24/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 78 став 1 од Законот за ловот (“Службен весник на СРМ” бр.43/88, 18/89, 26/89, 20/90, 36/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.17/91 и 82/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Газменд Ајдарага дипл.инг.агр. од Дебар му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 78 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него била предвидена задолжителна обврска за изрекување на заштитната мерка одземање на предмети, кога таква мерка била со закон пропишана за одреден прекршок. Ваквата законска одредба не била во духот на уставните темелни вредности, а посебно со уставното право на сопственост и правото на работа, затоа што оваа заштитна мерка била со трајно, а не со времено дејство. Понатаму во иницијативата се наведува дека со оглед на тоа што како предмет на заштитна мерка-одземање на предмет можеле да бидат и недвижности, и што вредноста на одземениот предмет можела да биде многу поголема од најтешката прекршочна казна со што се загрозувала животната егзистенција, ваквите мерки не одговарале на уставните одредби.
3.Судот на седницата утврди дека со Законот за ловот се уредува одгледувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивеч (член 1). Според член 3 од Законот дивечот е добро од општ интерес и ужива посебна заштита определена со овој закон. Ловот, според член 5, има стопанска, спортска и друга намена.
Во членовите 76 и 77 од Законот се утврдени казните за сторен прекршок и за стопански престап, при што како единствена казна е предвидена паричната казна. Во оспорениот член 78 од Законот е предвидено дека покрај паричната казна за одредени стопански престапи или прекршоци ќе се изрече и заштитна мерка одземање на уловот односно трофејот, како и средствата и предметите употребени за извршување на сторен стопански престап односно прекршок, а на физичкото лице покрај паричната казна за сторен прекршок од член 77 од Законот ќе му се изрече и заштитна мерка одземање на ловечката дозвола.
4. Според член 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Со член 14 став 1 од Уставот е утврдено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а според став 2, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.
Уставот на Република Македонија, не содржи формална дефиниција за тоа што се смета за казниво дело, односно не ги утврдува видовите на казниви дела. Тоа значи дека Уставот не ги разликува казнивите дела според степенот на општествената опасност и затоа принципите на казнените постапки се однесуваат на казнивите дела воопшто. Материјалното дефинирање на прекршоците (член 8 од Законот за прекршоците) нив ги определува како повреда на јавниот поредок утврден со закон или со друг пропис, за кој е предвидена прекршочна санкција и ги определува прекршочните санкции, од што може да се извлече заклучок дека во својата суштина прекршоците се казниви дела односно тие претставуваат општествена опасност што се создава со нивното сторување, а казнувањето е начин за спречување на таа општествена опасност.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека постои уставен основ со закон да се утврдат казнивите дела, како и да се утврдат казните за сторување на утврдените казниви дела, и како можна санкција за одреден вид на казниви дела да се пропишат и соодветни заштитни мерки, кои претставуваат посебен вид на санкции кои покрај респресивниот карактер имаат и превентивна функција, затоа што со нивното изрекување, всушност се спречува можноста да се вршат казниви дела.
Според тоа, Судот смета дека со закон можат и прекршоците да се предвидат како еден вид казниви дела и за нив да се пропишат прекршочни санкции, а кои дејствија ќе се предвидат како прекршок и какви прекршочни санкции ќе се утврдат е прашање за кое одлучува законодавното тело.
Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост. Со став 2 на овој член веќе во одредена мерка се ограничува апсолутноста на ова право, со тоа што се предвидува дека сопственоста создава не само права туку и обврски и истата треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Ова уставно ограничување на правото на сопственост значи дека ова право не смее да се злоупотребува и да се користи на штета на заедницата, па според тоа средствата што се во сопственост на граѓаните не би требало да се користат за вршење на казниви дела, а доколку се користат за таа цел неопходно е предвидување и на соодветни санкции.
Тргнувајќи од уставната должност за почитување на Уставот и законите, Судот оцени дека постои уставна основа за санкционирање на одредени дејствија со кои се повредуваат други слободи, права и должности утврдени со Уставот, а со тие санкции и да се ограничи правото на сопственост ако користењето на тоа право е на штета на други слободи и права, како и да се ограничат други слободи и права. Така во член 43 став 2 од Уставот е предвидена должност за унапредување и заштита на животната средина и природата. Целта на оваа уставна одредба е да создаде активен однос на граѓанинот кон добрата кои се во негов посебен и заеднички интерес. Реалната содржина на оваа одредба се состои во односот на државата кон оние поединци и субјекти кои имаат штеточинско однесување кон животната средина и природата со дејствија кои или ја загадуваат животната средина или ја оштетуваат природата, односно шумите, водите, воздухот, животинскиот свет. Со цел да се оствари оваа уставна должност неминовно е донесување на соодветни закони во кои покрај системот за унапредување и заштита на животната средина и природата во кој систем се опфаќа и обврската на Републиката да создава услови за остварување на ова уставно право на граѓаните, мора да се предвиди и ефикасен сисдтем на санкции.
Од друга страна според член 56 став 1 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според тоа и животинскиот свет (дивечот) мора да се користат под определен режим при што посебната заштита на овие добра е должна да ја обезбеди Републиката, која во таа смисла е должна да создаде нормативни и други претпоставки за зачувување на растителниот и животинскиот свет односно за нивна заштита и унапредување. Со цел да се овозможи остварување на овие уставни принципи и обврски на Републиката, неминовно е со закон да се предвидат и соодветни санкции. Какви санкции ќе се пропишат и дали тие ќе бидт соодветни на стореното казниво дело односно на сторениот прекршок е прашање на казнената политика што ја води законодавното тело.
Со оглед на тоа што уставно гарантираните права не ги ослободуваат граѓаните од извршувањето на должностите утврдени со Устав и со закон, Судот утврди дека не е во несогласност со Уставот за непридржување кон одредени правила пропишани со закон да се пропишат и соодветни санкции, а во тие рамки и заштитни мерки.
Имајќи го предвид изнесеното, како и тргнувајќи од фактот што со оспорениот закон се уредува посебна заштита на добра од општ интерес, Судот смета дека предвидената заштитна мерка-одземање на предмети употребени или неманети за сторен прекршок не излегува надвор од рамките на Уставот и нејзината цел е остварување на принципот на заемност меѓу определени права и должности, односно со неа се овозможува користењето и остварувањето на определени права да биде условено со исполнување на одредени обврски.
5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.24/95).