Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јуни 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 17-а став 1 точките 1 и 2, и на член 74-а став 2 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 46/93 и 55/95).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 37 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 46/93 и 55/95).
3. На Уставниот суд на Републка Македонија, А.Д. Холдинг-компанија “Отекс” Охрид му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата со Законот за здравствена заштита, врз начелото на взаемност и солидарност, било востановено здравствено осигурување заради остварување одредени права од здравствена заштита во случај на болест, повреда и други права утврдени со овој закон. Меѓутоа, со оспорените одредби од овој закон, спротивно на утврденото начело на взаемност и солидарност, биле воспоставени облигациони односи затоа што, остварувањето на правата утврдени со Законот било условено со плаќањето, односно со навременото плаќање на придонесот за здравствена заштита или тоа се условувало со предходно времетраење на здравственото осигурување што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 8, член 34, член 39 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 17-а од Законот осигурениците можат да остваруваат право на парични надоместоци, ако ги исполнуваат следниве услови:
1) здравственото осигурување да траело непрекинато најмалку шест месеци пред настапувањето на случајот за кој може да се оствари правото, освен во случаите на повреда на работа и професионално заболување;
2) придонесот за здравствено осигурување да е редовно уплатуван или со задоцнување од најмногу 60 дена, и
3) оцената за привремена спреченост за работа да ја дал избраниот лекар, односно лекарската комисија од член 24 од овој закон.
Со оспорениот член 37 од Законот е предвидено дека правата од задолжителното здравствено осигурување во рамките на обемот на правата утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на него, осигуреникот и членовите на неговото семејство ги остваруваат врз основа на здравствена легитимација и доказ дека придонесот за здравствено осигурување е платен, а според оспорениот став 2 на член 74-а од Законот, за осигурениците за кои Фондот ќе утврди дека редовно не е уплатен придонесот или уплатата задоцнила повеќе од 60 дена, правата од здравствено осигурување на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување им се ускратуваат, освен правото на итна медицинска помош, а ускратените права повторно им се воспоставуваат со денот на намирувањето на сите пристигнати, а не уплатени обврски.
5. Според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, покрај другото се хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон, а според член 39 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.
Со членот 18 од Законот за здравствена заштита е предвидено дека осигурениците од членот 12 точката 1,2,3,5,6 и 7 од овој закон имаат право на надоместок на личен доход за време на привремена спреченост за работа поради болест или повреда, медицинско испитување, доброволно давање на крв, ткиво или орган, негување на болно дете до тригодишна возраст, изолираност заради спречување на зараза, неопходно придружување на болно лице упатено на преглед при лекување во друго место, негување на болен член на потесното семејство над три години возраст – до 30 дена, и неопходно придржување на болно дете до три годишна возраст додека е на болничко лекување – до 30 дена.
Според ставот 2 на овој член надоместокот на личниот доход од став 1 од овој член припаѓа од првиот ден на спреченоста за работа и трае цело време додека трае спреченоста, а се исплатува за деновите за кои се остварува личен доход според прописите за работните односи.
Тргнувајќи од уставните одредби на членовите 34, 35 и 39 од Уставот, како и од карактерот на Република Македонија како социјална држава што има за цел воспоставување на социјална заштита и права, Републиката обезбдува здравствена заштита што има основа и во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. При тоа, Уставот само утврдил право на социјално осигурување и го гарантирал правото на здравствена заштита, а условите, начинот и обемот на правата препуштил да се уредат со закон, во случајов со Законот за здравствена заштита. Со овој закон, меѓу другото, се утврдени и условите за остварување на правото на паричен надоместок на плата за време на боледување. Во таа смисла оспорената одредба од член 17-а од Законот предвидела претходно здравствено осигурување најмалку непрекинато од 6 месеци пред настапување на случајот и придонесот да е редовно уплатуван или со задоцнување од 60 дена.
Меѓутоа, остварувањето на правата од здравствена заштита непосредно е поврзано со плаќање на придонес за здравствено осигурување што произлегува од задолжителното здравствено осигурување воспоставено со Законот. Оттука и произлегува дека во здравственото осигурување е воспоставен принцип на взаемност помеѓу правата на осигурениците и плаќањето на придонес за здравствено осигурување. Ова од причини што законска обврска е да се обезбедат средства за остварување на уставната гаранција за правото на здравствена заштита преку уплата на придонес за здравствено осигурување во Фонддот за здравствено осигурување. Според мислењето на Судот принципот на солидарност и взаемност воспоставен со Законот се состои во различните улагања на осигурениците во Фондот за здравствено осигурување, а не и во изедначување на правата на осигурениците без оглед дали се исполнети обврските за плаќање на придонесот.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорените одредби не се во несогласност со член 8 став 1 алинеја 8, со членовите 34 и 49 и со член 55 став 2 од Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. На седницата Судот утврди дека Судот одлучувал за уставноста на член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот, односно 37 од Законот и со Решение У.бр.23/96 и У.бр.46/96 од 13 март 996 година оценил дека не може да се постави прашањето за неговата уставност.
Со оглед на тоа што Судот одлучувал за уставноста на оваа оспорена одредба, а нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов(У.бр.26/96).