39/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 јули 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 16 и 27 од Тарифниот систем за наплата на услуги што ги врши АД “Топлификација”-Скопје, донесен од Управниот одбор на АД “Топлификација”-Скопје на 23 септември 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.57/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Владимир Вешовски, дипломиран правник од Струга, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата членот 16 од Тарифниот систем бил во несогласност со член 9 и 55 од Уставот на Република Македонија, затоа што предвидувал различни услови за промена на пријавената топлинска моќност, односно за намалувањето, неизвршувањето на намалувањето, како и за наголемувањето на пријавената моќност со што се создавала дискриминација помеѓу граѓаните и нееднаква правна положба на субјектите на пазарот.

Основен критериум за утврдување вредноста на топлинската моќност била потрошената топлинска енергија, а не енергијата која би требало да ја потроши корисникот. Според тоа оспорените одредби од означениот Тарифен систем не биле во согласност и со член 15 од Законот за облигационите односи затоа што, според оваа одредба во засновањето на договорните односи учесниците поаѓале од начелото на еднаква вредност на взаемните давања и овој принцип требало да се применува и при користењето на топлинската енергија, од причини што и топлинската енергија била стока.

Членот 27 од Тарифниот систем, бил во несогласност со членот 378 став 1 точка 1 од Законот за облигационите односи, затоа што според оваа одредба побарувањата за испорачана топлинска енергија застарувале за една до три години, во зависност од категоријата на корисниците, а не за една година како што предвидувала означената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 16 од Тарифниот систем се утврдени условите за промена на пријавената топлинска моќност на објектот. Според точката 1 на оваа одредба пријавената топлинска моќност на објектот се намалува во случај на повторување три едноподруто сметки на корисникот од типот (А), и тоа во следните проценти: а) најмногу до 30%, доколку месечниот сооднос помеѓу потрошената енергија и енергијата која требало да ја потроши објектот, според сметките е помал од вредноста (0,5); б) најмногу до 15% доколку максималниот сооднос помеѓу потрошената енергија и енергијата која требало да ја потроши објектот според сметката е поголем или еднаков на (0,5). Намалувањето на пријавената моќност нема да се изврши при повторувањето три последователни сметки од типот (А) ако средниот проток на топлоносителот низ објектот е поголем 1.3 пати во однос на номиналниот.

Во точката 2 од истата одредба пријавената топлинска моќност на објектот се наголемува во случај на повторување на две едноподруго сметки од последните три месеци на корисникот од типот (О; Р; Р; М), и тоа во следниот обем: а) во случај на идентичност на типовите на трите последователни сметки на корисникот, пријавената моќност на објектот се зголемува за минимална граница на типот на сметките, плус половина од обемот на типот на сметката; б) во случај на диференција на типовите на трите последователни сметки на корисникот пријавената моќнот се наголемува за максимална граница на најмалиот тип на сметка ако трите сметки на корисникот се од типот (М) пријавената моќност на објектот се наголемува за минимален однос помеѓу потрошената и употребната енергија на трите сметки; г) ако една од последните три сметки на корисникот е од типот (Н) додека другите две сметки се од типот (О, П, П, М) пријавената моќност се наголемува за 15%.

Во оспорениот член 27 од Тарифниот систем е предвидено дека сите корисници кои не се пријавиле уредно и благовремено од било која причина кај испорачателот а се затекнати во грејната сезона како корисници, ќе бидат задолжени во периодот од една до три години во зависност од типот на корисникот, а во согласност со важечките законски прописи, а најмалку за перидот од почетокот на тековната сезона.

Задолжението ќе се изврши по цена и тарифен систем кои важат во моментот на откривањето.

4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Во ставот 2 на овој член е предвидено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 55 од Уставот е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 2 на овој член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Според член 37 од Законот за енергетика (“Службен весник на СРМ” бр.41/87, 42/88 и “Службен весник на Република Македонија” бр.13/93 и 15/93), односите меѓу испорачателот и корисникот на енергија се уредуваат во согласност со општите услови за испорака на соодветен вид енергија, тарифните системи за одделни видови енергија и со други општи акти на претпријатијата од областа на енергетиката, во согласност со овој закон.

Во членот 38 од овој закон е предвидено дека со општите услови за испорака на соодветен вид на енергија од енергетските системи поблиску се определуваат условите и начинот на испорака и меѓусебните права, обврски и одговорности на испорачателот и корисникот на соодветиот вид на енергија, меѓудругото, начинот на пресметување и наплатување на испорачаната енергија и висината на договорената казна во случај на нередовна и неквалитетна испорака, односно нередовното преземање на енергијата од страна на корисникот.

Според член 52 од Општите услови за испорака на топлинска енергија (“Службен весник на СРМ” бр.47/89), надоместокот за испорачаната топлинска енергија испорачателот по групи на корисниците на услугите го наплатува на два начина: а) преку мерач на топлинска енергија; и б) преку пресметка, а во членот 26 од Одлуката за испорака и користење на топлинска енергија, донесена од Собранието на град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.22/83), надоместокот за користење на енергија за затоплување на станбени простории се утврдува преку мерни уреди, а за објектите во кои не се вградени мерни уреди надоместокот за користење на топлинска енергија се утврдува по м2 затворена станбена површина со одлука на “Топлификација”.

Во членот 39 од означениот закон е предвидено дека испораката на топлинска енергија се врши според тарифни ставови, во рамките на соодветните тарифни системи за продажба, а според ставот 2 на овој член, со тарифниот систем за продажба на соодветниот вид на енергија се утврдуваат тарифните ставови во однос на времето на потрошувачката (час, ден, месеци сезона на потрошувачката), ангажираната моќност, количеството и квалитетот на енергијата што се презема (активна и реактивна енергија), категоријата на потрошувачката, односно на корисникот за кој се применуваат одделни ставови.

Од наведените одредби на Законот несомнено произлегува дека односите меѓу испорачателот и корисникот на топлинската енергија се уредуваат според општите услови за испорака на топлинска енергија, тарифните системи и други општи акти на претпријатието. Понатаму, од Законот произлегува дека со тарифниот систем се уредуваат тарифните ставови во однос на времето на потрошувачката, ангажираната моќност, количеството и квалитетот на енергијата што се презема, категоријата на потрошувачката, односно на корисникот за кој се применуваат одделни ставови. Според тоа, топлинската моќност е еден од елементите за пресметка на надоместокот за испорачаната топлинска енергија.

Според член 1 од Тарифниот систем за наплата на услуги што го врши АД “Топлификација” – Скопје, се определеуваат основните тарифни елементи за пресметување на надоместокот за топлинска енергија и услуги што АД “Топлификација” – Скопје им ја испорачува на корисниците.

Во членот 3 од Тарифниот систем е предвидено дека надоместокот за испорачана топлинска енергија испорачателот по групи на корисници го наплатува на два начина: преку мерач на топлинска енергија и преку пресметка, а според членот 4 од овој тарифен систем, топлинската моќност, меродавна за пресметка на надоместокот во зависност од групите и начинот на наплата може да биде: инсталирана моќност – топлинската моќност на инсталираните грејни тела (приклучени на грејната мрежа), за проектираниот режим на работа, односно според податоците од проектот; ангажирана моќност – просечно ангажираната топлинска моќност во одреден период кој се одредува од потрошената топлинска енергија спрема потребната за инсталираната сила според климатските услови за разгледуваниот период; пресметковната моќност за станбената единица – вкупната инсталирана моќност на сите станбени единици поделена со вкупната нето отоплувана површина на сите станбени единици и помножена со површината на станбената единица.

Според членот 5 од Тарифниот систем на корисниците кои плаќаат преку мерач на топлинска енергија надоместокот им се одредува од вредноста на надоместокот, а тој е еднаков на актуелната моќност на објектот, цената на топлинска моќност за соодветна група, потрошената енергија регистрирана на мерачот и цената на енергијата за соодветната група.

Понатаму, со Тарифниот систем се уредува распределбата на топлинската моќност по единици и распределбата на енергијата – распределена енергија по единици, по групи на корисници, како и други параметри од влијание на надоместокот за топлинска енергија. Во таа смисла со оспорената одредба на член 16 од Тарифниот систем, се утврдени условите за промена на пријавената топлинска моќност на објектот, односно за нејзино намалување или наголемување.

Тргнувајки од елементот топлинска моќност, што претставува инсталирана топлинска моќност на грејните тела на корисникот за проектните услови (проектна температура во просториите 20 оС и температурниот режим на грејните тела), при приклучување на објектот, таа се зема како пријавена моќност, која кориснсикот ќе ја ангажира за задоволување на своите потреби и доколку се одржува проектната температура од 20 оС, имајки ги предвид и топлинските загуби, ангажираната сила ќе одговара на пријавената. Во спротивно, ангажирањето на поголем просек од номиналниот од страна на корисникот, значи и ангажирање на поголема моќност од топлификациониот систем. Споредувањето на стварно потрошената енергија (Епот) регистрирана со мерачот и енергијата што можела да се потроши (Епре-номинална енергија), го дава отстапувањето на пријавената од стварно ангажираната моќност, односно покажува дали корисникот ангажирал поголема или помала моќност на топлинската енергија од пријавената.

Оспорениот член 16 од Тарифниот систем, всушност го уредува прашањето за отстапување од пријавената – ангажирана топлинска моќност во одреден временски период, а отстапувањето може да биде со зголемување или намалување на пријавената моќност спрема утврдените ставови од истиот член. При тоа, средната ангажирана моќност од корисникот се смета како пријавена моќност за наредниот период, односно се смета дека корисникот ги редифинира своите потреби. Во случаите, пак, кога корисникот остварува помала потрошувачка на топлинската енергија од онаа што треба да ја потроши спрема пријавената топлинска моќ, за испорачателот е штетен, затоа што му ангажира моќност без од неа да се користи топлинска енергија, односно оневозможува нормална испорака на топлинска енергија за други корисници или да го пласира својот производ. Од овие причини со оспорениот став од член 16 од Тарифниот систем е предвидено дека и во случаи на помала потрошувачка од номиналната, а кога средниот ангажиран проток е поголем за 1,3 потрошувачка од номиналната, нема да се врши намалување на пријавената моќност. Според тоа, тарифниот став ја има предид ангажираната топлинска енергија -почетен индекс кој во текот на користењето отстапува и соодветно на таа се разврстува во тарифен став.

Неспорно е дека според оспорениот член 16 од Тарифниот систем граѓаните не се во еднаква положба. Меѓутоа, треба да се има предвид дека со оваа одредба се утврдуваат тарифни ставови во зависност од обемот на отстапувањето од пријавената топлинска енергија од страна на корисниците, што значи дека тие не се во еднаква правна положба, во зависност од отстапувањето на пријавената топлинска моќ при користењето на топлинската енергија граѓаните се сврстуваат во соодветен тарифен став што ја изразува различната правна положба. Во таа смисла, Судот смета дека тарифните ставови утврдени со оспорената одредба претставуваат објективизирани мерила при формирањето на цената за наплата на услугите што ги врши АД “Топлификација” Скопје.

Според мислењето на Судот условите за промена на топлинската моќност на објектот, односно ставовите за намалувањето или наголемувањето на топлинската моќност, освен како елемент во формирањето на цената, се во функција на топлификациониот систем во целина преку кој се обезбедува квалитетен и константен проток на топлинската енергија.

Со оглед на тоа што тарифните ставови утврдени со оспорената одредба на член 16 од Тарифниот систем изразуваат различна правна положба на корисниците на топлинска енергија, во зависност од пријавената топлинска моќ, што значи дека корисниците при користењето на топлинската енергија не се наоѓаат во иста положба, Судот наоѓа дека со оваа одредба не се повредуваат уставните начела за еднаквост на граѓаните и за еднаква правна положба на субјектите на пазарот, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 9 и член 55 став 2 од Уставот.

Од аспект на облигационо-правните односи, поаѓајки од начелото на еднаквост на давачката, корисниците на топлинска енергија плаќаат за онолку енергија колку што им е испорачана што се утврдува преку мерните инструменти. Меѓутоа, треба да се има предвид дека оваа категорија на корисници се приклучува на топловодниот систем на сопствено барање при што склучува договор со АД “Топлификација” – Скопје со кој се утврдуваат времето, начинот и условите на приклучувањето, меѓу другото, и ангажираната топлинска енергија што укажува на облигационо-правниот однос помеѓу корисникот и АД “Топлификација”. Според тоа, корисникот склучувајки го договорот ги имал предвид условите утврдени со Тарифниот систем па во таа смисла и тарифните ставови содржани во оспорениот член 16 од Тарифниот систем, поради што Судот оцени дека од овој аспект не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Тарифниот систем во Законот за облигационите односи.

5. Според член 378 став 1 точка 1 од Законот за облигационите односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/78, 39/85 и 57/89), побарувањата за надомест за испорачана топлинска енергија, кога испораката е извршена за потребите на домаќинствата, застаруваат за една година.

Во членот 374 став 1 од овој закон, е предвидено дека меѓусебните побарувања на правните лица од договорите во прометот со стока и услуги и побарувањата за надомест на трошоците направени во врска со тие договори, застаруваат за три години.

Од наведените одредби произлегува дека Законот прави диференцијација во поглед на застареноста на побарувањата помеѓу правните лица и кога е во прашање испорака, односно услуга извршена за потребите на домаќинствата.

Со оспорената одредба на член 27 од Тарифниот систем се задолжени сите корисници кои не се пријавиле уредно и благовремено од било која причина кај испорачателот, а се затекнати во грејната сезона како корисници, во период од една до три години во зависност од типот на корисникот, а во согласност со важечките законски прописи а најмалку за периодот од почетокот на тековната сезона, да платат надоместок за користење на топлинска енергија. Според мислењето на Судот оваа одредба јасно укажува дека овие корисници се задолжуваат да платат, а времето за задолжување изнесува една до три години и тоа во зависност од важечките законски прописи, што значи од типот на корисникот ќе зависи и времето на задолжувањето (застареноста), односно дали се работи за испорачана топлинска енергија за домаќинства или правни лица. Според тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на одредбата од член 27 од Тарифниот систем со член 378 од Законот за облигационите односи.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.39 /97)