360/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 декември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за политички партии (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/94).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Демократско христијанската партија на Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.Во иницијативата се наведува дека Демократско христијанската партија на Македонија била регистирана пред донесувањето на овој Закон, поради што немала обврска повторно да се регистира. Меѓутоа на барање на надлежниот суд, доставила барање за пререгистрација со доказ за минимум потребно членство (800 пристапници) со број на лична карта и матичен број издадени од Република Македонија. Со оглед на тоа што немало доставено уверенија за држајанство, Окружниот суд во Скопје ја дерегистрирал партијата, а таквото решение го потврдил и Врховниот суд на Република Македонија. Поради тоа во иницијативата се бара поведување на постапка за оценување уставноста на законот во однос на неговото повратно дејство и во однос на барањето посебен документ – уверение за државјанство.
3. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд со решение У.бр.53/95, У.бр.116/95 и У.бр.198/95 од 25 октомври 1995 година не поведе постапка за оценување уставноста на член 7 став 1 и 2 и член 17 став 1 точка 4 од Законот за политичките партии поради тоа што Судот оцени дека само на државјанин на Република Македонија се однесува уставната гаранција за слобода на здружување односно основање на политичка партија бидејќи странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, меѓутоа под услови утврдени со закон и меѓународни договори.
Во однос на повратното дејство на Законот, Судот оцени дека Законот не го доведува во прашање основањето на постојните политички партии како факт што на правно релевантен начин е завршен пред неговото влегување во сила. Имено, според член 37 став 2 од Законот, политичките партии што се основани по Законот за општествените организации и здруженија на граѓаните се запишуваат во судсиот регистар без посебно барање и без наметнување на новите услови за основање на политички партии. Тоа значи дека Законот нема повратно дејство во однос на нивното основање бидејќи не ја доведува во прашање легалноста на постоењето на политичките партии во времето пред неговото влегување во сила. Понатаму, Судот оцени дека Законот покрај условите за основање пропишува и услови за опстанок на политичките партии. За исполнувањето на условот бројот на членството да не опадне под 500, ирелевантно е кога се основани политичките партии од причина што предмет на уредување во овој случај не е нивното основање туку нивното опстојување или престанување доколку не г о исполнат овој услов и тоа во иднина по влегувањето во сила на Законот, поради што и во овој дел Законот нема повратно дејство.
4. Со оглед на тоа што Судот веќе расправал и не повел постапка за оценување уставноста на Законот во однос на неговото повратно дејство, а нема основи за поинакво одлу чување Судот оцени дека иницијативата во овој дел треба да се отфрли. Прашањето, пак, како се докажува државјанството на Република Македонија е уредено со член 23 од Законот за државјанство на Република Македонија. Членот 7 од Законот за политичките партии утврдува дека политичка партија можат да основаат полнолетни граѓани-државјани на Република Македонија, но не го уредува и начинот на докажувањето на државјанството. Со оглед дека таков критериум не е утврден со оспорениот закон Судот оцени дека и во овој дел иницијативата треба да се отфрли.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.360/95