38/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 32 став 1 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 108/2005-пречистен текст, 61/2006 и 36/2007).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005).

3. Дашмир Салија од с. Неготино – Полошко на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со членот 10 став 5 од Законот за државните службеници, било предвидено дека секретарот на општината се именувал од редот на раководните државни службеници од администрацијата на општината и нивниот мандат траел колку и мандатот на градоначалникот. Оспорениот член 32 став 1 бил уставно проблематичен само во врска со оспоренииот член 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници, бидејќи во содејство одредбите од членовите 32 став 1 и 59 регулирале можност за секретар на општината да се именува лице кое не е вработено во општинската администрација, а потоа тоа лице по истекот на мандатот или по разрешувањето имало право да се распореди во истиот орган или да се вработи без јавен оглас во друг орган од членот 3 став (2) на Законот за државните службеници, на работно место во едно од звањата од групата раководни државни службеници, но не пониско од звањето што го имал пред да биде именуван за секретар.

Според наводите во иницијативата, со ваквата законска определба се овозможувало на привилегиран начин одредени лица да се стекнуваат со звања и работен однос во општинската администрација за разлика од други лица, и ист статус на државни службеници да се стекнува од граѓаните на различен начин. Воедно со тоа се нарушувала и професионалноста во работењето бидејќи секретарите се именувале надвор од лицата кои биле државни службеници на администрацијата на општината и без никакво искуство раководеле во општината.

Од овие причини, оспорените законски одредби биле во несогласност со членот 32 ставови 1, 2 и 5 од Уставот, според кои секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, потоа, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место и остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Уставот на Република Македонија, во делот на одредбите кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, во членот 32 став 1 утврдил дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а во ставот 5 е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Законот за државните службеници во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, системот на плати и надоместоци на плати на државните службеници, како и надлежностите на Агенцијата за државни службеници.

Согласно членот 3 ставови 1 и 2 од овој закон, државен службеник е лице кое врши стручни, нормативно-правни, извршни, управно-надзорни работи и решава управни работи во согласност со Уставот и со закон. Државен службеник е лице вработено во органите на државната управа, во општинската администрација и администрацијата на Градот Скопје и стручните служби на: Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, судовите, Републичкиот судски совет, Народниот правобранител, Јавното правобранителство, Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Агенцијата за државни службеници и Државниот завод за ревизија.

Според членот 6 од Законот, државните службненици во зависност од службените задачи што ги извршуваат, се класифицираат во три групи и звања. Во првата група се раководни државни службеници во кои припаѓаат генерален секретар, државен секретар, секретар на градот Скопје, секретар на општина со седиште во град и секретар на општина со седиште во село. Во втората група се класифицирани стручни државни службеници, а во третата група се класифицирани стручно-административни државни службеници.

Во делот на одредбите од Законот, кои се однесуваат на вработување на државните службеници, со членот 9 се регулирани општите услови за засновање на работен однос на државен службеник.

Меѓутоа, Законот во членот 10 став 1 утврдил дека генералните секретари во органите од членот 6 став 5 на овој закон, ги именуваат овие органи самостојно од редот на раководните државни службеници во тие органи, а државниот секретар во министерството и во Секретаријатот за европски прашања го именува Владата на Република Македонија, на предлог на министерот, од редот на државните службеници од овие органи.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005), било предвидено дека во раководни државни службеници од членот 6 став 2 од Законот, покрај генерален и државен секретар се и секретар на град Скопје, секретар на општина со седиште во град и секретар на општина со седиште во село, и според ставот 5 од членот 10 од Законот, овие секретари градоначалниците ги именуваат од редот на раководни државни службеници од администрацијата на Градот Скопје, односно општинската администрација.

Во преодните и завршните одредби од Законот за државните службеници, кој е донесен во 2000 година со членот 86 било предвидено дека за генерален, односно државен секретар во рок од три години од денот на влегувањето во сила на овој закон, можат да се именуваат и лица кои не се вработени во органите од член 3 став 2 на овој закон, а тоа е периодот од 22 јули 2000 година до 22 јули 2003 година во кој период можеле овие секретари да се именуваат надвор од државните службеници во органите.

Како преодно решение и со членот 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005), кој е сега оспорен, било предвидено дека за секретар на градот Скопје, односно секретар на општина со седиште во град, односно секретар на општина со седиште во село, во рок од две години од денот на влегување во сила на овој закон, можат да се именуваат и лица кои не се вработени во наведената администрација, а тоа е периодот до 26 септември 2007 година во кој можеле да се именуваат овие секретари надвор од наведената администрација.

Според членот 32 став 1 од Законот за државните службеници, кој е оспорен со иницијативата, по истекот на мандатот или по разрешувањето, секретарот се распоредува во истиот орган или се вработува без јавен оглас во друг орган од членот 3 став 2 на овој закон, на работно место во едно од звањата од групата раководни државни службеници, но не пониско од звањето што го имал пред да биде именуван за секретар.

Од анализата на изнесените одредби од Законот, Судот утврди дека законодавецот уредил основен и преоден режим на именување на сите видови секретари во системот на регулирањето на односите на раководните државни службеници. Имено, со закон на еднаков принцип е пропишано дека секретарите се именуваат од редот на администрацијата во органите во кои тие се именуваат, но примената на тој законски основ е уреден да настапи по протек на преоден временски период, во кој период секретарите можеле да се именуваат и надвор од редот на државните службеници во органот каде се именувале.

Во правниот поредок, од стапувањето во сила на Законот за државните службеници и неговите измени и дополнувања, веќе е изминат периодот на примена на изнесените преодни законски решенија кои имале темпорален карактер во кои е и оспорениот член 59 од Законот, односно овие одредби повеќе не се во примена и се применуваат одредбите од основниот режим на регулирање на односите за именување на секретари.

Меѓутоа, без оглед на основот по кој биле именувани, со членот 32 став 1 од Законот е предвидено за сите секретари по истекот на мандатот или по разрешувањето да можат да се распоредат во истиот орган или во друг да се вработат без јавен оглас, и тоа во рангот на раководни државни службеници не пониско од звањето што го имал пред да биде именуван за секретар.

Оваа одредба неподелено е во корелација со основните и со преодните одредби од Законот кои се однесуваат на секретарите. Имено, од анализата на оспорената одредба од членот 32 став 1 од Законот произлегува дека со оваа одредба општо се уредува прашањето на секретарите по истекот на нивниот мандат или по разрешувањето. Таа секако се однесува на секретарите кои биле именувани од редот на државните службеници и администрацијата во органите каде веќе биле вработени пред нивното именување и соодветно на тоа ги регулира односите по престанокот на раководната функција како секретар. Меѓутоа, со оваа одредба и други одредби од Законот, не се исклучени и посебно уредени секретарите кои биле именувани со преодниот режим на Законот.

Со оглед на тоа што членот 32 став 1 од Законот општо го уредува статусот на секретарите за периодот по престанокот на нивниот мандат или разрешување, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оваа законска одредба со Уставот од причините изнесени во иницијативата, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Во однос на оспорениот член 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници, Судот оцени дека има времен карактер и веќе не се применува по истекот на две години од денот на влегувањето во сила на Законот, поради што се настапени условите за отфрлање на иницијативата, согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, заради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.38/2008
7 мај 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски