53/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 октомври 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 7 став 1 и 2 и член 17 став 1 точка 4 од Законот за политичките партии (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/94).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Демократскиот сојуз на просветните работници и гра|аните на Македонија, Странката на југословените во Република Македонија-Југословенска унионистичка граѓанска алијанса и Многунационалната народна партија на Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 7 став 1 и 2 и член 17 став 1 точка 4од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со законското предвидување на бројот од 500 полнолетни граѓани – државјани на Република Македонија како услов за основање на политичката партија се ограничувала уставно загарантираната слобода на политичко здружување (член 20 од Уставот), како и загарантираната тајност на личните податоци (член 18 од Уставот). Исто така оспорената законска одредба имала повратно дејство во однос на порано основаните партии, затоа што бројот на членовите на партијата како услов за нејзиното основање се однесувал и на овие партии, што не било во согласност со член 52 став 4 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 7 став 1 од Законот, политичка партија можат да основаат најмалку 500 полнолетни граѓани-државјани на Република Македонија, со постојано живеалиште во Република Македонија. Според ставот 2, политичката партија е должна 15 дена пред истекот на секоја година да доставува писмен доказ до Окружниот суд во Скопје со кој ќе се утврди дека бројот на основачите не е намален. Согласно член 17 став 1 точка 4 од Законот, политичката партија престанува кога бројот на членовите ќе се намали под законски определениот број за нејзино основање.
4. Согласно член 8 став 2 од Уставот, во Република Македонија е слободно се што со Уставот и со закон не е забрането.
Со член 18 став 1 од Уставот, се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци.
Со член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Според ставот 2, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на гра|ани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Согласно ставот 3, програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и на политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повик на воена агресија или разгорување на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост. Според ставот 4 од оваа уставна одредба, забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.
Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.
Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Од наведените уставни одредби произлегува дека политичкото здружување и дејствување на граѓаните е слободно и дека таа слобода може да се ограничи единствено во случаите и под условите определени со Уставот. Во оваа смисла со Уставот се утврдени и границите на слободата на политичкото здружување и дејствување, и тоа кога програмите и дејствувањето на политичките партии се насочени кон определени уставни вредности како што се ненасилието, толеранцијата меѓу луѓето, мирот, безбедноста и слично. Од нив исто така произлегува дека, во рамките на општото овластување на Собранието да донесува закони, тоа е овластено да донесе и закон со кој поблиску ќе се определат условите и начините на политичкото здружување и дејствување, односно врз основа на Уставот, поблиску ќе се определат и границите на остварувањето на таа слобода. Оттука, во тие рамки, заради остварување на принципот на владеење на правото како темелна уставна вредност и во оваа област од општествените односи , произлегува дека законодавецот има уставно овластување да ги пропише условите и начинот на регистрирање на политичките партии, како дел од остварувањето на слободата на политичкото здружување.
Притоа, Судот оцени дека условите предвидени во членот 7 од Законот, не претставуваат облик на ограничување на слободата на политичкото здружување туку е дел од постапката за регистрација на политичките партии кој суштински не влијае на широчината и облиците на остварување на оваа слобода.

Определувањето на долната граница на членството е неопходно бидејќи партија која учествува или ја освојува власта треба да биде политички субјект кој покрај другото и преку својата бројност ја покажува својата политичка моќ и компетентност. Притоа бројот на членовите на политичката партија мора да биде постојан, а со пропишувањето на определен број на членови со закон не се ограничува правото на слобода на здружување и дејствување во политичка партија предвидено во членот 20 од Уставот.
Судот, оцени дека само на државјанин на Република Македонија се однесува уставната гаранција за слобода на здружување односно основање на политичка партија бидејќи странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, меѓутоа под услови утврдени со закон и меѓународни договори.
Судот понатаму оцени дека со оспорените одредби од Законот не се повредува уставната гаранција за тајност на личните податоци, бидејќи податоците се даваат на службен орган, во конкретниот случај Окружниот суд во Скопје и не се користат јавно, особено имајќи го предвид Законот за заштита на личните податоци според кој се забранува нелегално прибирање на податоците.
Во однос на повратното дејство на Законот, Судот оцени дека Законот не го доведува во прашање основањето на постојните политички партии како факт што на правно релевантен начин е завршен пред неговото влегување во сила. Имено, според членот 37 став 2 од Законот политичките партии што се основани по Законот за општествените организации и здруженија на граѓаните се запишуваат во судскиот регистар без посебно барање и без наметнување на новите услови за основање на политички партии. Тоа значи дека Законот нема повратно дејство во однос на нивното основање бидејќи не ја доведува во прашање легалноста на постоењето на политичките партии во времето пред неговото влегување во сила. Понатаму, Судот оцени дека Законот покрај условите за основање пропишува и услови за опстанок на политичките партии. За исполнувањето на условот бројот на членството да не опадне под 500, ирелевантно е кога се основани политичките партии од причина што предмет на уредување во овој случај не е нивното основање туку нивното опстојување или престанување доколку не го исполнат овој услов и тоа во иднина по влегувањето во сила на Законот, поради што и во овој дел Законот нема повратно дејство.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.53/95,116/95 и 198/95