31/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седниците одржани на 12 септември 2007 година и на 26 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

– уставноста на член 12-а став 4 и член 12-б од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2002 и 60/2006)

– законитоста на Одлуката од 23.12.2006 година со која се утврдува висината на уписниот коморски влог, во делот „ По уписот во Именикот на адвокатската комора на Република Македонија“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 1/2007)

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 ставовите 2, 3 и 4, член 12 алинеја 7, член 12-а ставовите 1, 2, 3 и 5, член 18 ставовите 3 и 4, член 34 став 1 и член 37-а од Законот означен во точка 1 на ова решение

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на:

– член 35 став 1 точка 2 и член 36 од Законот означен во точка 1 на ова решение,

– член 23 став 1 алинеја 14, член 82 став 1 алинеја 2 и член 84 став 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 97/2002) и

– Одлуката од 30.05.2003 година со која се утврдува висината на уписниот коморски влог („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2003).

4. Филип Пејчиновски од Скопје и Дијана Сеферова од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднеса иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точка 1 на ова решение, односно на уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 3 на ова решение.

Според наводите во иницијативата на подносителот Филип Пејчиновски, со оспорените одредби од член 34 став 1, член 35 став 1 точка 2 и член 36 од Законот за адвокатура, со член 23 став 1 алинеја 14 и член 84 став 1 алинеја 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, со Одлуката за утврдување на висина на коморски уписен влог од 30.05.2003 година и со Одлуката за утврдување на висина на коморски уписен влог од 23.12.2006 година, се оневозможувале правниците со положен правосуден испит во остварувањето на право од работен однос затоа што се воведувал неоснован и неоправдан економски услов и терет за овие лица, односно плаќање на измислен уписен влог во износ од 61.500,00 денари = 1.000 евра, односно во износ од 2 000 евра во денарска противвредност, кој бил енормно висок, без оправдано и основано образложение и се создавала нерамноправност помеѓу старите членови – адвокати и новите адвокати (почетници), со што се повредувал членот 32 став 1 и 2 и членот 55 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и членот 10 став 1 од Законот за адвокатурата.

Со член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатурата, со кој се менува членот 12 од Законот за адвокатурата, според подносителот на иницијативата, се сакало на „мала врата“ да се воведе вршење на профитна дејност во седиштето на Адвокатската комора на Република Македонија – по втор пат полагање на „правосуден-адвокатски-судски испит“, пред комисија составена од адвокати на комората кои се со положен правосуден испит, што претставувало правен апсурд и поткопување на правниот и уставниот поредок на РМ и со што се повредувал членот 55 ставовите 1 и 2 и член 8 од Уставот.

Понатаму, се наведува дека според член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатурата, со кој се дополнува членот 11 од Законот за адвокатурата, Управниот одбор на Адвокатската комора вовел носење на облека – тога за адвокатите, што значело трансформирање на Адвокатската комора од јавна служба во текстилна производствена конфекција, што претставувало повреда на член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.

Со оспорениот член 12-б став 2 од Законот, според подносителот на иницијативата, се воведувала нова одредба која имала за цел Управниот одбор на Адвокатската комора, преку своја „жири-комисија да врши бодирање кој да биде а кој да не биде адвокат“, а според оспорениот став 3 на истиот член, се воведувала апсолутна монополска положба и однесување што е повеќе од очигледно, затоа што доколку подносителот на барањето за да биде адвокат бил одбиен, немал право на жалба, ниту бил наведен органот или надлежниот суд каде може да се напаѓа решението со тужба, што претставувало избрзан правен апсурд на управниот одбор, а воедно и повреда на членот 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.

Со член 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатурата со кој се дополнува членот 18 од Законот за адвокатура, се предвидувало воведување на „адвокатска маркичка“ која ќе ја издава надлежен орган на Адвокатската комора, а чија цел била вршење на профитна дејност на Управниот одбор на Адвокатската комора и воведување монополска положба и однесување на адвокатите како исклучиво единствени даватели на правна помош и услуги, на кој начин се повредувале правата спрема лицата со положен специјалистички испит за заштита на правата од одделни области – нотари, фирми – извршители (правници со положен правосуден испит кои работат имаат испит за индустриска сопственост, патентирање, заштита на авторски права), поради што овие лица се доведувале во нерамноправна положба во однос на адвокатите и што претставувало повреда на член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот и вовед во хаос и конфузуја во правниот систем.

Според одредбата на член 37-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатурата, со која се предвидувало осигурување од одговорност за штета која би ја сторил на трети лица при вршење на адвокатската дејност, што во денешно време претставувало „правен апсурд и ловење во матно“, се сакало да се ограничат адвокатите во вршењето на својата дејност, да се ослабне нивната моќ во Република Македонија, небаре се „шалтерски работници“, а не дека адвокатот е човекот во кој странките треба да гледаат како на ангел – чувар – заштитник, човек во кој странките (клиентите) уживаат полна доверба. Во нашиот правен систем ова прашање било регулирано со прашањето за надомест на штета, и тоа во облигационото право, кривичниот законик и Законот за кривичната постапка. Со тоа се вршел директен надзор и поткопување на работата на адвокатите и кршење на деловната тајна и взаемна доверба што постоела помеѓу адвокатот и странката, со што се повредувал членот 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.

Според наводите во иницијативата на подносителот Дијана Сеферова, Одлуката на Адвокатската комора на Република Македонија објавена во „Службен весник на Република Македонија“ број 1/2007 била со истоветна содржина (освен висината на коморскиот уписен влог) како и Одлуката за утврдување на висината на коморскиот уписен влог донесена од Адвокатската комора на Република Македонија на 29.01.2003 година, која е укината со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У. бр. 51/2003. Поради тоа, смета дека од истите причини од кои била укината Одлуката (повреда на правото на слободен избор на вработување гарантирано со член 32 став 1 од Уставот), како и поради тоа што членот 69 став 1 и членот 84 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, кои биле основ за донесување на укинатата одлука, биле укинати со Одлуката на Уставниот суд, како и поради тоа што Одлуката била донесена спротивно на член 2 став 2, член 3 став 1 алинеја 2, член 34, член 58 и член 59 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, биле исполнети условите за укинување и на сега донесената одлука.

Понатаму, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на согласноста на член 23 став 1 алинеја 14 и член 82 став 1 алинеја 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, со Законот за адвокатура, поради тоа што во членот 12 од Законот за адвокатура јасно биле наведени условите за упис во Именикот на адвокати, при што во ниту еден член од Законот не се споменувало дека лицата кандидати за вршење на адвокатска дејност се должни да плаќаат коморски уписен влог.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија, до донесување конечна одлука по оваа иницијатива, да донесе решение за времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на оспорените статут и одлука, со цел да се спречи нанесување на ненадоместлива штета на подносителите на барање кои ги исполнуваат условите за упис во Именикот на адвокати и издавање на лиценца за работа и легитимација.

5. Судот на седницата утврди дека согласно член 11 од Законот за адвокатурата, адвокатите се должни да носат тога во постапување пред судот (став 2). Изгледот на тогата со акт ја определува Адвокатската комора на Република Македонија (став 3). Актот за изгледот и условите под кои се носи адвокатската тога од ставовите 2 и 3 на овој член го донесува Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија (став 4).

Согласно член 12 став 1 алинеја 7 од Законот за адвокатурата, како посебен услов за запишување на лице во Именикот на адвокатите, се утврдува лицето да има положено адвокатски испит.

Според член 12-а од Законот, адвокатскиот испит предвиден во членот 12 став (1) алинеја 7 се спроведува два пати во годината (став 1). Адвокатскиот испит се спроведува во Адвокатската комора на Република Македонија пред комисија составена од пет адвокати (став 2). Претседателот на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија не може да биде претседател на комисијата од ставот 2 на овој член (став 3). Бројот на предметите, наставните програми и оценувањето на испитот се утврдува со акт на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија (став 4). При определувањето на содржината на адвокатскиот испит, не смее да биде опфатена содржината на правосудниот испит, за да се избегне повторно полагање на правната материја која била опфатена со правосудниот испит (став 5).

Согласно член 12-б став 2 од Законот, не е достојно за вршење адвокатска дејност лицето чие претходно однесување или дејност не гарантира дека тоа совесно ќе ја врши адвокатската дејност. Според став 3 на истиот член, ако барањето за упис во Именикот на адвокатите е одбиено затоа што подносителот на барањето е недостоен за вршење на адвокатска дејност заради причините наведени во ставовите 1 и 2 на овој член, новото барање за упис може да се поднесе пред истекот на рокот од две години од правосилноста на одлуката со која барањето е одбиено.

Според член 18 став 3 од Законот, на секој поднесок или исправа составена во адвокатска канцеларија, адвокатот е должен да стави штембил на адвокати, односно штембил на адвокатско друштво, адвокатска маркичка, издадена од надлежен државен орган, предвидена со посебен закон и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија, а според став 4 на истиот член, при застапување пред суд и други органи адвокатот е должен на судот да му предаде соодветна адвокатска и коморска маркичка за застапување.

Согласно член 34 став 1 од Законот, Адвокатската комора на Република Македонија во својата работа е самостојна и независна.

Според член 35 точка 2 од Законот, Адвокатската комора на Република Македонија се финансира од коморски уписен влог.

Согласно член 36 од Законот, висината на коморскиот уписен влог и на коморската членарина, ги утврдува со одлука Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, и ги објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

Според член 37-а од Законот, адвокатот е должен да се осигура од одговорност за штета која би ја сторил на трети лица со намера при вршење на адвокатската дејност. Договорот за осигурување од одговорност за адвокатите – членови на адвокатското друштво и за адвокатите кои работата во тоа друштво, го склучува друштвото (став 1). Со условите за осигурување може да се предвиди дека штетата до одреден износ ја надоместува адвокатот лично (став 2). Ако дојде до измена на условите за осигурување, адвокатот е должен, откакао ќе прими известување од Комората за тоа, без одложување да го усогласи своето осигурување со изменетите услови (став 3). Адвокатот е должен уредно да го продолжува осигурувањето од одговорност (став 4). Комората може да го преземе осигурувањето од одговорност на сите адвокати во Република Македонија.Во тој случај адвокатите се должни на Комората да и плаќаат надоместок за осигурување од одговорност (став 5). Повредата на обврските за осигурување од одговорност, односно плаќањето на надоместок на Комората за осигурување е тешка повреда на адвокатската должност (став 6). Осигурувателите се должни да го склучат договорот за осигурување од одговорност со адвокатат кој ќе им се обрати, или со Комората (став 7). Условите за осигурување заеднички ги утврдуваат осигурителните друштва во Република Македонија во договор со Комората, освен во случај кога Комората го врши осигурувањето на адвокатите. Осигурителните друштва се должни за секоја следна година да определат осигурително друштво кое ќе ги застапува. Ако истите не постапат така најдоцна до крајот на октомври во тековната година, за нивен застапник ќе се смета осигурителното друштво кое ќе го определи Комората. Одлуката на Комората за тоа не е управен акт (став 8). Ќе се смета дека адвокатот склучил договор за осигурување кога поднел барање за осигурување, без оглед на тоа дали во тоа време веќе бил постигнмат договор од ставот 8 на овој член (став 9). Ако адвокатот штетата ја направил на трето лице намерно или од грубо невнимание, осигурителното друштво кое ја надоместило штетата на третото лице има право на регрес спрема адвокатот, односно адвокатското друштво (став 10).

Согласно член 23 алинеја 14 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, Управниот одбор на Комората ја определува висината на коморската членарина и коморскиот уписен влог.

Според член 82 алинеја 2 од истиот статут, Комората се финансира од коморски уписен влог.

Согласно Одлуката на Адвокатска комора на Република Македонија, донесена на 30.05.2005 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2003), висината на коморскиот уписен влог изнесува 61.500,00 денари.

Според Одлуката на Адвокатска комора на Република Македонија, донесена на 23.12.2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 1/2007), по уписот во Именикот на адвокатската комора на Република Македонија, новите адвокати ќе плаќаат коморски уписен влог во висина од 2000 евра во денарска противвредност.

6. Според член член 8 став 1 али­неја 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, вла­де­ењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Согласно член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Од содржината и значењето на наведените уставни одредби произлегува дека со утврдувањето на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, се изразува јасната определба дека правната помош дадена од стручно-квалификувана, самостојна и независна служба е основна гаранција за остварување и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во функција на операционализација на оваа уставна определба, со Законот за адвокатурата, адвокатурата е определена како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон.

Според членот 5 од овој закон, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.

Согласно член 6 став 1 од истиот закон, адвокатската дејност ја вршат адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија.

Според членот 10 од овој закон, правото на вршење на адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија, по што на упишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.

Имајќи го предвид значењето на адвокатурата во пружањето правна помош и заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, според Судот, право е на законодавецот да создаде нормативни претпоставки со кои ќе се обезбедат оптимални предуслови за стручно и квалитетно извршување на оваа значајна јавна служба, во која смисла и да ги определи условите под кои едно лице може да стекне право да врши адвокатска дејност.

Така, законодавецот утврдил дека адвокатската дејност ја вршат адвокати, а правото на вршење адвокатска дејност се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија, по што на упишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.

Условите за запишување во Именикот на адвокатите се утврдени во член 12 од Законот. Покрај исполнување на општите услови за засновање работен однос во органите на државната управа, за упис во Именикот на адвокатите лицето треба да ужива углед и да е достојно за вршење на адвокатската дејност. Освен наведените услови, законодавецот утврдил и други посебни услови што треба да ги исполни лицето за да може да биде запишано во Именикот на адвокатите, односно да врши адвокатска дејност. Тоа се: лицето да е државјанин на Република Македонија; да е деловно способно; да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од правен факултет во странство; најмалку две години по дипломирањето да работело на стручно оспособување и усовршување во адвокатска канцеларија или на правни работи во правосудните институции или најмалку три години на други правни работи; активно да го зборува македонскиот јазик; да има положено правосуден испит во Република Македонија; да има положено адвокатски испит; да не е правосилно осудено на казна забрана на вршење дејност, професија или должност, за време на траење на таа казна; да не е во работен однос и да не врши работи кои се неспојливи со адвокатурата.

Положениот адвокатски испит претставува еден од посебните услови за вршење на адвокатската дејност што законодавецот ги пропишал во член 12 алинеја 7 од Законот. Притоа, законодавецот, во членот 12-а од Законот, определил дека адвокатскиот испит се спроведува два пати во годината, дека се спроведува во Адвокатската комора на Република Македонија пред комисија составена од пет адвокати, дека бројот на предметите, наставните програми и оценувањето на испитот се утврдува со акт на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, при што утврдил дека при определувањето на содржината на адвокатскиот испит, не смее да биде опфатена содржината на правосудниот испит, за да се избегне повторно полагање на правната материја која била опфатена со правосудниот испит.

Од анализата на наведените законски одредби, како и од содржината на Законот во целина, произлегува дека законодавецот определил што не треба да биде содржина на адвокатскиот испит, но не определил што треба да содржи овој испит, ниту определил поблиски критериуми за определување на содржината на испитот. Напротив, законодавецот определил дека Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија е овластен да го определи бројот на предметите, наставните програми и оценувањето на испитот, без да определи рамки во кои таа може да се раководи.

Во однос на ова прашање, Судот имаше предвид дека законодавецот, утврдувајќи го полагањето на правосудниот испит како еден од условите потребни за извршување на адвокатската дејност, со посебен Закон за правосудниот испит („Службен весник на СРМ“ бр. 26/1980 и 7/1988), го уредил правосудниот испит, неговата содржина и начинот на неговото полагање.

При вакава состојба, пред Судот се постави прашањето дали законодавецот, со тоа што наместо со закон да ја утврди содржината на адвокатскиот испит, како еден од условите за вршење на адвокатската дејност, оставил содржината на адвокатскиот испит да ја определи Адвокатската комора, со единствено ограничување дека во содржината на испитот не смее да биде опфатена содржината на правосудниот испит, без определување на други критериуми за определување на содржината на испитот, ги надминал уставните рамки од член 53 од Уставот, според кој адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, а не во согласност со акт на Адвокатската комора, како што произлегува во случајов.

Поради тоа, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 12-а став 4 од Законот за адвокатурата со член 8 став 1 алинеја 3 и член 53 од Уставот на Република Македонија.

7. Достојноста за вршење на адвокатска дејност е исто така еден од условите за запишување во Именикот на адвокатите, утврден во член 12 од Законот, кој се разработува во член 12-б од Законот. Така, се пропишува дека не е достојно за вршење адвокатска дејност лицето кое е осудено со правосилана судска пресуда за кривично дело против државата со ефективна казна затвор од над шест месеци додека траат правните последици на осудата (став 1), како и дека не е достојно за вршење адвокатска дејност ниту лицето чие претходно однесување или дејност не гарантира дека тоа совесно ќе ја врши адвокатската дејност (став 2). Понатаму, се утврдува дека ако барањето за упис во Именикот на адвокатите е одбиено затоа што подносителот на барањето е недостоен за вршење на адвокатска дејност, новото барање за упис може да се поднесе пред истекот на рокот од две години од правосилноста на одлуката со која барањето е одбиено (став 3).

Имајќи ја предвид содржината на одредба во ставот 1 на овој член, според која осуденоста за кривично дело против државата со ефективна казна затвор над шест месеци е ограничувачки фактор лицето да врши адвокатска дејност, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, Судот оцени дека со одредбата се врши ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапува по сила на закон.

Од овие причини, иако одредбата посебно не е оспорена со иницијативата, Судот оцени дека се исполнети условите за оценување на нејзината уставност, при што како основен критериум го имаше во вид постоењето на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, со други зборови значи дека согласно наве­дените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релаци­јата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Оттука, ако се има во вид фактот дека со наведената законска одредба се утврдува недостојност за вршење на адвокатска дејност поради осуда за кривично дело против државата, додека траат правните последици на осудата, а со тоа се врши ограничување на правото за вршење адвокатска дејност, според Судот, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, однос­но казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај произлегува дека со наведениот дел од законската одредба, по сила на законот, а не како казна (по забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите на кривичните санкции, постои забрана за лицето да врши адвокатска дејност, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 25 и член 51, а во врска со член 54 од Уставот.

Определбата искажана во ставот 2 на овој член, според која не е достојно за вршење адвокатска дејност лицето чие претходно однесување или дејност не гарантира дека тоа совесно ќе ја врши адвокатската дејност, според Судот, претставува широко, недефинирано дискреционо право на Комората, насочено кон дигнитетот на поединецот.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и на угледот.
Почитувањето на достоинството и угледот на граѓанинот во себе не ја содржи само обврската луѓето во меѓусебните односи да се почитуваат, туку ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на приватноста поаѓајќи од фактот што со самото тоа што се работи за човечко суштество со него треба да се постапува со уважување на неговото достоинство и углед.
Поаѓајќи од фактот дека принципот на владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, под што треба да се подразбере доминација на објективизирана правна норма, според Судот, нужно мора да се утврдат објективни факти и услови поврзани со остварување на некое право, во која сфера влегува и правото на вршење адвокатска дејност.
Имено, Судот оцени дека оспорената одредба не содржи објективизирани мерила за тоа кој не е достоен да врши адвокатска дејност, односно кое претходно однесување или која дејност што претходно ја вршел го прави човекот недостоен за вршење адвокатска дејност.
Тоа одредбата ја прави нејасна, недоволно дефинирана и определива, така што во отсуство на прецизни и јасни критериуми, остава простор за арбитрерност со што го доведува во прашање начелото на владеење на правото. Поради наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 12-б став 2 со член 8 став 1 алинеја 3 и член 25 од Уставот.

Од содржината на ставот 3 на членот 12-б од Законот произлегува дека со истиот се уредува постапката за упис во Именикот на адвокатите во случаите кога подносителот на барањето за упис бил одбиен од причини на недостојност утврдени согласно ставовите 1 и 2 на истиот член, за кои Судот изрази основано сомневање во однос на нивната уставност. Судот оцени дека постоењето на овој став е во директна поврзаност со содржината на претходните два става, поради што ја дели судбината на истите и неговото самостојно опстојување во правниот поредок би било беспредметно и во крајна линија, би значело повреда на начелото на владеење на правото гарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Поради тоа Судот оцени дека се исполнети условите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 12-б од Законот, во целост.

8. Согласно член 35 од Законот, како извор за финансирање на Адвокатската комора е утврден, покрај другите, и коморскиот уписен влог. Согласно член 36 од истиот закон, висината на коморскиот уписен влог го утврдува со одлука Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија и го објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука У. бр. 51/2005 го укинал член 69 став 1 во делот „плаќа коморски уписен влог“ и членот 84 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“бр. 97/2002), како и Одлуката за утврдување на висината на коморскиот уписен влог, донесена од Адвокатската комора на Република Македонија на седницата одржана на ден 29 јануари 2003 година („Службен весник на Република Македонија“бр. 9/2003).

Судот ја донел наведената одлука поради тоа што утврдил дека според членот 69 став 1 од Статутот, произлегувало дека помеѓу уписот во Именикот на адвокатите и издавањето на лиценцата за работа, следувала уплата на коморскиот уписен влог, поради што Судот оценил дека коморскиот уписен влог со Статутот бил утврден како посебен услов за добивање на лиценца за работа, кој како таков не бил предвиден со законските одредби. Истото се однесувало и на членот 84 од Статутот, кој предвидел уплатата на коморскиот уписен влог да се изврши по уписот на адвокатот во именикот, бидејќи со самиот упис не се добива лиценца за работа и таа следи откако ќе се плати за коморски уписен влог. Според тоа, лицето кое нема да биде во материјална можност да го плати коморскиот уписен влог во определениот износ (1000 Евра, според наведената одлука), според одредбите на Статутот и Одлуката автоматски немало да добие лиценца за работа, иако претходно добило решение за прием и дало свечена изјава и веќе било упишано во Именикот на адвокатите и покрај фактот што таква законска можност изречно не е предвидена. Според тоа, Судот утврдил дека иако коморскиот уписен влог е законска материја, со оспорените одредби на Статутот и Одлуката бил поставен како дополнителен услов за обавување на адвокатската дејност, надвор од Законот за адвокатурата.

И покрај наведената Одлука на Уставниот суд на Република Македонија, Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, на седницата одржана на 23.12.2006 година, донел повторно Одлука со која утврдил дека по уписот во Именикот на адвокатите во Адвокатската комора на Република Македонија, новите адвокати да плаќаат коморски уписен влог во висина од 2000 евра во денарска противвредност.

Определувањето на висината на коморскиот уписен влог со акт на Адвокатската комора на Република Македонија претставува операционализација на членот 36 од Законот за адвокатурата и членот 23 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, во кои одредби во надлежност на Управниот одбор е предвидено и определување на висината на коморскиот уписен влог. Во оваа смисла, одлука на Адвокатската комора со која се определува висината на коморскиот уписен влог, според Судот, по својата правна суштина претставува извршен, поединечен акт на Управниот одбор на Адвокатската комора кој што не регулира нови односи и затоа нема нормативен карактер, поради што и не подлежи на уставносудска оцена.

Меѓутоа, со формулацијата дека коморскиот уписен влог се плаќа по уписот во Именикот на адвокати, според Судот, оспорената одлука добива нормативен карактер, односно карактер на пропис, со оглед на тоа што Адвокатската комора повторно плаќањето на коморскиот уписен влог го пропишува како дополнителен услов за обавување на адвокатската дејност, а не се ограничува само на определувањето на неговата висина, што е надвор од Законот за адвокатурата. Ова од причини што согласно член 6 став 1 од Законот за адвокатурата, адвокатската дејност ја вршат исклучиво адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија. Согласно член 10 став 2 од Законот, по уписот во Именикот на адвокати на Адвокатската комора на Република Македонија, на упишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.

Оттука, произлегува дека според Одлуката, плаќањето коморски уписен влог по запишувањето во именикот на адвокати претставува услов за добивање на лиценца за работа, иако Законот тоа не го утврдува како услов.

Поради наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука, во делот „ По уписот во Именикот на адвокатската комора на Република Македонија“ може основано да се доведе под сомнение во однос на нејзината согласност со член 10 став 2 од Законот за адвокатурата и член 51 од Уставот на Република Македонија.

9. Со член 11 став 1 од Законот, се утврдува свечената изјава која адвокатите кандидати ја даваат пред запишувањето во Именикот на адвокати, а со став 2, 3 и 4 од истиот член, се воведува должност за адвокатите, во постапувањето пред судот, да носат тога, чиј изглед со акт го определува Адвокатската комора на Република Македонија.

Според Судот, право е на законодавецот, имајќи ги предвид улогата и значењето на адвокатите во постапките пред судот, да го определи изгледот на адвокатите при постапувањето во судот преку утврдување обврска за носење посебна облека – тога, со што, од една страна, се укажува на официјалноста на постапката пред судот, а од друга страна се издвојуваат адвокатите од другите учесници во постапката на судењето.

Во оваа смисла, Судот го имаше предвид и фактот дека законодавецот, во член 57 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006), утврдил обврска за судиите, при судењето да носат посебна судска облека (тога) со која се издвојуваат од другите учесници во постапката, чиј што изглед и условите под кои се носи се утврдуваат со акт што го донесува министерот за правда. Исто така, законодавецот, во член 55 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/2004), утврдил обврска и за јавните обвинители на главниот претрес да носат посебна облека (тога) со која ќе се издвојуваат од другите учесници, чиј што изглед и условите под кои се носи посебната облека се утврдува со правилник што го носи министерот за правда.

Од анализата на наведената законска регулатива произлегува дека министерот за правда е овластен да го пропише изгледот и условите под кои се носат посебните облеки – тоги и на судиите и на јавните обвинители, со што законодавецот обезбедил нормативни претпоставки дека тогите на овие учесници во постапката пред судот ќе се разликуваат, со што ќе се постигне целта овие учесници во постапката да се издвојуваат едни од други.

Во случајот со изгледот на тогите на адвокатите, законодавецот, со Законот за адвокатурата, се определил Адвокатската комора да биде овластена да го определи изгледот на тогата што ќе ја носат адвокатите и условите под кои истата се носи.

Ваквото овластувањето за Адвокатската комора, според Судот, произлегува од статусот и улогата на Адвокатската комора, како организирана форма преку која се изразува самостојноста и независноста на адвокатската дејност, поради што Судот оцени дека наводите во иницијативата дека со наведеното овластување Адвокатската комора од јавна служба се трансформирала во текстилна производствена конфекција што претставувало повредна на член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, се неосновани.

10. Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби, според Судот, воведувањето на адвокатски испит, како еден од условите за запишување во Именикот на адвокатите, е неспорно право на законодавецот. Ова поради тоа што државата има обврска да создаде услови за стручно и квалитетно извршување на адвокатурата како уставно утврдена дејност, во која смисла и да ги утврди условите кои треба да ги исполнат лицата за стекнување статус на адвокат, а се со цел подигање на нивото на стручност и компетентност во извршувањето на функцијата. Притоа, право е на законодавецот да ја цени целисходноста од постоењето на секој посебен услов кој го пропишува за оваа намена.

Оспорената определба, пак, адвокатскиот испит да се спроведува во Адвокатската комора, пред комисија составена од адвокати, според Судот, ја одразува спецификата на испитот, односно дека станува збор за полагање испит кој се однесува само за дипломираните правниците кои сакаат да се бават со адвокатска дејност, поради што Судот оцени дека основано произлегува испитот да се организира од страна на Адвокатската комора како највисока и единствена организација во која членуваат сите адвокати во Република Македонија.

Оттука, Судот оцени дека одредбата за полагање на адвокатски испит како услов за запишување во Именикот на адвокатите, како решение утврдено во член 12 став 1 алинеја 7 од Законот и одредбите за начинот на полагањето на испитот утврдени во член 12-а ставовите 1, 2, 3 и 5 од Законот, не може да се доведат под сомнение во однос на согласноста со член 8 и член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот од аспект на наводите во иницијативата.

11. Според член 18 ставовите 3 и 4 од Законот, на секој поднесок или исправа составена во адвокатска канцеларија, адвокатот е должен да стави штембил на адвокати, односно штембил на адвокатско друштво, адвокатска маркичка, издадена од надлежен државен орган, предвидена со посебен закон и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија. При застапување пред суд и други органи адвокатот е должен на судот да му предаде соодветна адвокатска и коморска маркичка за застапување.

При анализата на оваа одредба, Судот имаше предвид дека со одредбата на член 98 став 6 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005), се утврдува дека поднесокот на адвокатот задолжително содржи штембил на адвокатот и адвокатска маркичка предвидена со посебен закон, во спротивно поднесокот е неуреден и судот ќе го отфрли. До донесување на посебен закон со кој се уредува адвокатската маркичка, поднесокот од адвокатот задолжително треба да содржи само штембил.

Од анализата на наведените законски одредби, произлегува дека секој поднесок или исправа составена од адвокат, задолжително треба да содржи штембил на адвокатот, адвокатска маркичка и коморска маркичка.

Адвокатската маркичка, која е оспорена со иницијативата, треба да биде издадена од надлежен државен орган и уредена со посебен закон.

Според работната верзија на Законот за адвокатската маркичка, адвокатската маркичка ќе биде фискален инструмент преку кој адвокатите ќе плаќаат надомест за преземените дејства; адвокатската маркичка ќе ја издава Управата за јавни приходи.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека наводите во иницијативата дека со дополнувањето на членот 18 од Законот, се воведувала адвокатска маркичка која ќе ја издава надлежен орган на Адвокатската комора на Република Македонија, се неосновани.

Исто така, Судот ги оцени како неосновани и наводите во иницијативата дека воведувањето на адвокатската маркичка значело и воведување монополска положба и однесување на адвокатите како исклучиво единствени даватели на правна помош и услуги, во однос на лицата со положен специјалистички испит за заштита на правата од одделни области (нотари, извршители, правници со положен правосуден испит кои работат во областа на индустриска сопственост, патентирање, заштита на авторски права), со што овие лица се доведувале во нерамноправна положба во однос на адвокатите. Ова од причини што адвокатска маркичка е фискален инструмент во функција на обезбедување евиденција на активностите на адвокатите заради утврдување на нивна даночна обврска, а не значи ослободување на адвокатите од даночна обврски, што би ги довело во привилегирана положба во однос на другите овластени лица кои пружаат услуги во одредени области, поради што Судот оцени дека со оспореното решение не се повредува на член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.

12. Законодавецот, во рамките на уставното овластување за уредување на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува и дава правна помош согласно со закон, со Законот за адвокатурата утврдил дека самостојноста и независноста на адвокатурата се остварува и со организирање на адвокатите во Адвокатска комора.

Во оваа смисла, со член 34 став 1 од Законот се утврдува дека Адвокатската комора на Република Македонија во својата работа е самостојна и независна. Со ставот 2 на истиот член се утврдуваат надлежностите на Адвокатската комора; со ставот 3 се утврдува можност Адвокатската комора да може да формира трговско друштво, а со ставот 4 се утврдува дека Адвокатската комора на Република Македонија соработува со адвокатски комори на други држави и други адвокатски меќународни организации.

Определбата искажана во оспорениот член 34 став 1 од Законот, според која Адвокатската комора на Република Македонија во својата работа е самостојна и независна, според Судот, претставува разработка на уставната определба за адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува и дава правна помош согласно со закон, поради што Судот оцени дека таквата определба не може да се доведе во корелација со член 32 ставовите 1 и 2 и член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, како што се наведува во иницијативата.

13. Со членот 37-а од Законот, се уредува институтот осигурување од одговорност, со цел заштита на граѓаните од евентуална штета која со намера адвокатот би им ја нанел во вршење на адвокатската дејност.

Така, се утврдува дека адвокатот е должен да се осигура од одговорност за штета која би ја сторил на трети лица со намера при вршење на адвокатската дејност. Повредата на обврската за осигурување од одговорност претставува тешка повреда на адвокатската должност.

Имајќи го предвид значењето на адвокатурата во пружањето правна помош и заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, според Судот, уставниот основ за законско уредување на адвокатската дејност, подразбира и право на државата, односно законодавецот да обезбеди поголема заштита на граѓаните преку гарантирање на обештетување за штети предизвикани со несовесно работење на адвокатите. Тоа не е во функција на ограничување на адвокатите во вршењето на нивната дејност и ослабување на нивната моќ, како што се наведува во иницијативата, туку напротив, во функција на обезбедување поголема сигурност и доверба на граѓаните дека ќе ја добијат бараната правна помош од адвокатот, без опасност дека притоа ќе бидат оштетени поради несовесност.

Поради изнесеното Судот оцени дека оспорената законска одредба од членот 37-а од Законот, со која се уредува осигурувањето од одговорност за штета која адвокатот би ја сторил на трети лица со намера при вршење на адвокатската дејност, не може да се доведе под сомнение во однос на членот 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.

14. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, односно ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

а) Со оглед на тоа што оспорените член 35 став 1 точка 2 и член 36 од Законот за адвокатурата, како и оспорените член 23 став 1 алинеја 14 и член 82 алинеја 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, биле оценувани од Уставниот суд на Република Македонија и со Решение У. бр. 51/2003 не била поведена постапка за оцена на нивната уставност и законитост, Судот оцени дека иницијативата за повторна оцена на нивната уставноста и законитоста треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Имено, според образложението на Решението на Судот, Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба, па оттука истата има право во рамките на Законот за адвокатурата да ги определи условите за вршење на дејноста адвокат, како и да го определи начинот на своето организирање и финансирање, со соодветна разработка во статутарните одредби за кои има основа во Законот. Имено, од содржината на оспорениот член 35 точка 2 и оспорениот дел на член 36 од Законот произлегува дека коморскиот уписен влог е еден од изворите на приход на Комората, а Управниот одбор на Комората одлучува за неговата висина, што е во релација со самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба, согласно член 53 од Уставот. Според тоа не би можело да се постави и прашањето за согласноста на членот 82 алинеја 2 од Статутот со наведените уставни и законски одредби, кој го предвидува коморскиот влог како извор на приход на Комората. Од друга страна оспорениот дел на членот 36 од Законот претставува законски основ за оспорената алинеја 14 на членот 23 од Статутот, кој во надлежноста на Управниот одбор го става и донесувањето на Одлуката за определувањето на коморски уписен влог.

Оспорените одредби биле повторно предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, меѓутоа со Решение У. бр.122/2005 година, Уставниот суд ги отфрлил иницијативите поради тоа што за истата работа веќе одлучувал.

Наводите, пак, во иницијативата за несогласноста на оспорените член 34 став 1, член 35 став 1 точка 2 и член 36 од Законот со членот 10 став 1 од истиот закон, претставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на одредби од ист закон, што не е прашање во надлежност на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.

б) Оспорениот член 84 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија е укинат со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У. бр. 51/2003.

Со оглед дека со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста на одредба која не постои во правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

в) Оспорената Одлука од 30.05.2003 година со која се утврдува висината на уписниот коморски влог, повеќе пати била предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, при што Судот во сите случаи оценил дека оспорената одлука не претставува пропис подобен за уставносудска оцена, поради што ги отфрлал иницијативите (Решенија У. бр. 109/2003, У. бр. 7/2004, У. бр. 32/2004, у. бр. 122/2005, У. бр.224/2005).

Со оглед дека оспорената одлука не е пропис и повеќе пати била предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, а не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.

15. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за прифаќање на барањето во иницијативата, до донесување конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на Одлуката на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, донесена на седницата одржана на 23.12.2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 1/2007)

16. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

17. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.31/2007
12 септември 2007 година
26 септември 2007 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски