4/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 септември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 1-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (“Службен весник на РМ” бр.20/98 и 31/2000).

2. Советот на Управниот одбор на Манастирот “Св.Никита”, застапуван од Вељановски Борис од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од членот 1 од Законот била несогласна со Уставот затоа што овој закон бил донесен на барање на Македонската Православна црква за враќање на имотот во нејзина согласност.

Подносителот на иницијативата смета дека имотот на манастирите не може да биде дел од црковниот имот на Македонската Православна црква, какво што решение содржела оспорената одредба од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 1-а од Законот за измени и дополнувања на Законот за денационализација се враќа имотот, односно се дава надомест за имот на физички лица и на верски храмови, манастири и вакафи одземени по 2 август 1944 година:

1) врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста;
2) врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување на општокорисни цели, како и имот експроприран заради остварување на општокорисни цели, односно општ интерес ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експропријација и
3) без правна основа”.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е правната заштита на сопственоста.

Исто така, согласно член 19 став 3 од Уставот, Македонската православна црква, другите верски заедници и регигиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон.

Од наведената одредба од членот 8 став 1 алинеја 6 од Уставот произлегува дека сопственоста е правно заштитена, па според Судот, поаѓајќи од ова уставно начело законодавецот со оспорената одредба предвидел да им биде вратена одземената сопственост (недвижниот имот) на физичките лица, на верските храмови, манастирите и сл.

Дали, пак, недвижноста, односно сопственоста на манастирското земјиште потпаѓа под режимот на Македонската православна црква, како дел од нејзината сопственост, согласно член 19 став 3 од Уставот (според кој Македонската православна црква и другите верски заедници се одвоени од државата), е прашање кое излегува надвор од доменот на надлежноста на овој Суд.

На крај, во однос на наводите во иницијативата според кои законското решение предвидувало одземениот имот да се врати на Македонската православна црква, Судот оцени дека истите се неосновани од причини што законодавецот, меѓу правните субјекти на кои треба да им се врати имотот, ги предвидува манастирите, а не Македонската православна црква. На кој начин, пак, е решен имотно правниот однос меѓу Македонската православна црква и манастирите е прашање за кое Судот не е надлежен да одлучува.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.4/2002
18 септември 2002 год.
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов