40/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 јуни 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за урбанистичко-архитектонската единица број 3 во Прилеп, донесена од Собранието на Општината Прилеп на 23 ноември 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Мирко Чавлески и Трајче Ристески од Прилеп за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била донесена во постапка пропишана со закон.
Истовремено е побарано запирање од извршување на поединечните акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, до донесување конечна одлука на Судот.
3. На седницата Судот утврди дека нацртот на Планот бил ставен на јавен увид во просториите на Одделението за просторно и урбанистичко планирање од 15 до 30 октомври 1990 година и за тоа населението било известено преку Центарот за печат и радио во Прилеп. Потоа, била организирана јавна расправа на 31 октомври 1990 година, при што биле изнесени неколку забелешки на нацртот на Планот, од кои дел се усвоени и внесени во Планот, а на забелешките кои не биле прифатени било дадено образложение од Собранието на Општината.
4. Според член 31 став 4 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.35/85 и 18/89), кој се применувал во време на донесувањето на оспорената одлука, урбанистичкиот план задолжително се ставаше во фазата нацрт на план, на јавен увид и јавна расправа, а според член 33 од Законот собранието на општината ги разгледува мислењата и забелешките од јавниот увид и јавната расправа и за неприфатените забелешки дава образложение, кое е составен дел на документацијата на планот. Во член 34 став 1 од овој закон е предвидено дека урбанистичките планови ги донесува собранието на општината, а во член 37 став 2 од Законот е определено дека измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на начин и постапка пропишани со овој закон.
Со оглед на тоа што при донесувањето на оспорената одлука била обезбедена постапка пропишана со Законот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Имајќи предвид дека не поведе постапка, Судот оцени дека не се исполнети условите пропишани во член 27 од Деловникот на Судот за изрекување времена мерка.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.