33/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 април 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 88 став 1 и 2 од Законот за работните односи, во делот што се однесува на терминот “мнозински”.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 82 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, како и делот од иницијативата во кој се бара Судот да го преформулира терминот “мнозински синдикат”.

3. Слободан Антовски, претседател на Унијата на независни автономни синдикати на Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се бара Судот да го укине или да го преформулира терминот “мнозински” содржан во оспорените членови од законот бидејќи согласно член 37 од Уставот, синдикатите слободно се формираат и слободно ги избираат легалните форми и методи на дејствување. Според наводите во иницијативата не можело да се утврди кој е тој “мнозински” синдикат со што се кршело начелото на слободен избор на работниците во организациите-синдикатите. Во иницијативата се предлага во членот 88 став 1 и 2 терминот “мнозински синдикат” Уставниот суд да го преформулира како “организациите на синдикатите здружувајќи ги своите интереси од правата на работниот однос склучуваат општ колективен договор”.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 82 став 2 од Законот ако кај работодавецот се организирани повеќе синдикати, обврските од став 1 на овој член се однесуваат само на мнозинскиот синдикат.

Според членот 88 став 1 и 2 од Законот на ниво на Република Македонија организацијата на мнозинскиот синдикат и организацијата на работодавците склучуваат општ колективен договор кој се однесува на работниците и работодавците во стопанството на Републиката.

На ниво на Република Македонија, Владата на Република Македонија и организацијата на мнозинскиот синдикат склучуваат општ колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност.

5. Според член 37 од Уставот, заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Од оваа уставна одредба произлегува дека Уставот содржи само генерална одредба според која заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати, коии пак можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Уставот определува и дека условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата може да се ограничат со закон.

Синдикатот како најмасовен и најраспространет облик на организирање на граѓаните како и учеството на синдикатот во колективното договарање е предмет на обработка во Законот за работните односи.

Согласно член 76 став 1 од Законот за работните односи, заради остварување на своите економски и социјални права од работниот однос утврдени со закон и колективен договор, работниците имаат право да основаат синдикат.

Законот за работните односи го уредува и прашањето на колективното договарање односно уредува која е содржината на колективниот договор, начинот на неговото склучување, нивото на кое се склучува колективен договор, страните во колективното договарање, потпишувањето на колективните договори и друго.

Според меѓународната правна теорија, во зависност од субјектите кои се јавуваат како договорна странка од страна на работниците, колективниот договор може да биде: 1) колективен договор во чие склучување учествуваат повеќе синдикати – Мулти Унион Баргаининг; 2) колективен договор што го склучува само еден синдикат – Сингле Унион Баргаининг; 3) колективен договор што го склучува група на синдикално неорганизирани работници, здружени во ад хоц група само заради склучување на тој колективен договор Баргаининг Унит и 4) асиндикален колективен договор кој го склучиле во име на работниците одредени претпријатија и делегати на работниците.

Законот за работните односи не го именува синдикатот кој учествува во склучувањето на колективните договори, така што сите синдикати можат да претендираат на автентичност и легитимност во претставувањето на интересите на работниците. Законот за работните односи утврдил дека на ниво на Република Македонија како партнер на работодавците во склучувањето на општ колективен договор е организацијата на мнозинскиот синдикат.

Врз основа на наведените уставни и законски одредби произлегува дека со оспорениот член 88 од Законот за работните односи не се ограничува правото на работниците (граѓаните) на синдикално организирање. Имено, со наведениот закон не е забрането ниту ограничено правото на синдикално организирање и тоа ниту во врска со видот ниту во врска со бројот на синдикалните организации. Законот само се определил дека на ниво на Република Македонија како партнер на работодавците во склучувањето на општ колективен договор е организацијата на мнозинскиот синдикат. Очигледно е дека со оваа одредба законодавецот имал намера да ја спречи конфузијата што би настанала при колективното договарање доколку постојат повеќе синдикални организации во рамките на еден правен субјект.

Оттука Судот оцени дека не може да се постави прашањето на согласноста на член 88 став 1 и 2 од Законот со Уставот.

6. Судот на седницата, исто така, утврди дека Уставниот суд со Решение У.бр.90/94 од 18 јануари 1995 година, не поведе постапка за оценување уставноста на член 82 став 2 од Законот за работните односи. При тоа Судот изразил став дека уставната гаранција за синдикалното организирање се однесува на правото на работниците да основаат синдикати, како најширок и најмасовен облик на организирање на работниците, заради остварување на своите економски и социјални права од работниот однос утврдени со закон и колективен договор. Обврските, пак, на работодавецот во создавањето на условите за работа на синдикатот се уредуваат со закон. Во таа смисла законодавецот е слободен да ги утврди обврските на работоводецот во создавањето на условите за дејствување на синдикатот.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба не се ограничува правото на синдикално организирање на работниците, а обврските на работодавецот за обезбедување услови за синдикално дејствување се утврдуваат со Закон, Судот оцени дека нема основ да се постави прашањето за уставноста на оспорениот член од Законот.

Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот ја оценувал уставноста на членот 82 став 2 и не повел постапка а со оглед на наведеното во иницијативата нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Во врска со барањето содржано во иницијативата Судот да го преформулира терминот “мнозински синдикат” со текстот “организациите на синдикатите здружувајќи ги своите интереси од правата на работниот однос склучуваат општ колективен договор” Уставниот суд согласно член 110 од Уставот нема надлежност да го менува текстот на одредбите на законите туку само да ја оценува нивната согласност со Уставот.

Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучување.

Поради тоа Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.33/2002
17 април 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов