54/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за формирање на нов режиски одбор за одржување и користење на водовод во Старо Нагоричане – маала Центар, донесена од Месната заедница на 9 октомври 2004 година.

2. Марјан Цветановиќ, претседател на Здружението на водокорисници – 2004 с. Старо Нагоричане, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Од содржината на иницијативата произлегува дека подносителот ја оспорува Одлуката со која е формиран нов режиски одбор за одржување и користење на водовод во Старо Нагоричане – маала Центар, а за која Месната заедница немала право.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 1 од оспорената Одлука, се формира Режиски одбор за одржување и користење на водовод во Старо Нагоричане – маала Центар во состав: 1. Николиќ Градимир, 2. Досев Панче, 3. Димитријевиќ Далибор, 4. Трајковиќ Часлав и 5. Петковиќ Зоран.

Според член 2 од оспорената Одлука задачи на ниво на новоизбраниот Режиски одбор се:

– да изберат од своите редови претседател и благајник,
– да изберат лице – надворешен член за одржување и функционирање на водоводот и наплата за потрошена вода,
– да извршат примопредавање на паричните средства од досегашниот одбор согласно записникот за извршена контрола од 25.09.2004 година кои се наоѓаат на сметка на режискиот одбор во КИБ банка како и парични средства кои се наоѓаат кај благајникот,
– да ги преземат од досегашниот режиски одбор сите списоци на евидентирани корисници на вода, списоци на должници и слично, сета документација што ја поседуваат, сето тоа со записник за примопредавање,
– да извршат примопредавање на состојбата на водомерите и водоводниот систем заклучно со 9.10.2004 година,
– да извршат контрола на исправноста на водомери кај сите корисници на вода,
– да изршат наплата за потрошена а ненаплатена вода,
– да определат паушален надоместок на корисниците со неисправни водомери и приклучени корисници без водомери, за досегашната потрошена вода и да им дадат рок за поставување на исправни водомери,
– да склучат договор со ЈКП „Козјак“ Старо Нагоричане за приклучување во регионалниот водовод и да направат изјави кои ќе ги понудат на потпис на корисниците на вода да се изјаснат дали се „за“ или „против“ наведеното приклучување,
– да наплатат надоместок за потрошена вода од корисници кои не го платиле досега, по досега важечките цени,
– да определат цена за потрошен кубик вода која ќе важи со денот на донесување на одлука за истата.

Со членот 3 од оспорената Одлука е утврдено дека режискиот одбор е должен да исплаќа паричен надоместок од сметката на одборот кој ќе се исплаќа на благајникот и лицето – надворешен член за одржување и функционирање на водоводот и наплата за потрошена вода.

Паричниот надоместок од став 1 Режискиот одбор со своја одлука ќе го определи за секој корисник месечно заедно со наплатата за потрошените кубни метри вода за пиење.

Благајникот и лицето – надворешен член за одржување и функционирање на водоводот и наплата за потрошена вода се должни заедно да се грижат за водоводниот систем да функционира нормално со вклучување и исклучување на моторите за вода, да вршат ситни поправки затворање и отворање на вентили по реони, да вршат редовна наплата на надоместок за потрошена вода, да плаќаат редовно потрошена електрична енергија и други работи потребни околу водоводот.

Според членот 4 од оспорената одлука Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето.

Според членот 5 од оспорената Одлука, со донесувањето на оваа одлука престанува да важи Одлуката за формирање на Режискиот одбор од 28.07.2001 година.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на оспорената Одлука произлегува дека со неа не се уредени општи односи, туку се наведуваат членовите на режискиот одбор кои се именувани со оспорената Одлука од страна на Месната заедница Старо Нагоричане. Оспорената одлука по својот карактер и содржина претставува конкретен акт, со која не се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, истата не е пропис, и нема основа за мериторна оценка на оспорениот акт. Оттука, Судот утврди дека не може да се впушти во анализа на основаноста на наводите на подносителот на иницијативата од причина што се работи за поединечен акт за кој Судот не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.54/2007
30 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи