41/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 јуни 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 35 став 1 точка 5 под б и член 42 од Правилникот за основите и мерилата за решавање на станбените потреби на работниците во “Електро-Македонија” во Скопје, донесен со референдум на 22 мај 1989 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Блаже Костадиновски од Титов Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 35 став 1 точка 5 под б и член 42 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со начинот на кој се предвидени и вреднувани основите не се решаваат станбените потреби на работниците, што не било во согласност со законот.
3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 35 став 1 точка 5 под б е предвидено работникот кој со своето семејство живее во несоодветен сопствен или општествен стан под 20м2 се вреднува, освен по однос на корисна површина и по основ на време на живеење во тој стан. Во член 42 е предвидено да се вреднува времето на чекање за решавање на станбени потреби на работникот со определен број бодови.
4. Според член 42 и 42-а од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86, 1/90 и 11/90), давателот на станот на користење со општ акт ги утврдува условите и начинот на давање на станови на користење односно основите и мерилата за определување редот на првенството за добивање на стан.
Од изнесените одредби произлегува дека е право на претпријатието со општ акт да ги утврди основите и мерилата за определување редот на првенство за добивање на стан, а во тие рамки да го предвиди и вреднува станбениот статус на работникот и времето на чекање за решавање на станбените потреби, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со означените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкатта 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.