31/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 5 ноември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 14 ставови 1 и 2 од Законот за трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 16/2004, 128/2006, 63/2007 и 88/2007).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 50 став 1 точка 6 и членот 56 став 1 точка 4 од Законот за трговија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2004), како и на членот 5 ставови 1, 2, 3, 4, 5 и 9 и членот 12 ставови 3, 4, 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.128/2006).

3. Дафинка Ивановска, адвокат од Скопје, врз основа на уредно полномошно издадено од А.Д.Скопски Пазар од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе две посебни иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за трговија означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Првоподнесената иницијатива започнува со цитирање на оспорените член 1, член 5 ставови 1, 2, 3, 4, 5 и 9, член 12 ставови 3, 4, 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија („Службен весник на Република Македонија” бр. 128/2006). Потоа, во продолжение на иницијативата, подносителот на иницијативата наве дува дека секојдневно се среќавал со проблеми во примената на оспорените одредби и неоправдано плаќал големи глоби, a тој бил само организаторот на зелен пазар-давател на прецизно дефинирана услуга, но не и субјект-трговец, кој неоправдано тргува и врши готовински промет. Според тоа и не бил должен да набавува фискален систем на опрема. Напротив тоа требале да го прават корисниците на тезги кои тргуваат и продаваат производи, односно вршат готовински промет кој пак требал да се регистрира со помош на фискален систем на купувачите.

Потоа во иницијативата следува цитирање на член 8 став 1 алинеја 3, член 33, член 51 од Уставот, како и на одредби од Законот за додадена вредност, Законот за даночната постапка, Законот за трговските друштва, Законот за регистрирање на готовински плаќања. Цитирањето на законските одредби е со цел да се посочи на законската поставеност на даночниот обврзник. Оттаму, се извлекува генерален заклучок за оспорените одредби како одредби со кои за организаторот на зелен пазар се воведувала обврска да обезбеди фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања за корисниците на продажните места, која категорија за прв пат се вовела во даночниот систем на државата, иако односот помеѓу закуподавачот, како посебен даночен обврзник и закупците бил уреден со Законот за облигационите односи.

Иницијативата продолжува со цитирање на законски одредби од горе споменатите закони и констатира дека со оспорените одредби на организаторот на зелен пазар му се воведувала обврска да вов еде регистриран и одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања на голем број даночни обврзници што вршеле промет на добра и промет на услуги во свое име и за своја сметка. Оттаму, со ваквото законско решение се овозможувало закупците да се стекнат со имотна корист од остварениот промет без да платат данок и други јавни давачки што ги ставало во поповолна положба по однос на останатите даночни обврзници надвор од просторот на зелените пазари.

Организаторот на зелен пазар не можел да ги натера закупците да воведат фискален систем на опрема, ниту да врши контрола врз таквиот систем, бидејќи Управата за јавни приходи била определена како единствен овластениот орган за тоа во членот 20-а од Законот за регистрирање на готовинските плаќања. Оттаму, организаторот на зелен пазар не можел да сноси последици за незаконското однесување на закупците и да трпи санкции врз основа на оспорените казнени одредби. Исто така, контролата над фискализацијата единствено ја имал даночниот инспектор, a не трговецот што го организира зелениот пазар. Врз основа на сето наведено не можело да се прифати дека предвидениот прекршок е оправдана и рационална мерка која ќе го натера закупецот да ги почитува законските одредби. Ова особено поради околноста што тие биле посебни даночни обврзници, посебни правни лица, па организаторот на зелен пазар не можел да одговара и да биде санкциониран за нивните обрвски. Со ваквото уредување не можела да се реализира уставната обврска на закупците од членот 33 од Уставот и повеќе цитирани законски одредби од различни закони.

Понатаму во иницијативата се набројуваат практичните проблеми и прашања што произлегувале од примената на оспорените законски одредби.

Врз основа на сето наведено подносителот на иницијативата смета дека преку оспорените одредби не можел да се постигне биланс помеѓу општите интереси на заедницата да ја реализира фискализацијата на државата и да ги прибере планираните даноци и почитувањето на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Воедно не можело да се очекува исполнување на уставната должност за плаќање на даноците и другите јавни давачки од членот 33 од Уставот, со предлог Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на опорените одредби, a потоа истите да ги поништи.

Во второподнесената иницијативата се оспоруваат член 14 став 1, член 50 став 1, точка 6 и член 56 став 1 точка 4 од Законот за трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 16/2004, како и членот 5 став 2 од измената на Законот („Службен весник на Република Македонија” бр. 128/2006), која одредба е оспорена и со првата иницијатива. Иницијативата започнува со цитирање на оспорените одредби, потоа се цитираат член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 55, член 88 и член 91 став 1 алинеја 1 од Уставот, како и повеќе одредби од Законот за трговските друштва, Законот за вршење на земјоделска дејност, Законот за државен пазарен инспекторат така што потоа се констатира дека односите помеѓу организаторите на зелените пазари и закупците биле уредени со Законот за облигационите односи.

Подносителот на иницијативата, наведува дека на организаторите на зелените пазари, како посебни и самостојни правни лица, освен дејноста за која биле регистрирани со оспорените одредби им се наметнувала обврска за легитимирање, контрола и надзор врз правниот легитимитет на субјектите на кои им ги издавале продажните места под закуп, потоа се наметнувала обврска да вршат надзор над нивната статусна положба, да се грижат за исполнување на одредбите од Законот за трговија на начин што нема да издаваат тезги на нерегистрирани трговци. Меѓутоа, организаторот на зелените пазари не можел да ги натера закупците да се регистрираат за соодветна дејност, бидејќи единствено надлежен за тоа бил Државниот инспекторат од каде за него не можеле да се предвидат санкции и да трпи последици. Имено, согласно член 48 став 2 од Законот, инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон вршеле Државниот пазарен иснспекторат, Државниот инспекторат за труд и други инспекциски органи согласно со овластувањата утврдени со овој и со посебните закони.

Според подносителот на иницијативата, ако се тргнело од фактот дека инспекциските органи ги контролираат корисниците на продажните места се поставувало прашање во што се состоело противправното однесување на организаторот на зелен пазар кој морал да биде санциониран со цел почитување на воспоставениот правен поредок. Понатаму, подносителот на иницијативата цитира повеќе одредби од Законот за пре кршоците и врз основа на нивната содржина заклучува дека во никој случај не можеле да се предвидуваат мерки кои немале свое оправдување во системот на владеењето на правото и кои немале карактер на противправно однесување на учесниците во воспоставените пазарни односи, a организаторите на пазарите всушност одговарале за сторен прекршок од друг субјект (закупците).

По однос на оспорениот член 14 од Законот се наведува дека не обезбедувал еднаква правна положба на субјектите на пазарот од причина што на организаторите на зелените пазари им се наметнувала дополнителна дејност, во форма на инспекторирање врз документацијата на закупците на тезгите, што не било случај со останатите субјекти на пазарот, a тоа било пак надлежност на државниот инспекторат. Оттаму, се доведувало во прашање и почитувањето на членот 55 од Уставот. Воедно тоа преставувало постоење на „сурогат инспектор” кој бил недозволив согласно Законот за Државниот инспекторат.

Co оглед на тоа што во законите постоеле предвидени механизми и начини на кои правните субјекти се принудуваат да ги почитуваат законите, да се регистрираат или евидентираат, како и да плаќаат даноци, подносителот на иницијативата смета дека за тоа најмалку биле повикани и надлежни во што ја гледаат и повредата на членот 33 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 14 став 1 од основниот текст на Законот за трговија, трговецот кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало, под услови пропишани со закон и друг пропис, ги и здава продажните места само на трговци или занаетчии кои се регистрирани во соодветниот регистар, земјоделските производители кои се регистрирани, односно евидентирани согласно со закон, лицата кои се занимаваат со земјоделство, како и лицата кои се во работен однос или се пензионери, a не се вршители на земјоделска дејност.

Според оспорениот член 50 став 1 точка 6 од основниот текст на Законот, ако државниот пазарен инспектор при вршењето на надзорот утврди дека трговецот кој организира пазар ги издава продажните места на лица кои не се регистрирани, односно евидентирани согласно со закон (член 14 став 1) ќе донесе решение за забрана на вршење на дејноста и ќе определи рок за одстранување на неправилностите утврдени со наодот на инспекторот, согласно со закон.

Според оспорениот член 56 став 1 точка 4 од основниот текст на Законот, со парична казна од 150.000 до 250.000 денари ќе се казни за прекршок правното лице, ако на организираните зелени пазари на кои се врши трговија на големо и мало продажните места ги издава на лица кои не се регистрирани во соодветниот регистар, односно евидентирани согласно со закон (член 14 став 1). Следуваат одреби кои ги предвидуваат одговорните лица и можните мерки.

Co влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија („Службен весник на Република Македонија” бр. 128/2006) оспорените одредби претрпеле измени.

Имено, согласно член 1 од наведениот закон, во членот 14 пред ставот 1 се додава нов став 1, кој гласи:

„Трговецот кој организира зеле н пазар на кој се врши трговија на големо и мало е должен да обезбеди фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања за корисниците на продажните места кои се должни да го користат од моментот на пуштање на продажното место во работа, согласно со закон.”

Во ставот 1 кој станува став 2, на крајот, по зборот “дејност” точката се брише и се додаваат зборовите: “и кои имаат обезбедено фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања, освен ако со закон поинаку не е уредено”.

Ставовите 2 и 3 стануваат ставови 3 и 4.
Согласно член 5 од наведениот закон, во членот 50 став 1 по точката 5 се додава нова точка 6 која гласи:
„6) кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало не обезбеди фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања за корисниците на продажните места кои се должни да го користат од моментот на пуштање на продажното место во работа, согласно со закон (член 14 став 7);”.
Точката 6 која станува точка 7 се менува и гласи:

“7) кој организира пазар ги издава продажните места на лица кои не се регистрирани во соодветниот регистар, односно не се евидентирани согласно со закон и кои немаат обезбедено фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања, освен ако поинаку не е уредено со закон (член 14 став 2);”.
Согласно член 12 од наведениот Закон, во членот 56 став 1 воведната реченица се менува и гласи:

“Глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ак о:”.

Пред точката 4 се додава нова точка 4, која гласи:
„4) не обезбеди фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања за корисниците на продажните места кои се должни да го користат од моментот на пуштање на продажното место во работа, согласно со закон (член 14 став 1);”.

Во точката 4 која станува точка 5, на крајот, по зборот “закон” се додаваат зборовите: “и кои немаат обезбедено фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања, освен ако поинаку не е уредено со закон”.

Потоа, врз основа на истиот член од Законот, ставот 2 се менува и гласи:

“За дејствијата од ставот 1 на овој член, покрај глобата на правното лице ќе му се изрече и санкција привремена забрана за вршење на дејност – трговија во траење од една до три години.”

Во ставот 3 зборовите: “ќе се изрече казна за прекршок од 20.000 до 50.000 денари” се заменуваат со зборовите: “ќе се изрече глоба за прекршок од 350 до 1.000 евра во денарска противвредност”.

Во ставот 4 зборовите: “мерка на безбедност одземање на привремено одземените предмети-стоки” се заменуваат со зборовите: “посебна прекршочна мерка одземање на предмети”.

Ставот 5 се менува и гласи:
“За дејствијата од ставот 1 на овој член покрај глобата на одговорното лице во правното лице ќе му се изрече прекршочна санкција забрана на вршење професија, дејност или должност во траење од една до пет години.”

Врз основа на членовите 9 и 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2007), кој влегол во сила на 30 мај 2007 година, што временски е пред поднесувањето на иницијативите, оспорените член 50 став 1 точка 6 и член 56 став 1 точка 4 од основниот текст на Законот и нивните изменети содржини според член 5 и член 12 од Законот за изменување и дополнување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 128/2006), престанале да бидат дел од правниот поредок.
5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според членот 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите, а според член 91 алинеа 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на з аконите и другите прописи на Собранието.

Трнувајќи од содржината на наведените уставни одредби произлегува дека со Уставот не се уредуваат прашањата во врска со правилата на однесување на правните, стопанските и другите субјекти и условите под кои тие влегуваат во договорен однос. Оттаму, не постојат уставни пречки тие прашања да се уредат со закон и тоа на начин што во него ќе се предвидат правила на однесување и услови на настапување на пазарот кои подеднакво ќе се однесуваат на сите учесници без да предизвикаат ограничување на пазарот и претприемништвото, како и на слободите гарантирани со Уставот и на начин што ќе овозможат уредно плаќање на даноците и други јавни давачки, како и учество во намирувањето на јавните расходи.

Притоа, според оцена на Судот, право е на законодавецот правилата на однесување по конкретно прашање да ги уреди кодифицирано, во еден закон или во повеќе закони, како што направил во конкретниот случај, што всушност е прашање на целисходност, a не прашање на уставност. Во конкретниот случај, такви правила на однесување, по однос на прашањата што се покренуваат со иницијативата се уредуваат, меѓу другите, и со одредбите на Законот за трговија и Законот за облигационите односи.

Во член 1 од Законот за трговија е определено дека, со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење на трговија на внатрешниот и надворешниот пазар, мерките на ограничување на вршење на трговијата и заштитните мерки. Bo членот 13 од Законот со наслов: „Трговија на зелените пазари” е определено дека на зелените пазари се врши трговија на големо и мало на земјоделски стоки под услови пропишани со закон и друг пропис. На посебно организирани делови на зелените пазари може да се врши трговија на големо и мало и на други стоки под услови пропишани со закон и друг пропис. Стоките од ставот 2 на овој член ги определува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за економија. Советот на општината, односно на Градот Скопје поблиску ги определуваат стоките од ставот 3 на овој член што можат да се продаваат на посебно организирани делови на зелените пазари.

Посебен начин на вршење на трговија според член 16 од Законот, меѓу другото, и вршењето на трговија на посебно организирани пазари. Притоа, овој вид на трговија, според ставот 2 на истиот член од Законот се врши под услови пропишани со закон и друг пропис.

Според член 22 став 1 од Законот, продавниците, магацините, складовите и деловните простори, зелените пазари, посебните пазари на големо и мало и бензинските станици, определени во членовите 10, 12, 13 ставови 1 и 2, 15, 16 и 18 на овој закон за вршење на трговија на големо и мало мора да ги исполнуваат минимално техничките услови како и други услови пропишани со закон во зависност од видот и начинот за вршење на трговија.

Според член 3 со наслов: “Слобода на уредувањето на облигационите односи” од Законот за облигационите односи, („Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001, 4/2002, 5/2003 и 84/2008), учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи во согласнос т со Уставот, законите и добрите обичаи.

Во членот 14 од Законот, (Диспозитивен карактер на одредбите на законот), учесниците можат својот облигационен однос да го уредат поинаку отколку што е определено со овој закон, ако од одделна одредба на овој закон или друг закон или од нејзината смисла не произлегува нешто друго.

Според член 16 од Законот, (Примена на други закони и меѓународни договори), врз облигационите односи кои се уредуваат со други закони и со меѓународни договори кои ги ратификувала Република Македонија се применуваат одредбите од овој закон во прашањата што не се уредени со тој закон, односно меѓународен договор.

Според член 17 од Законот, (Примена на одделни одредби) одредбите од овој закон што се однесуваат на договорите се применуваат врз сите видови договори, освен ако за трговските договори поинаку не е изречно определено. Трговски договори во смисла на овој закон, се договори што трговските друштва, трговците поединци и други правни или физички лица кои вршат трговска дејност, во вид на занимање, ги склучуваат меѓу себе во вршењето на дејностите што сочинуваат предмети на нивното работење или се во врска со тие дејности. Одредбите од овој закон што се однесуваат на договорите сообразно се применуваат и врз другите правни работи.

Во Законот за облигационите односи во Главата XII-Закуп (членови 570 до 602) се уредува договорот за закуп, како еден од можните облигациони договори. Притоа во членот 571 од Законот е определено дека одредбите од оваа глава нема да се применуваат врз зак упите уредени со посебни прописи.

Врз основа на цитираните законски одредби, произлегува дека Законот за облигационите односи на општ начин го уредил договорот за закуп, a она што е специфика, според предметот што се дава на употреба е предмет на уредување во посебени прописи. Во конкретниот случај договорот за закуп што се склучува помеѓу организаторот на зелениот пазар и корисникот на продажното место, исто така, има свои специфики, што се уредени со одредбите од Законот за трговија. Имено, според содржината на оспорениот член 14 од Законот за трговија, трговецот кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало е должен да обезбеди фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања за корисниците на продажните места кои се должни да го користат од моментот на пуштање на продажното место во работа, согласно со закон (став 1), Трговецот кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало, под услови пропишани со закон и друг пропис, ги издава продажните места само на трговци или занаетчии кои се регистрирани во соодветниот регистар, земјоделските производители кои се регистрирани, односно евидентирани согласно со закон, лицата кои се занимаваат со земјоделство, како и лицата кои се во работен однос или се пензионери, a не се вршители на земјоделска дејност и кои имаат обезбедено фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања, освен ако со закон поинаку не е уредено.

Определбата на законодавецот да го задолжи организаторот на зелен пазар д а обезбеди фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања на корисниците на продажните места и да ги издава продажните места само на трговци или занаетчии кои се регистрирани во соодветниот регистар, земјоделските производители кои се регистрирани, односно на лицата кои се занимаваат со земјоделство всушност значи законско уредување на условите под кои се склучува договорот за закуп. Наспроти тоа наведените услови не се однесуваат на лицата кои се во работен однос или се пензионери, a не се вршители на земјоделска дејност и кои имаат обезбедено фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања, освен ако со закон поинаку не е уредено.

Обврската на организаторот на зелен пазар да го издава просторот со обезбеден фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања, како предмет со кој се опремува просторот што се издава под закуп, преставува технички услов како доразработка на членот 22 од Законот за трговија, чие користење секако има влијание на висината на закупнината. Имено, според оваа одредба зелените пазари, мора да ги исполнуваат минимално техничките услови како и други услови пропишани со закон во зависност од видот и начинот за вршење на трговија. Впрочем оваа обврска е во функција на целосна фискализација како процес што е во тек на територијата на целата држава.

По однос на законски пропишаната обврска за организаторот на зелен пазар да може да склучи договор за закуп само со регистриран, во соодветен регистар, закупец Судот оцени дека не се воведува о бврска спротивна на уставните одредби, бидејќи тој како организиран субјект на пазарот е со поголема економска моќ, наспроти закуцот поединец да придонесе за пореално прикажување на прометот на даночните обврзници, како и за намалување на сивата економска активност и даночната евазија. Воедно со предвидување на ваквата обврска на страната на организаторот на зелениот пазар наместо на страната на закупците се реализира и доаѓа до израз социјалниот карактер на државата, бидејќи ваквото законско решение не ги оптоварува дополнително лицата што продаваат на пазарите, освен лицата кои се во работен однос или се пензионери, a не се вршители на земјоделска дејност. Во крајна линија организаторите на зелените пазари индиректно и помагаат на државата во определбата за фискализација и прибирањето на даноците.

Законско решение како претходното е содржано и во одредбите од Законот за регистрирање на готовински плаќања (“Службен весник на Република Македонија” број 31/2001, 42/2003, 47/2003, 40/2004, 70/2006, 126/2006 и 88/2008). Имено, според член 2 став 1 од Законот, даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат (во натамошниот текст: готовински плаќања), должни се да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат сметка за извршениот промет, односно услугата (во натамошниот текст: фискална сметка).

Според ставот 2 од истиот член од Законот, за даночните обврзници кои вршат проме т на добра и услуги на зелените пазари набавката на одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања ја врши трговецот кој организира зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало.

Врз основа на изнесеното произлегува дека со оспорениот член 14 ставови 1 и 2 од Законот во основа се уредува специфичен облигационен однос помеѓу организаторот на зелен пазар и закупците кој како таков треба, преку системски уредена правна материја на ниво на државата за свој краен ефект да има воведување на ред во сверата на фискализацијата и прибирањето на даноците.

Тргнувајќи од наведеното Судот не можеше да ги прифати како основани и наводите на подносителот на иницијативата дека на организаторите на зелените пазари им се ставаат на товар надлежности што им припагаат на Владата на Република Македонија, министерствата или пак различните видови на инспекторати, поради што Судот оцени дека оспорениот член 14 ставови 1 и 2 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 33, член 55, член 88 и член 91 алинеја 1 од Уставот.

6. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имено, оспорените член 50 став 1 точка 6 и член 56 став 1 точка 4 од основниот текст на Законот, и нивните изменети содржини според член 5 и член 12 од Законот за изменување и дополнување (“Службен весник на Република Македонија” бр.128/2006), престанале да бидат дел од пр авниот поредок врз основа на членовите 9 и 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2007), кој влегол во сила на 30 мај 2007 година, односно пред поднесувањето на иницијативата.

Тргнувајќи од содржина на оспорените членови 50 и 56 од Законот, и аспектите на иницијативите по однос на овие одредби, Судот утврди дека не само што престанале да важат со влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр,63/2007), туку и тоа дека со сегашната содржина на членовите 50 и 56 од Законот не се предвидува било каква одговорност за организаторот на зелен пазар за непочитувањето на членот 14 од Законот.

Поаѓајќи од наведеното, според Судот, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата по однос на оспорените член 50 став 1 точка 6 и член 56 став 1 точка 4 од основниот текст на Законот и нивните изменети содржини според член 5 и член 12 од Законот за изменување и дополнување (“Службен весник на Република Македонија” бр.128/2006), согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Во дел од иницијативата се покренуваат прашања од практичниот аспект на примена на оспорените одредби од Законот за што Уставниот суд согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Иван овски и судиите: д-р Наташа Габер Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.31/2008
5 ноември 2008 год.
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски