312/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 29 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Тарифните ставови за испорака на електрична енергија, донесени од Управниот одбор на ЈП “Електростопанство на Македонија” на 27 септември 1995 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Трајко Арсов од Титов Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што при нивното донесување не е почитувано начелото на совесност и чесност утврдено во член 12 од Законот за облигациони односи, начелото на забрана на создавањето и искористување на монополска положба утврдена во член 14 од Законот, како и почитување на институтот на пребивање на побарувањата, утврдено во член 336 од Законот, па според тоа Електростопанство не можело пред да ги пребие побарувањата на граѓаните и другите субјекти да ја покачи цената на електричната енергија, односно тоа по9качување треба да се одложи за три месеци.
3. На седницата Судот утврди дека Владата на Република Македонија врз основа на член 24 од Законот за трговија и член 25 од Законот за владата на Република Македонија на 25 септември 1995 година донела Одлука за определување на највисоко ниво на цената на електричната енергија во висина од 15%, па врз основа на таа одлука ЈП “Електростопанство на Македонија” на 27 септември 1995 година ги донело оспорените тарифни ставови.
Со Тарифните ставови утврдена е цената на потрошувачите на електричната енергија со зголемување од 15% за повисоката сезона односно зимската тарифа. Исто така Судот утврди дека тарифните ставови се објавени во “Службен весник на Република Македонија” бр. 45/95 на 27 септември 1995 година, а тие ќе се применуваат од 1 октомври 1995 година.
4. Со член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемаштвото. Согласно став 2 Републиакта обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување.
Според член 37 од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/87, 42/88, 13/93 и 15/93) односите меѓу испорачувачот и корисникот на енергија се уредуваат со општите услови за испорака на соодветен вид енергија, тарифните системи за одделни видови енергија и со други општи акти на организацијата од областа на енергетиката и на самоуправната интересна заедница од областа на енергетиката во согласност со овој закон.
Согласно член 38 став 1 од Законот со општите услови за испорака на соодветен вид енергија поблиску се определуваат условите и начинот на испорака и меѓусебните права и обврски и одговорности на испорачателот и корисникот.
Во член 24 од Законот за трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/95) е утврдено дека против монополската положба и монополското однесување на пазарот, Владата презема мерки за определување на највисоки цени на одделни производи и услуги во производството и прометот и определување на заштитни цени на одделни земјоделски производи.
Според член 12 од Законот за облигационите односи во заснивањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи учесниците се должни да се придржуваат кон начелото на совесност и чесност.
Во член 14, пак, од истиот закон е предвидено дека во засновањето на облигационите односи учесниците не можат да установуваат права и обврски со кои за кои и да е од нив се создава или искористува монополска положба на пазарот, со која се стекнуваат материјални и други предности кои не се засновуваат врз трудот или создаваат нерамноправни односи во работењето или ги нарушуваат другите основи на општествено економските односи.
Според член 336 од Законот, должникот може да го пробие побарувањето што го има спрема својот доверител со она што овој го побарува од него, ако обете побарувања гласаат на пари или други заменливи предмети од ист род и ист квалитет и ако обете се втасани.
Од изнесеното, Судот смета дека право е на електростпанските претпријатија да ги утврдат критериумите врз основа на кои ќе се врши испорака на електричната енергија и меѓусебните права и обврски при што треба да се почитува принципот на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, принципот на забрана на создавање и искористување на монополска положба, а заради заштита од монопоската положба и монополското однесување на пазарот Владата презема мерки на определување на највисоко ниво на цените и услугите.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај со тарифните ставови е утврдена цената на електричната енергија и со нив не се нарушуваат наведените начела, Судот смета дека неможе да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и законот.
6. Во врска со наводите во иницијативата дека “Електростопанство на Македонија” не ја спроведува Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија односно не врши пребивање на побарувањата на граѓаните и другите субјекти, Уставниот суд на Република Македонија е известен од Електростопанство на Македонија дека одлуката на Уставниот суд ја спроведува и дека на сите субјекти ќе им бидат пребиени нивните побарувања.
7. Во однос на прашањето дека Електростопанство на Македонија не го почитува начелото на совесност и чесност и дека цената на електричната енергија треба да се зголеми подоцна односно по истекот на три месеци, откако ќе бидат вратени парите на потрошувачите на електричната енергија тоа се фактички прашања за што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.312/95).