53/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 септември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на членот 112 став 2, во делот: „вонреден„ од Законот за работните односи „Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2007 и 106/2008) и

б) уставноста и законитоста на членот 27 став 1 алинеја 3, во делот: „вонреден„ од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точка 1 под а) и уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 под б) од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека во нашиот правен поредок терминот платен „вонреден„ одмор не постои, туку само платен одмор согласно член 146 од Законот за работните односи, поради што со оспорениот законски дел се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 4 и член 51 од Уставот, а со оспорениот дел од Општиот колективен договор, се повредувал и членот 146 од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 112 став 2 од оспорениот Закон работодавачот е должен на работникот да му исплати надоместок на платата во случаите на отсутност од работа поради користење на годишниот одмор, платениот вонреден одмор, дообразување, со закон определени празници и од работа слободните денови и во случаите кога работникот не работи од причина на страна на работодавачот.

Според член 27 став 2 алинеја 3 од оспорениот Општ колективен договор работодавачот на работникот му исплатува надомест на плата за платен вонреден одмор.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставнииот поредок на Република Македонија.

Согласно член 32 став 4 од Уставот, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Согласно ставот 5 на истиот член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.

Соглсно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од наведените уставни одредби произлегува дека правата и положбата на вработените се уредува со закон и со колективни договори, со колективните договори се доуредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите и тие мора да бидат во согласност со Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија„ бр.62/2005) со овој закон се уредуваат работите меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Според член 105 од Законот, работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување (став 1). Плаќањето на работата по договорот за вработување мора секогаш да биде во парична форма. При исплатата, работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон, кој непосредно го обврзува работодавачот (став 2). Платата е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено (став 3).

Во членот 112 од истиот закон, се определни условите и начинот на определување на надоместокот на плата, така што со оспорениот став (2) се утврдува дека работодавачот е должен на работникот да му исплати надоместок на платата во случаите на отсутност од работа меѓу другите причини и поради платен вонреден одмор.

Од наведените законски одредби произлегува дека законодавецот го утврдува договорот за вработување како основ за создавање на работниот однос. Работниот однос, позитивната законска регулатива го дефинира како двостран однос меѓу две договорни страни, при што неспорно произлегува дека правата и обврските на работникот и работодавачот ги поврзува и условува работното место за кое е склучен договорот за вработување.

Уставната гаранција предвидена во членот 32 став 4 од Уставот, е оперционализирана со Законот за работните односи каде во Главата Х „Паузи и одмори„, се разработени случаите на дневен, неделен и годишен одмор, случаите на платен одмор заради лични и семејни околности до седум работни дена, при што е оставено со колективен договор да се утврдат деновите на платен одмор по овие основи. Во Законот, исто така, се утврдени и случаите и основите за надомест на плата на работникот за целото време на отсуство во случаите и во траење определено со закон, како и во случаите кога работникот не работи од причини на страната на работодавачот.

Во членот 32 став 4 од Уставот е предвидено правото на платен дневен, неделен и годишен одмор, од кое право вработените не може да се откажат, а во ставот 5 на членот 32 од Уставот, децидно се наведува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од наведената уставна норма јасно произлегува дека предвиденото уставно право на платен одмор се остварува на начин уреден со закон и со колективен договор. Оттука, Законот за работните односи во членот 112 го уредил прашањето околу надоместокот за плата за време на платен вонреден одмор. Утврдувањето на обврската на рабодавачот да му исплати надомест на плата во случај на отсутност од работа поради користене на годишен одмор, платен вонреден одмор, дообразување, со закон определени празници и од работа слободните денови, како и во случаите кога работникот не работи од причини на страна на работодавачот, според Судот, не е во спротивност со член 32 став 4 од Уставот, бидејќи со оспорениот член само е утврдена облигаторна обврска на работодавачот да му исплати надоместок на плата во случај на користење на платениот вонреден одмор. Уредувањето на ова право не е во спротивност со Уставот, од причина што Уставот дозволува остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективни договори, што всушност со сега оспорените членови од Законот за работни односи и Општиот колективен договор е сторено.

Од анализата на одредбата на член 112 став 2 во оспорениот дел и оспорениот дел на членот 27 став 1 алинеја 3 од Општиот колективен договор за стопанството во Република Македонија, произлегува дека законодавецот утврдил право на работникот на надоместок на плата во случаите на платен вонреден одмор, кои случаи се преземени врз основа на исплата на надоместок на плата и со колективниот договор. Поради тоа, наводите во иницијативата дека таков одмор не бил предвиден во Уставот и законот, ниту бил дефиниран во самиот колективен договор, се неосновани, поради што и не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот за работните односи со Уставот и оспорената одредба од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија со Уставот и Законот за работните односи.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.53/2008
10 септември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски