253/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на решението У.бр.182/96 донесено од Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 16 октомври 1996 година со кое е отфрлена иницијативата за оценување на законитоста на Правилникот за решавање на станбени прашања во Министерството за одбрана, бр.14-2718/1 од 29.07.1996 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Димитрија Атанасовски од Скопје му поднесе иницијатива за преиспитување на решението на Уставниот суд означено во точката 1 од ова решение, затоа што во истото иницијативата била површно разгледана, само по еден основ, а по мислење на подносителот, Судот вршел селекција на прописите за кои бил надлежен да ги оценува. Понатаму, се наведува дека во поднесената иницијатива биле истакнати повеќе основи за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот Правилник, кои што Судот не ги зел предвид при одлучувањето. Имено, Судот со одлука У.бр.149/94 го укинал член 23 став 2 точка 1 од Правилникот за решавање на станбените прашања во Министерството за одбрана, па не било принципиелно истиот пропис во овој случај да не го испитува, и смета дека Уставниот суд треба да постапува секогаш кога се повредени правата на граѓаните, без оглед на називот на актот со кој тие права се повредени.

3. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.182/96 од 16 октомври 1996 година, ја отфрлил иницијативата на истиот предлагач за оценување на законитоста на Правилникот за решавање на станбени прашања во Министерството за одбрана бр.14-2718/1 од 29 јули 1996 година, од причина што нашол дека оспорениот правилник не претставува пропис донесен од министерот за одбрана во вршење на јавни овластувања утврдени со закон, туку претставува акт со кој се уредени прашањата кои се однесуваат на решавањето на станбените прашања како едно од правата од работниот однос на вработените во Министерството за одбрана, поради што Судот нашол дека не е надлежен, во смисла на член 110 од Уставот, да ја оценува законитоста на овој Правилник.

4. Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал по повод иницијатива на истиот предлагач за поведување на постапка за оценување на законитоста на спорниот Правилник, при што со решението У.бр.182/96 од 16 октомври 1996 година ја отфрлил иницијативата поради ненадлежност, а по повод оваа иницијатива нема основ за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.253/96)