49/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 јуни 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 83 став 1 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1998 и 44/2002).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата адвокатите биле единствена категорија на интелектуалци со посебна стручна подготовка и со посебни услови за стекнување на правото да ја вршат својата професија која можела да дава правна помош, што едновремено значело и забрана било кој друг да дава правна помош.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 83 став 1 од Законот за парнична постапка полномошник може да биде секое лице кое е наполно деловно способно, освен лица кои се занимаваат со надриписарство.

4. Во членот 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите, се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и принципот на владеењето на правото.

Според членот 53 од Уставот, кој што е поместен во главата “3. Гаранции на основите слободи и права” на делот втори од Уставот, во кој се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Од содржината на наведените уставни одредби, како и од нивната систематика во Уставот произлегува дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот не само што се утврдени како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, туку за нивното остварување и заштита во Уставот се утврдени и гаранции, меѓу кои е и адвокатурата која е дефинирана како јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Меѓутоа, утврдувањето на адвокатурата во членот 53 од Уставот со означениот статус и својство, како една од уставните гаранции на основните слободи и права, според мислењето на Судот не значи дека таа е и единствено надлежна за обезбедување на правна помош. Секое толкување на членот 53 од Уставот во смисла дека тој ја исклучува можноста правна помош да обезбедуваат и други субјекти, освен адвокатите, според Судот би било многу рестриктивно и не би соодветствувало на уставната концепција за улогата и значењето на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Судот, исто така, го имаше предвид фактот што и самиот член 53 од Уставот упатува дека правната помош адвокатурата ја обезедува во согласност со закон. Оттука, според Судот, во рамките на ова уставно овластување законодавецот има право со закон да утврди под кои услови и во кои случаи адвокатите ја обезбедуваат правната помош, што не исклучува правна помош да обезбедуваат и други лица односно субјекти. Според постојната законска регулатива, по правило, тоа се сите оние случаи во кои обезбедувањето на правната помош, а во тие рамки и на застапувањето на странките во постапките пред судовите и другите државни органи, со оглед на специфичностите, не е резервирано само за адвокатите, како што е на пример застапувањето, односно одбраната на обвинетиот во кривичната постапка.

Имајќи го предвид изнесеното, како и тоа дека оспорената законска одредба е поместена во Глава петта: “Полномошници” од Законот за парничната постапка, во чии одредби генерално се утврдува дека како полномошник на странките во оваа постапка освен адвокат може да биде и секое друго лице кое е наполно деловно способно, освен лица кои се занимаваат со надриписарство, Судот оцени дека со оспорената законска одредба не се загрозува уставно утврдената положба на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош во согласност со закон, ниту пак, се повредува член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.49/2004
9 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова