24/1996-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 24-д став 4 од Колективниот договор за здравствена дејност на Република Македонија, склучен помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/92, 45/92, 81/93 и 1/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од д-р Владо Петровски и д-р Киро Ѓоргоноски од Струга, за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Колективниот договор означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидува работодавецот да може да воведе приправност за определени здравствени и други работници ако не може да обезбеди континуирана работа во смени и дежурства во одделни дејности (поради немање доволен број работници), што значело повреда на уставно загарантираните права на приватен личен и семеен живот и на слободно движење на работниците кои се во приправност, како и на должината на нивната работна недела која и за нив е утврдена со Законот за работните односи (40 часа редовна работа неделно + 10 часа продолжена работа неделно, најмногу), поради што таа одредба од Колективниот договор не била во согласност со членовите 25 и 27 од Уставот на Република Македонија и со членовите 30 став 1, 35 став 1 и 3 и 86 став 1 од Законот за работните односи.

3. На седницата Судот утврди дека оспорената одредба е укината од Судот со Одлука У.бр.219/95 и У.бр.260/95 од 5 март 1997 година, затоа што со таа одредба од Колективниот договор се регулира работното време иако, според член 39 од Законот за работните односи, работното време во здравството се утврдува со закон или со акт на Министерството за здравство.

4. Со оглед на тоа што оспорената одредба од Колективниот договор престанала да важи, Судот утврди дека, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, нема процесни претпоставки за натамошно постапување по иницијативата.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.24/96)