239/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на член 28 од Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места во Општинскиот суд во Титов Велес, од 24 декември 1986 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Елизабета Пупулиева од Велес-адвокат од Неготино, му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на член 28 од актот означен во точката 1 од ова решение, во која наведува дека во член 28 од оспорениот Правилник било предвидено дека на работното место-стручен соработник може да биде примено лице кое, покрај општите услови, ги исполнувало и следните посебни услови: завршен правен факултет-правосудна насока и работно искуство-стаж од 1 година.

Со оглед на тоа што во член 96 од Законот за судовите било предвидено дека стручен соработник може да биде лице – дипломиран правник, кое ги исполнува општите услови определени со Законот за засновање на работен однос во орган на државната управа, и има положен правосуден испит, предлагачката смета дека оспорената одредба од член 28 од Правилникот не е во согласност со Законот за судовите.

3. На седницата Судот утврди дека оспорениот Правилник престанал да важи со донесувањето на Актот за внатрешна организација и систематизација на работните места во Основниот суд Велес, донесен од Претседателот на Основниот суд – Велес на 15 октомври 1996 година.

Иницијативата за оценување на законитоста на оспорениот Правилник е поднесена на 15 ноември 1996 година.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара оценување на законитоста на акт кој престанал да важи пред поднесувањето на иницијативата, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за водење на постапка, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.239/96)