42/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 јули 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2006).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на согласноста на:

– законот означен во точката 1 од ова решение со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и на

– член 24 од законот означен во точката 1 од ова решение со член 36 став 1 точки 12, 13 и 14 и со став 3 од истиот член на Законот за локалната самоуправа.

3. Политичката партија „Демократска унија за интеграција“ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за полиција, на неговата согласност со Законот за локалната самоуправа и на согласноста на одредба од Законот за полиција со одредбите од Законот за локалната самоуправа означени во точката 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, постапката на донесување, односно на гласање на Законот за полиција била во спротивност со Амандман X точка 2 на Уставот на Република Македонија, бидејќи Законот за полиција спаѓал во редот на закони кои уредуваат материја опфатена во означениот амандман, па Собранието на Република Македонија требало да одлучува за него со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што морало да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Исто така, постапката на донесување, односно на гласање на Законот за полиција била во спротивност со одредбите од Законот за локална самоуправа, бидејќи одделни одредби од двата закони уредувале иста материја, а биле донесени на различни начини – без мнозинство од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија (Законот за полиција) и со такво мнозинство (Законот за локална самоуправа) односно одредби за иста материја од два закони различно се донесени од наведениот аспект, при што проблематично било донесувањето односно гласањето на Законот за полиција. Покрај тоа, членот 24 од Законот за полиција бил во спротивност со член 36 став 1 точки 12, 13 и 14 и со став 3 од истиот член на Законот за локалната самоуправа затоа што користел поинаков назив и определувал поинакви надлежности на раководното лице на полицијата во општината (Законот за полиција зборува за „командир на полициската станица со општи надлежности“, а Законот за локална самоуправа за „лице кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи“).

Врз основа на изнесените причини иницијаторот предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за полиција како спротивен на Амандманот X од Уставот на Република Македонија и спротивен на Законот за локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека во постапката на донесувањето на Законот за полиција, Предлогот на Законот за полиција, утврден од Владата на Република Македонија на 5 септември 2006 година, е ставен на седница на Собранието на Република Македонија на 29 септември 2006 година.

Во пауза на таа седница на Собранието на Република Македонија, која била дадена поради спор во врска со спроведувањето на постапката за гласање во Собранието по тој закон, се состана Комитетот за односи меѓу заедниците и изнесе мислење, врз основа на Амандман XII точка 1 став 6 на Уставот на Република Македонија, дека за донесувањето на Законот за полиција не е потребно мнoзинството утврдено со Амандман X точка 2 на Уставот на Република Македонија затоа што предлогот на Законот не содржи одредби во смисла на тој амандман.

Таквата одлука на Комитетот за односи меѓу заедниците е донесена едногласно со 10 (десет) гласа.

Претресот по текстот на предлогот на Законот за полиција е воден 18 дена (29 септември, 2, 3, 4, 5, 6, 9, 10, 12, 16, 17, 18, 19, 20, 25, 26, 27 и 30 октомври 2006 година).

По затворањето на претресот, по предлогот на Законот за полиција гласале 83 пратеника, од кои 71 пратеник глaсале „за“ предлогот, воздржани биле 12 пратеника, „против“ предлогот не се изјаснил ни еден присутен пратеник.

Понатаму, Судот утврди дека Законот за полиција од материјален аспект е составен од 8 глави (или тематски целини) и тоа: I.- Општи одредби; II.- Полициски работи; III.- Организација на полицијата; IV.- Полициски овластувања; V.- Работни односи; VI.- Резервен состав на полицијата; VII.- Овластување за подзаконски прописи; VIII.- Преодни и завршни одредби.

Законот ја опфаќа материјата за полицијата која не е опфатена во Законот за внатрешни работи (член 1) и ја дефинира полицијата како дел од Министерството за внатрешни работи кој ги врши полициските работи преку полициските службеници (член 2), при што основната функција на полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, како и одржување на јавниот ред и мир во општеството (член 3).

Законот за полиција не уредува прашања од областите наведени во Амандман X точка 2 на Уставот на Република Македонија, па ни прашањето за употребата на јазиците, на кој основ во Собранието на Република Македонија се засноваше барањето по Законот за полиција да мора да има мнозинство гласови и од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Според Амандман X точка 2 на Уставот на Република Македонија „За законите кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“.

Од изнесената одредба на означениот амандман на Уставот на Република Македонија произлегува дека само законите кои непосредно односно директно ги уредуваат прашањата од областа на културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, се донесуваат од Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од присутните пратеници и со мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија односно со двојно мнозинство.

Со оглед на тоа што оспорениот закон не се однесува на материја од наведените области, Судот утврди дека неговото недонесување на начин определен во Амандман X точка 2 на Уставот на Република Македонија не е во несогласност со определбата од наведениот амандман.

5. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Имено, по однос на наводите во иницијативата за согласноста на Законот за полиција со Законот за локалната самоуправа и на член 24 од Законот за полиција со член 36 од Законот за локалната самоуправа, Уставниот суд утврди дека согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на законите во целина, како и меѓусебната согласност на одредбите од законите.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на точката 1 со мнозинство гласови.

У.бр.42/2007
4 јули 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи