44/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 февруари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на точките а), б) и в) од Нормативот за наставниот кадар по македонски јазик во паралелките со настава по албански и турски јазик од I до VIII одделение, донесен на 14 мај 1987 година од Собранието на Републичката самоуправна интересна заедница за предучилишно и основно воспитание и образование, по предлог на Републичкиот педагошки совет.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Здружението на просветни работници “Наим Фрашери” во Скопје му поднесе иницијатива со барање да покрене постапка за оценување уставноста и законитоста на точките а), б) и в) од Нормативот означен во точката 1 на ова решение, затоа што не предвидувале во паралелките во кои се изведува настава на албански и турски јазик, настава по македонски јазик да можат да изведуваат и лицата што се стекнале со звање наставник по албански и македонски јазик, што не било согласно со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорените точки од Нормативот се предвидува настава по македонски јазик во паралелките со албански и труски наставен јазик, да може да изведува лице кое завршило: а) педагошка академија – група македонски јазик (одделенска настава); б) Педагошка академија – група македонски јазик и в) филолошки факултет – група македонски јазик и историја на книжевностите на народите на СФРЈ.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, мегу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Со оглед на тоа што со иницијативата се бара Судот да ја оцени уставноста и законитоста на акт, не од причина што содржи одредби кои не се согласни со Уставот и со закон, туку поради отсуство на одредби за кои подносителот на иницијативата смета дека треба да бидат содржани, согласно горенаведената одредба од Уставот, барањето излегува надвор од доменот на надлежноста на Судот, поради што одлучи како во точката 1 ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.44/94