258/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Поглавје 17 од Упатството за примена на Законот за данокот на додадена вредност, број 08-9289/1 од 19 јуни 2000 година, донесено од министерот за финансии на Република Македонија.

2. Друштвото за услуги, производство, транспорт и трговија „Книговодител“ ДООЕЛ од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот дел од Упатството бил во несогласност со членот 51 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и со членот 5 од Законот за данок на додадена вредност како и упатувало на примена која била надвор од законската определба. Имено, со оспореното поглавје од Упатството, министерството во улога на законодавен орган го проширило значењето на членот 5 од Законот, со тоа што упатувало правните субјекти да плаќаат средства на данокот на додадена вредност (ДДВ) или камати на неплатен ДДВ, ако оттуѓат средство за работа со кое стекнувачот продолжувал да ја врши дејноста и создавал доход исто како претходниот сопственик. Ова со членот 5 од Законот не било предвидено и во пракса, се применувало на тој начин што овластените службени лица не признавале како дел од имот целина на машини за вршење на дејноста и цели градежни објекти во кои се вршела дејноста. Од овие причини министерството навлегло во ингеренциите на законодавната власт, и се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од Упатството.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 160 од Законот за органите на управата („Службен весник на СРМ“ број 40/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.63/1994 и 63/1998) и член 64 од Законот за данокот на додадена вредност, министерот за финансии го донел Упатството за примена на Законот за данокот на додадена вредност (ДДВУ), кое има 121 поглавје.

Поглавјето 17 од ова Упатство се однесува на оттуѓување на деловен потфат (стопанска дејност).

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Врз основа на членот 160 од Законот за органите на управата кој важел во време на донесувањето на оспореното упатство, било предвидено дека министерот со упатство можел да го пропише начинот на постапувањето во извршувањето на одделни одредби на законите и другите прописи и општи акти, а со членот 64 од Законот за данокот на додадена вредност е предвидено дека поблиските прописи за извршување на овој закон ќе се донесат во рок од 60 дена од денот на влегувањето ви сила на овој закон.

Судот оцени дека оспореното упатство се заснива на овие општи одредби од наведените закони, како основа на која е донесено.

Законот за данокот на додадена вредност нема посебна норма со која се дава овластување на министерот со подзаконски акт да го пропише начинот на постапувањето во извршувањето на одредбите од тој закон. Без посебно законско овластување министерот за финансии го донел оспореното упатство кое не е објавено во „Службен весник на Република Македонија“, и се однесува на службените лица во примената на Законот за данокот на додадена вредност.

Со оглед на тоа што оспореното упатство е донесено од министерот како акт со кој се даваат работни насоки на службените лица во примената на Законот за данокот на додадена вредност, тоа не е дел од правниот поредок и не е објавено во „Службен весник на Република Македонија“, што значи не претставува пропис во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија, за да може Уставниот суд да ја цени неговата согласност со Уставот и закон. Поради тоа Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.258/2007
28 мај 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски