271/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 февруари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на

а) Мислењето на Комисијата за иселенички прашања во Владата на Република Македонија, бр.26-24/261 од 8 ноември 1992 година, упатено до Самоуправната интересна заедница на домување и комунални работи на Општина Дебар; и

б) Решението на Окружен суд во Скопје Г`. бр.5396/93 од 27 октомври 1993 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Белул Пачуку од Дебар му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што според нив, становите наменети за повратници од источноевропските земји, а кои ги користеле на определено време граѓани што немале таков статус, биле изземени од продажба.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените акти не претставуваат прописи односно општи акти во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што утврди дека не е надлежен да одлучува за нивната уставност и законитост.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.