38/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 2 од Правилникот за начин и постапка за утврдување и одобрување на користењето на повластени тарифи за купопродажба на електрична енергија произведена во мали хидроелектрани, бр.01-230/1, донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на 9 февруари 2007 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/2007).

2. Крсте Белевски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 2 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот став 2 на членот 2 од Правилникот не бил во согласност со членовите 8 и 55 од Уставот на Република Македонија и членовите 133, 139, 140 и 141 од Законот за енергетика.

Имено, од наведените одредби од Законот не произлегувал правен основ за да можела Регулаторната комисија, повластените тарифи за електрична енергија да ги утврдува само за ново изградените мали хидроелектрани, а не и за постојните производители на електрична енергија, со што се повредувале членовите 8 алинеја 7 и 55 од Уставот на Република Македонија, како и повеќе одредби од Законот за енергетика.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 19 алинеја 4 и член 141 став 1 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006), Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, на седницата одржана на 9 февруари 2007 година, донела Правилник за начин и постапка за утврдување и одоббрување на користењето на повластени тарифи за купопродажба на електрична енергија произведена во мали хидроелектрани

Според член 1, со овој Правилник се уредува начинот на утврдување на повластените тарифи за електрична енергија произведена од мали хидроелектрани кои се стекнале со својство на повластен производител (во понатамошниот текст: повластени тарифи), како и постапката за одобрување на користењето на повластени тарифи.

Според оспорениот член 2 на овој Правилник, повластените тарифи претставуваат регулирани тарифи на електрична енергија, утврдени и објавени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, по кои количините на електричната енергија испорачана од мали, хидроелектрани кои се стекнале со својство на повластен производител, ќе се откупуваат од страна на операторот на пазарот на електрична енергија.
Повластените тарифи од ставот 1 на овој член се однесуваат на количините на електричната енергија испорачана од ново изградени проточни МХЕ со инсталирана моќност до 10.000 кW, кои се стекнале со својство на повластен производител.
Повластениот производител е должен за период од 20 години да ги користи повластените тарифи за чие што користење добил одлука за одобрување.
Операторот на пазарот на електрична енергија е должен да ја откупи целокупната количина на електрична енергија испорачна од повластениот производител, по повластените тарифи за кои Регулаторната комисија за енергетика донела одлука за одобрување на користење од страна на овој повластен производител.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 7од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презма мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Со Законот за енергетика, се уредуваат целите на енергетската политика и начинот на нејзина реализација, енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности, изградбата на енергетските објекти, функционирањето на Регулаторната комисија за енергетика, пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта и нафтени деривати и пазарот на топлинска, односно геотермална енергија, условите за остварување на енергетската ефикасност и промоцијата на користењето на обновливите извори на енергија и други прашања од значење за енергетиката (член 1).
Согласно член 2 од Законот, целта на овој закон е да обезбеди сигурно, квалитетно и ефикасно снабдување со енергија на потрошувачите и да се создаде финансиски одржлив сектор, негов развој, поттикнување на конкуренцијата на енергетските пазари, зголемување на енергетската ефикасност и заштита на животната средина од негативните влијанија при вршењето на одделни дејности од областа на енергетиката.

Со членот 8 од Законот се определува значењето на одделните изрази употребени во овој закон. Така, во точката 86 на овој член од Законот е утврдено дека “повластен производител на електрична енергија” е оној производител кој произведува електрична енергија со висок степен на искористување на природното гориво или кој користи обновливи извори на енергија или отпад, на економски оправдан начин и во согласност со барањата за заштита на животната средина, а во точката 87 од наведениот член од Законот е определено дека “обновливи извори на енергија” се нефосилни извори на енергија (хидроенергија, ветер, соларна енергија, геотермална енергија, биомаса, земен гас и биогас).

Енергетската политика која, согласно член 9 од Законот, има за цел остварување на целите на овој закон, се утврдува со Стратегија за развој на енергетиката, која согласно член 10 од Законот, ја донесува Владата на Република Македонија и со програми за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката, кои ги донесува Владата на Република Македонија, (член 11) односно советот на општината (член 13).

Според членот 18 од Законот кој се наоѓа во Главата III, работите кои се однесуваат на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со овој закон ги врши Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со овој закон. Регулаторната комисија за енергетика има својство на правно лице.

Регулаторната комисија согласно членот 19 од Законот, меѓу другото, е надлежна и да го следи функционирањето на пазарот на енергија и да предлага мерки за унапредување со цел да обезбеди недискриминација, ефективна конкуренција и ефикасно функционирање на пазарот (став 1 алинеја 1), донеува прописи за формирање на цени на одделни видови на енергија и услуги во врска со вршењето на регулираните тарифни системи за одделни видови енергија (алинеја 5) и т.н. Во оваа насока е и алинејата 6 на ставот 2 од членот 10 од Законот според која со Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија се утврдуваат потикнувачки мерки за инвестирање во енергетски објекти во кои се користат обновливи извори на енергија. Оттука во Глава XII “енергетска ефикасност и обновливи енергетски извори“ е поместен и членот 133 од Законот според кој Стратегијата за искористувањето на обновливите извори на енергија ги дефинира целите за искористувањето на обновливите извори на енергија и начините на кои таквите цели се постигнуваат, а особено: потенцијалот на обновливите извори на енергија, изводливоста на искористувањето на потенцијалот на обновливите извори на енергија, зацртаниот обем и динамиката за воведување на потрошувачка на електрична енергија од обновливите извори на енергија во енергетскиот биланс и дефинирање на преодни мерки за поддршка на искористувањето на обновливите извори на енергија преку повластени тарифи за повластени производители на електрична енергија и други мерки за подршка. Во ставот 2 на членот 133 од Законот е утврдено дека Стратегијата за искористувањето на обновливите извори на енергија се донесува за период од најмалку десет години.

Согласно членот 140 став 4 од Законот, Агенцијата за енергетика на Република Македонија издава документ со кој се потврдува дека производител на електрична енергија во Република Македонија користел извори на обновлива енергија согласно со прописот од членот 139 од овој закон. Со издадениот документ производителот на електрична енергија стекнува право да се квалификува како повластен производител на електрична енергија, да добие гаранции за потекло за количините на така произведената електрична енергија и да користи повластени тарифи. Од наведениот став произлегува дека секоја мала хидроелектрична централа која се стекнала со својство на повластен производител, согласно актот издаден од Агенцијата за енергетика на Република Македонија, може до Регулаторната комисија за енергетика да поднесе барање за одобрување на користење на повластени тарифи, врз основа на што Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе одлука.

Од наведените законски одредби произлегува дека законодавецот при уредувањето на областа на енергетиката а во тие рамки и улогата на Регулаторната комисија по однос на прашањето на реализацијата на целите кои треба да се постигнат со Законот за енергетика определувал дека е потребно да постои комплементарност како во изработката, така и во реализација на целите во двете стратегии, при што Стратегијата за искористувањето на обновливите извори на енергија треба да се изготвува и реализира во рамките на Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија.

Оттука, може да се заклучи дека преодните мерки за подршка на искористувањето на обновливите извори на енергија преку повластени тарифи за повластени производитлеи на електрична енергија, кои што треба да се утврдат во Стратегијата за искористувањето на обновливите извори на енергија, треба да бидат во функција на реализација на поттикнувачките мерки кои што во Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија ќе бидат утврдени за инвестирање во енергетски објекти во кои се користат обновливи извори на енергија за производство на електрична енергија. Ова значи дека повластената тарифа како предвидена стратешка мерка за поддршка може да се однесува исклучиво за инвестирањето во изградба на нови мали хидроелектрани.

Од изнесената елаборација на одредбите од Законот за енергетика, произлегува дека законодавецот во уредувањето на предметната материја на овој закон, како во целина така и во делот што се однесува на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија воспоставил таков правен режим и во тие рамки ги димензионира односите (правата и обврските на субјектите) поаѓајќи од целите кои треба да се постигнат со овој закон утврдени во членот 2 од Законот и остварувањето на енергетската политика како што е предвидено во членот 9 од Законот.

Заради остварување на целите кои треба да се постигнат со Законот за енергетика, Регулаторната комисија согласно овластувањето утврдено во членот 141 од Законот, според кој, таа утврдува повластени тарифи за електрична енергија која ја продават повластените производители на електрична енергија и производителите на електрична енергија од високоефикасни комбинирани постројки, го донела и оспорениот Правилник за начинот и постапката за утврдување и одобрување на користењето на повластени тарифи за купопродажба на електрична енергија произведена во мали хидроелектрани.

Со членот 1 на оспорениот Правилник се уредува начинот на утврдување на повластените тарифи за електрична енергија произведени од мали хидроелектрани кои се стекнале со својство на повластен производител, како и постапката за одобрување на користењето на повластени тарифи.

Од содржината на одредбите од оспорениот Правилник произлегува дека со него всушност се разработуваат и операционализираат одредбите од Законот за енергетика кои се однесуваат на предметната материја, а сето тоа во функција на остварување на целта на законот – неговото извршување.

Имено, Регулаторната комисија за енергетика при носењето на Одлуката за утврдување на повластените тарифи за купопродажба на електрична енергија произведена и испорачана од мали хидроелектрани кои се стекнале со својство на повластен производител, повластените тарифи ги определила во износи кои ќе овозможат поврат на вложените средтва во изградбата на малите хидроелектрани за период од 7 до 12 години во зависност од локациските и хидролошките услови на малата хидроелектрана.

Во однос на прашањето, односно наводот во иницијативата дали утврдувањето на повластените тарифи од страна на Регулаторната комисија треба да се однесува само за инвестирањето во изградба на нови мали хидроелектрични, а не и на постојните производители на електрична енергија според Судот со утврдувањето на повластените тарифи за електрична енергија произведена само од малите хидроелектрани, а не и на постојните производители на електрична енергија не се повредува начелото на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот утврдено во членот 55 од Уставот од причини што и постојните мали хидроелектрани се изградени на поволни локации од хидролошки и експлоатациони аспект што всушност значи дека и тие од почеток се стекнале со поповолна положба во однос на идните хидроелектрани, а сето тоа било направено и се прави во рамките на расположливите финансиски и други можности на државата да обезбеди што поповолни услови за остварување на целите кои се утврдени во Законот за енергетика.

Со други зборови, со утврдувањето на повластените тарифи за електрична енергија произведена само од малите хидроелектрани, а не и на постојните не се повредува членот 55 од Уставот, од причина што тие не се наоѓаат во иста правна положба, а доколку на постојните мали хидроелектрани се примени повластена тарифа, тоа би довело до повторно признавање на средствата инвестирани во нивната изградба, со што истите би се довеле во привилегирана положба во однос на идните хидроелектрани за кои е предвидена можноста за користење на повластена тарифа.

Со оспорениот Правилник, исто така, поблиску се дефинираат мерките за искористувањето на обновливите извори на енергија, и тоа целниот процент и година за вклучување на обновливите извори на енерргија во електро енергетскиот биланс, процентуалното учество и динамичкиот план за остварување на целниот процент на учество на обновливите извори на енергија во електро енергетскиот биланс, како и постапката за издавање и регистрација на гаранции за потекло на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија, постапка за сертифицирање на повластени произзводители на електрична енергија и други потребни податоци.

Оттука, врз основа на уставносудска анализа на оспорениот член од наведениот Правилник Судот утврди дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за енергетика.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.38/2007
19 март 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски