39/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Глава ВИ членовите 41-48 и член 164 од Законот за заштита и спасување (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/2004 и 49/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со Законот за заштита и спасување се задирало во Законот за одбрана што не било согласно со Уставот, затоа што Законот за одбрана се донесувал со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, додека Законот за заштита и спасување се донесувал со просто мнозинство, поради што имал и послаба правна сила.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорените одредби од Главата ВИ од Законот се уредуваат прашања во врска со правата и должностите на граѓаните во заштитата и спасувањето како што се: учество во заштитата и спасувањето; извршувањето на материјалните обврски и оспособувањето и подготвувањето на самозаштитата.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа што наводите поради кои се оспорува Законот за заштита и спасување се недоволно прецизни, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.39/2005
14 септември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова