието на Република Македонија.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај не постои акт со кој е дадено толкување на член 44 од Законот за избори и отповикување на пратеници и одборници, а даденото објаснување се однесува на конкретната примена на оваа законска одредба односно нема карактер на пропис за извршување на Законот, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по барањето од иницијативата.

Исто така, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот не е надлежен да донесува привремени мерки во смисла на барањето од иницијативата.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.