42/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Михаило Симоновски од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 154 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се ограничувало уставното право на работа гарантирано со член 32 од Уставот на Република Македонија и се повредувало начелото на солидарност и социјална праведност врз кои се засновало инвалидското и пензиското осигурување како дел од социјалното осигурување.

Со оглед на изнесеното подносителот на иницијативата смета дека член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување не е во согласност со Уставот на Република Македонија, поради што предлага Уставниот суд да го поништи со цел да се отклонат остварените последици од досегашната негова примена и воедно да се спречи настапувањето на нови последици од неговата примена во иднина.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 154 од Законот е предвидено дека на корисник на пензија додека е во работен однос или додека врши дејност во Републиката или во странство му се запира исплатата на пензија.

Исто така, Судот утврди дека по поднесена иницијатива на Светозар Георгиевски од Скопје веќе ја оценувал уставноста на овој член на Законот и со Решение У.бр.10/97 од 26 февруари 1997 година не поведе постапка за оценување на неговата уставност со образложение дека како услов за остварување на правото на лична пензија е престанок на работниот однос односно престанок на другите основи за остварување на средства за живот и тоа осигурување претставува всушност обезбедување на социјална сигурност на граѓаните по престанокот на работниот однос или по престанокот на вршење дејност или на друг со закон предвиден начин за обезбедување средства за живот.

Според мислењето на Судот заради обезбедување на начелото на социјалната праведност не постои уставна пречка со закон да се предвиди на лицата кои на друг начин ја обезбедуваат својата социјална сигурност, по стекнувањето право на лична пензија, а не со користење на пензијата, привремено да им мирува користењето на пензијата. При тоа, со привременото ограничување на правото на користење на пензијата, не се задира во веќе стекнатите права, што значи дека тие ниту се отуѓуваат ниту се одземаат, туку, како што предвидел и самиот закон во член 6 став 3 привремено се ограничува нивното користење во случаи предвидени со закон, како што впрочем е предвиден и спорниот случај.

4. Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста на член 154 од Законот, а по повод на сега поднесената иницијатива не најде основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.42/97)